Бригадниот генерал Методи Хаџи Јанев, денеска, на воената свеченост во касарната „Илинден“ во Скопје, ја презеде должноста командант на Полкот за специјални операции од бригадниот генерал Орце Јордев.
– Свесен сум за предизвиците пред нас и за парадоксот пред кој се наоѓаме како држава. Тоа што врховниот командант ни го порача е дека ние Армијата на РМ сме во НАТО. Тоа е фактичка состојба и не може никој да ја оспори. Стандардите, достигнувањата и пофалбите се евидентни не само во обуките, не само на вежбите, туку и на бојното поле, но она што е предизвик и за што треба да се бориме е да му помогнеме на политичкото водство со иновативност, прифаќање чекор со современите закани да стигнеме до крајната цел да станеме дел од евроатлантската заедница каде што ќе придонесеме за светскиот мир и пред се за македонскиот мир – рече бригадниот генерал Хаџи Јанев, кој потекнува од овој полк.
Тој пред присутните на свеченоста министерката за одбрана Радмила Шекеринска и началникот на ГШ на АРМ генерал потполковник Методија Величковски и други претставници на МО и АРМ ја изнесе и својата визија за раководењето со полкот во наредниот период при што како главен предизвик го посочи стандардот што е поставен.
– За таа цел мојата визија се темели на три основни задачи. Прво, пред военото водство да го задржиме стандардот што е постигнат досега. Второ, да дадеме свежина за да можеме да одговараме на сериозните закани од кибер просторот, асиметричните закани и современите технологии и трето, да ја зголемиме психофизичката подготвеност и когнитивното знаење, само на таков начин ќе можеме да помогнеме и да ја оствариме нашата мисија и мисијата на АРМ – порача новиот командант на Полкот за специјални операции.
Припадниците на полкот за специјални операции ги поздрави и министерката за одбрана Радмила Шекеринска која укажа на големиот углед што македонската Армија го ужива надвор од земјата стекнат со учеството во мисии и вежби. Воедно се заблагодари до сите припадници на АРМ кои досега учествувале во овие мисии за големиот воен и политички придонес кој го даваат за својата татковина.
– Вие сте секогаш посакуван партнер на припадниците на армиите на земјите членки на НАТО-Алијансата и тоа во континуитет го слушаме на сите средби со премиери, министри за одбрана, началници на генералштабови. Од почетокот на 2018 година го зголемивме нашето учество во мисијата Одлучна поддршка во Авганистан за 20 проценти. Со тоа ја покажавме нашата определба на дело да ја поддржиме Алијансата во напорите за воспоставување глобален мир и безбедност. Со овој чекор уште потврдуваме дека Македонија го заслужи своето членство во НАТО – рече Шекиринска.
Таа истакна дека еден од приоритетите на Владата е подобрување на условите за работа на АРМ преку зголемување на буџетот за Армијата, зголемување на платите и во таа насока нагласи во тек е набавката на 14.000 нови униформи за припадниците на АРМ, на нови чизми, а започнати се и постапките за реновирање на објектите токму во касарната „Илинден“.