Во знак на „добрососедство“

Премиерот на Бугарија, Бојко Борисов, пред да ги смени нашите учебници по историја и да ја натера македонската комисија, предводена од академик Драги Ѓоргиев, да напише дека Бугарите не биле фашисти и окупатори, туку ослободители на Македонија, треба да се поклони пред споменикот во Ваташа, извинувајќи се за масакрот што бугарската држава го направила на 16 јуни 1943 година, ѕверски убивајќи 12 младинци од Ваташа, меѓу кои имало и деца што немале наполнето ни 15 години

Ако е за добрососедство, а не за бришење на соседите и нивната историја, премиерот на Бугарија, Бојко Борисов, во неделата на 16 јуни 2019 година требаше да допатува во Македонија и јавно да се извини за масакрот што неговата држава го направила на тој ден. пред 76 години, во селото Ваташа, Кавадаречко, кога биле убиени дванаесет младинци само затоа што биле Македонци. Бугарските фашисти на 16 јуни 1943 година ги стрелале Перо Илов, кој бил најмал со 15 години, Ванчо Гурев, Данко Давков, Илија Димов, Ристо Гондев, Блаже Ицев, Пане Мешков, Герасим Матаков, Диме Чекоров Пане Џунов, Ферчо Попѓорѓиев, Васо Хаџи-Јорданов, кој со дваесет и осум години бил најстар во групата. По капитулацијата во 1944 година, „добрососедската“ држава на премиерот Борисов го признала масакрот, испорачувајќи ѝ ги на Македонија директните извршители на стрелањето во Моклиште.

Ацо Шопов: Одмаздата му тежи на врагот!

Големиот македонски поет Ацо Шопов за овој настан меѓу другото ќе напише: „Јуни. Тиквешко. 1943. Окупаторот беснее од немоќ. Ништо не го запира победоносниот разгор на сенародната борба. Ни јавните закани, ни затворите, ни претепувањата, ни убиствата одненадеж, во постела – дома, на нива, – во полето. Секоја закана е стократен гнев, секое убиство – повик за слобода. Тежи воздухот од одмазда, одмаздата му тежи на врагот. Над Ваташа се вгнездува ноќта, во ноќта се вгнездува врагот. Селото заспива опкружено од дива глутница. А во раниот изгрев – дванаесет удари со кундаци на дванаесет ваташки порти и страотен кучешки лај. Викотници, писоци, пцости. Дванаесет врзани младинци во селската кафеана…“ Потоа пишува за сите дванаесет одделно, и на крајот, по потресната сцена на стрелањето, го завршува својот текст со „непрегледната сончева колона“: „Ако не ве препознаат мајките, ќе ве препознае земјата, ќе ве препознае колоната во која мртви чекорите, непрегледна сончева колона на младоста.“

Според Раде Гогов, сведок на настаните од 1943 година, на 16 јуни 1943 година, по неуспешниот обид за деноноќна осумдневна офанзива од 7 до 15 јуни за да ги уништи партизанските одреди „Добри Даскалов“ и „Сава Михајлов“, кои оперираат во Тиквешијата, бугарските окупатори со големи воени и полициски сили извршиле блокада на Ваташа, Кавадарци и Неготино:
„Бугарскиот окупатор во таа акција уби неколку партизани во заседа, две мајки на партизани и уште неколку лица, што беше малку за нивниот план да го уништат движењето. Бугарскиот окупатор и неговите разбеснети војници и полицајци во Тиквешко го запомнија оружјето на Македонците. За осум дена колку што траеше нивната офанзива до стрелањето на ваташките деца, триесет окупаторски војници и полицајци ги оставија коските во земјата што им беше туѓа, не нивна, а педесет ќе носат белези по телата, главите и нозете сѐ додека бидат живи. Полковникот Апостолов, оној што ја даде наредбата за стрелање на младинците, по капитулацијата на Бугарија на 9 септември 1944 година, успеа да избега во Софија. Неколку дена потоа некој Тиквешанец, кој бил интерниран во Бугарија, го сретнал на улица и со помош на неколкумина другари го фатил и го однел во македонската народноослободителна бригада „Гоце Делчев“. Крвникот сѐ уште носел полковничка униформа.

