Една од првите задачи на новиот министер за надворешни работи на Бугарија и идниот бугарски премиер е да се формираат работни групи меѓу Бугарија и Македонија кои ќе опфатат различни области. Ова го коментираше Кирил Петков, лидерот на „Продолжуваме со промената” која победи на парламентарните избори во Бугарија, во програмата „Седмицата“ на бугарското приватно национално радио „Дарик“.
Како што јави дописникот на МИА од Софија, според Петков, овие работни групи треба да бидат слични на оние во преговорите меѓу идните коалициски партнери во Бугарија, односно да има работни групи за економија, инфраструктура, култура, историја, човекови права и да почнат да работат на секоја од овие теми што е можно потранспарентно, за да можат двата народа да се запознаат со реалните теми и секој да почне да размислува која е цената ако нема добрососедство меѓу двете земји и обратно – какви се успесите ако има вистинско добрососедство.
Според Петков, на тој начин темата за историјата, која не треба да се игнорира, ќе стане една од темите на разговор, но нема да биде единствена.
Петков рече дека за да стигне до Скопје со авион морал да лета преку Виена и праша зошто нема железничка линија која ќе ги поврзе Бугарија и Северна Македонија. Тој праша и зошто не се одржуваат конференции за различни индустрии, со што ќе се поврзат бизнисите на двете земји да работат заедно и зошто нема заеднички концерти.
-Да ги имавме овие работи, како би изгледале нашите економии? Тогаш подготвеноста за компромиси за прашања што се важни за нас како народ и за нив како народ би требало полесно да ги решаваме – коментираше Петков.
Тој истакна дека добрите резултати, доаѓаат преку работа, а не преку добри идеи и слогани, додавајќи дека е најтешко кога лидерите не се виделе или ако се гледаат на секои шест месеци.