По налог на новата бугарска отечественофронтовска влада го спровеле во Скопје, а потоа во Кавадарци. Кога разбрале за тоа мајките на стреланите деца, веднаш пристигнале во Кавадарци, влегле во затворот и за малку ќе го отепале. Тој е изведен пред народниот суд, во салата на Монополот, и е осуден на смрт со стрелање. Го воделе пеш кон Возарци на околу еден километар од градот, а војниците од народната одбрана одвај успеале да го спасат од народот. Кога му ги врзале очите и го наместиле пред ископаниот гроб, стотици камења летнале кон него, врз човекот што не беше тоа. И другите виновници поминаа исто или слично. Поручникот Костов и Петко Опреков беа ликвидирани, додека Димитар Раев, Асен Богданов и Борис Жуглов беа осудени на смрт во Скопје и стрелани“, пишува првоборецот Раде Гогов.

Невена и Ката го гледале стрелањето на своите браќа!

Ваташанката Павлина Касапинова, една од четирите девојки што биле со колоната за стрелање, но сепак имале среќа да преживеат, во едно во сеќавање вели: „Неколкумина од другарите имаа часовници. Војниците, откако ги избодеа, ги ограбија по смртта!“ Другарките Невена и Ката го гледале стрелањето на своите браќа, Васо Хаџи Јорданов и Блаже Ицев. Кате Ицева подоцна има изјавено: „Уште недоубиени, нас младинките нѐ тераа да седиме до нив, туркајќи нѐ со пиштолите в рака. Ние мислевме дека и нас ќе нѐ стрелаат и при туркањето бевме испрскани со крвта на нашите браќа и другари“. И Невена Махајлова Хаџи Јорданова, една од младинките што била во групата, никогаш не го заборави тој 16 јуни 1943 година: „Тргнавме кон месноста Моклиште. Бев изненадена што нѐ водат кон Моклиште, а не кон Кавадарци, како што мислевме, на ново сослушување. Никој немаше низ селото, луѓето не смееја да погледнат ниту низ прозорците. Затоа и никој во Ваташа не знаеше дека нѐ водат кон Моклиште… Беше голема горештина. Полека одевме нагоре, претепани, а бевме и гладни и жедни. Веројатно беше околу 12 часот кога ни пријде поручникот Костов и нѐ праша дали е далеку Моклишкиот манастир. Кога разбра дека има уште еден час одење нареди да се запрат момчињата што беа пред нас. Кога ги стигнавме, видовме дека се бледи и изнемоштени. Нѐ чекаа кај Дуловото Долче, под една сенка. Брат ми Васо му пријде на Опреков и му рече дека не ја затворил кафеаната. ’Ќе ја затвори татко ти‘, одговори тој.

Потоа наместо во Моклиште нѐ одведоа на една лединка покрај реката Луда Мара, каде што имаше дрвја и грмушки. Момчињата беа клекнати под сенката на едно големо дрво, а ние девојчињата застанавме на 5-6 метри подалеку од нив. Костов, Опреков и агентите се тргнаа настрана и се договараа нешто. Се гледавме меѓу себе. Не ни помислувавме дека никогаш повеќе нема да се видиме. Војската беше во полукруг околу момчињата. На десетина метри зад нив се наоѓаше сувото корито на Луда Мара. Брат ми Васо го познаваше теренот, бидејќи тука имавме нива. Забележав дека сѐ повеќе се врти и погледнува зад себе. Наеднаш стана и, додека џелатите се договараа, почна да бега кон реката. Сѐ се случи за еден миг. Веднаш по него скокнаа и Диме Чекоров и Герасим Матаков, и тие потрчаа кон реката. Непријателот беше изненаден од смелоста на трите момчиња. Слушнав само кога викнаа: ’Стрелајте!‘ Почна страшна пукотница со митралези, пушки и револвери. Видов дека брат ми беше ранет во десното рамо – крв му бликаше нагоре и му поцрвени кошулата. Герасим падна и почна да офка, веројатно беше ранет. Диме за миг исчезна. Другите наши другари, како што беа клекнати попаѓаа од дождот куршуми. Ни глас не пуштија од себе. Од земјата се дигна прашина од куршумите што удираа во неа. Се замагли околу нас од правот и од чадот на митралезите и пушките. Видов како неколку војници и полицајци потрчаа по Герасим и со истрели го дотепаа. Ние четирите девојчиња гледавме како скаменети. Сѐ се случуваше како на сон. Повторував во себе дека ова не е вистина. Ги затворив очите не сакајќи да верувам во она што се случува пред мене. Не се сеќавам на другите моменти, освен на оној кога првите куршуми почнаа да ги погодуваат другарите. Секој од нив се тргнуваше за миг како да го удира струја. Паѓаа еден покрај друг. Војниците што потрчаа по брат ми Васо, по Диме и Герасим, се вратија и рекоа дека ги убиле.

Костов праша дали го убиле Васо, а тие рекоа дека го убиле некаде кон реката. За да се уверат дека се мртви бугарските војници со бајонетите ги бодеа мртвите момчиња право во срцата. Гледав дека некои од другарите за последен пат се грчеа по ударите на штиковите. А сите беа речиси деца. Неколкумина од нив имаа рачни часовници, што војниците, откако ги избодеа, им ги зедоа – ги ограбија по смртта. Потоа нас ни наредија да се вратиме во селото. Нашите другари и браќа со кои до синоќа бевме заедно лежеа мртви пред нас. Сите беа погодени и во главите, и уште крвавеа. Пане Мешков, Илчо Димов и Перо Видев, кој имаше само 15 години, беа во првиот ред.
Подоцна со моите плачејќи се вратив на местото на злосторството. Целото село се собра таму. Крај секое мртво тело тажеа неговите најблиски. Плачот одекнуваше надалеку. Таа слика не може да се опише и да се заборави. Брат ми Васо и Диме не можевме да ги најдеме. Дури по подолго барање ги откривме во тревата искасапени. Тоа не беа тела туку обезличена маса од месо и коски. Потоа малку погоре луѓето ископаа дупка во која ги закопавме мртвите другари еден до друг. Најпрво ставивме јаворови гранки, а потоа со нив и ги покривме речиси голите тела на убиените. Ова монструозно злосторство побуди невидена омраза кон бугарскиот окупатор…“

Окупаторот конечно ги симна маските!

Генерал Тодор Атанасовски, кој во тој кобен ден бил во Ваташа, запишал: „Стрелањето на ваташките деца не е само бескрупулозно злосторство на бугарските фашистички окупатори врз македонскиот народ и неговата непокорена младост туку и еден од низата настани што ја означуваат 1943 година како преломна година во подемот на НОВ во Македонија. Окупацијата не е прифатена, бугаризацијата никако, а на ’новиот поредок‘ македонскиот народ му објави војна….“

Според сведоштвата од тоа време, на 15 јуни во центарот на Кавадарци свирела воена музика донесена од Велес. Била донесена наредба улиците и куќите во Кавадарци и во Ваташа да бидат исчистени и попрскани со вода, а бил воведен полициски час, кој почнувал во 20 часот, а во селата во 19 часот. Во тој термин сите морале да бидат во своите домови. По полноќ, во Ваташа започнала организирана блокада на селото. Насекаде по улиците започнале да патролираат вооружени патроли. Во раните утрински часови на 16 јуни, бугарските полицајци го извршиле првото апсење. Го привеле младинецот Диме Чекоров, кој бил испратен во Кавадарци на испитување кај бугарскиот агент Борис Жуглов. Било среда, во градот бил пазарен ден, но никој од Ваташа не можел да излезе од дворот. Во селото пристигнал бугарскиот поручник Костов заедно со полицискиот началник од Кавадарци, Петко Опреков, и двајца бугарски агенти. Во кафеаната на Васил Хаџи Јорданов организирале истрага. Некаде околу девет часот во Ваташа пристигнал полковникот Љубен Апостолов, во придружба на началникот на скопската обласна полиција Асен Богданов, па по еден час повторно се вратиле во Кавадарци. Наскоро од градот стигнал список со имиња за апсење, направен врз основа на една пронајдена фотографија во џебот на уапсениот Диме Чекоров. Почнало крваво иследување, со крвничкото тепање од страна на поручникот Костов, полицискиот началник Опреков и двајцата бугарски полициски агенти. Селскиот учител Ѓорѓи, по потекло од Бугарија, се обидел да ги заштити младинците, кои добро ги познавал, но бил грубо отстранет.

Поручникот Костов испратил еден мотоциклист во Кавадарци, кој по еден час се вратил со наредба од полковникот Апостолов, уапсените младинци да бидат стрелани. Некаде околу пладне младинците двајца по двајца биле изнесени од кафеаната. Во придружба на цел еден кордон војска, младинците заедно со поручникот Костов, бугарските агенти и двајца полицајци, биле упатени кон месноста Дулово Долче. Младинците застанале под сенката на едно големо дрво, но окупаторските војници се наредиле во полукруг околу нив со митралези и пушки на готовс, а поручникот Костов тогаш наредил: „Наредете се еден до друг за да ве фотографираме“. Девојчињата се наоѓале на десната страна од младинците. Поручникот Костов се обидел да ги припои кон младинците, но полицискиот началник Опреков му се спротивставил дека тоа што тој го прави не е наведено во наредбата. Во „Билтен“ на Генералниот штаб на Народноослободителната војска и партизанските одреди на Македонија од септември 1943 година за масакрот во Ваташа меѓу другото пишува: „Тие се изрешетани со куршуми од митралези, па се после исечени и избодени, на некои им се вадени очите и сечени рацете. Младинките се стуткуваат една кон друга, а Костов со шмајзер и револвер, на кој сѐ уште му чади цевката, им се заканува“.

Гледајте и вас ќе ве снајде истото

Глигор Гечевски-Ивче, партиски активист и партизан, а по војната службеник на УДБА, кој со уште двајца други колеги го испитувал полковникот Апостолов пред судењето во Монополот, потврдува: „Беше осуден на смрт на 21 јануари 1945 година. Пресудата беше извршена на 1 февруари 1945 година во присуство на илјадници луѓе. Беше неделен ден.“ Значи, две години по масакрот, Народниот суд на Македонија ги осудил на смрт главните раководители и учесници во оваа акција: полковник Љубен Апостолов, капетан Борис Жеглов, поручник Костов и подофицер Петко Опреков. Пред тоа сите тие се предадени од новата влада на Бугарија на југословенските власти за судење како фашисти. Војниците од стрелачкиот одред, кои биле директни учесници во крвавото злосторство, ја добиле заслужената казна во борбата кај селото Страмашево на 13 јули 1944 година. Два баталјона на Втората македонска ударна бригада во жестоката акција успеале да ликвидираат четириесетина бугарски војници од оваа злогласна единица, а само неколкумина успеале да се спасат со бегање. Поручникот Костов и помошниот на полицискиот началник од Кавадарци, Опреков биле ликвидирани наскоро по капитулацијата на фашистичка Бугарија. Полковникот Апостолов на 3 ноември 1944 година го откриле македонските емигранти во Софија и го привеле во штабот на македонската народноослободителна бригада „Гоце Делчев“. Бил донесен во Кавадарци. Тука му било судено како на воен злосторник. Кавадаречкиот Народен суд го осудил на смрт, а му пресудил народот од овој крај. Обласниот полициски инспектор Димитар Раев и агентот Борис Жуглов биле стрелани, откако биле осудени на смрт во Скопје.

Премиерот на Бугарија Бојко Борисов, доколку навистина сака помирување и добрососедски односи со Македонија, наместо бришење од македонските учебниците, треба самиот да го замоли неговиот домаќин Зоран Заев да го одведе до Моклиште за да се извини за масакрот од име на бугарскиот народ, а потоа да им оддаде и почит на дванаесетте македонски младинци што биле убиени од злосторниците во име на тогашната бугарска држава. Колку за почеток, за почит и доверба.


За крвавиот план во Ваташа знаел и министерот за внатрешни работи во Софија!

Бугарскиот фашистички окупатор, имајќи сознанија за активностите на партиската организација од Ваташа, презел низа мерки за да го спречи Народноослободителното движење на Македонците. Затоа од Скопје во Ваташа во јуни 1943 година бил испратен бугарскиот областен директор Димитар Раев. Имајќи предвид дека ја губи контролата врз безбедноста во овој крај, тој се одлучил да преземе безмилосна и крвава акција. За таа идеја го известил и министерот за внатрешни работи во Софија со телеграма во која кажал дека ќе дејствува со јаки воени и полициски сили. Во акцијата биле вклучени велешкиот, битолскиот и прилепскиот полк, граничните подучастоци од Конско и Мрежичко, сите полициски сили од Тиквешијата и Гевгелиско, специјалниот полициски одред од Скопје, една група од пет-шест полициски агенти од Скопје на чело со Борис Жуглов, а сите тие биле под команда на злогласниот бугарски полковник Љубен Апостолов.

Според Петре Камчевски, историчар од Кавадарци, веднаш по доаѓањето на сите овие сили, започнал невиден терор врз цивилното население. Започнале претреси по куќите, психолошко заплашување со надлетување од авиони, исфрлање летоци со пропаганден материјал за масовно предавање на партизаните. Биле запалени куќи и плевни во селата Ваташа, Ресава и Шивец. Бројот на стреланите се зголемил на скоро шеесет лица од кои 5 во Кавадарци, 4 во Неготино, 4 во Шивец, по 5 во Дреново и Мрамор… Полициските мерки во овој крај биле особено засилени на 14 јуни 1943 година, а кулминирале со крвавиот настан од 16 јуни 1943 година, кога биле стрелани 12 младинци од Ваташа, меѓу кои имало и деца што немале наполнето ни 15 години.

Пишува: Блаже Миневски