Какви последици на политички, економски, дипломатски, но и на друг план може да почувствува нашата држава по излегувањето на Британија од ЕУ? Домашните аналитичари споделуваат интересни видувања и прогнози
Британија официјално ќе ја напушти Европската Унија денеска на полноќ, 31 јануари, по што ќе премине во период на транзиција, кој е предвидено да заврши на 31 декември 2020 година. По три и пол години маратонски преговори на релацијата Лондон – Брисел, брегзит предизвика длабока поделеност меѓу граѓаните и политичарите на двете страни од процесот, при што крајно е неизвесно што носи постбрегзит периодот.
Процените се различни, претпоставките исто така, но повеќе од сигурно е дека на ниво на ЕУ ништо нема да биде како порано.
Во контекст на актуелните случувања поврзани со брегзит, битно е да се забележи дека Македонија има долги и позитивни дипломатски, економски и безбедносни релации со Британија. Обединетото Кралство е еден од најголемите трговски партнери на Македонија, а според последните податоци на Државниот завод за статистика, за минатата година според вкупниот обем на надворешната трговска размена, нашата земја најмногу тргувала со Германија и со Велика Британија. Надворешната трговска размена меѓу двете земји има растечки тренд. Во 2018 година бележи годишен пораст од 9,3 проценти, со стоковна размена од 832,2 милиона евра, додека порастот за 2019-та е поизразен и изнесува 43,8 проценти во споредба со истиот период од претходната година.
Покрај економската и политичката соработка, двете земји негуваат и одлични одбранбени релации, уште од време на кризата во 2001 година, кога во Македонија пристигнаа британски мировни трупи што помогнаа да се постигне договор за прекин на огнот. Натаму, низ годините, сојузничките армии на двете земји одржуваат редовни воени вежби, а во мировната мисија во Авганистан, АРМ учествуваше со механизирана пешадиска чета во рамките на контингентот на Велика Британија.
Во таа насока се наметнува и дилемата дали одличното ниво на досегашната меѓусебна соработка на различни нивоа и во различни области може да биде нарушено или видоизменето по излегувањето на Британија од ЕУ. Или, со други зборови, дали и како брегзит би се одразил врз Македонија?
Во сублимиран заклучок, експертите со кои се консултиравме констатираат дека брегзит сам по себе сигурно ќе се одрази на политичките релации на нашата држава и кон Обединетото Кралство, но и кон Европската Унија.
Според нив, излегувањето на Велика Британија од ЕУ, индиректно ќе го почувствува и македонската економија, особено бизнисмените што тргуваат со оваа земја, оти ќе мора да се приспособат кон новите правила за тргување со Обединетото Кралство, бидејќи досега важеа регулативите на Европската Унија.
Симонида Кацарска, директорка на Институтот за европска политика, оценува дека излезот на Обединетото Кралство од ЕУ има импликации за нашиот однос и со ЕУ и со Обединетото Кралство посебно.
Според неа, во однос на првиот аспект, дефинитивно последниот развој на настаните во ЕУ во однос на дискусиите за перспективите за членство што ги почна пред сѐ Франција ќе беше поинаков доколку на масата каде што се одлучува беше и Обединетото Кралство, како поддржувач на проширувањето на ЕУ.
– Од аспект на односите со Обединетото Кралство, во изминатите неколку години тоа беше присутно како поддржувач на реформите во нашата земја како на политички, така и на економски план. Во наредниот период ќе биде клучно таа поддршка да биде континуирано компатибилна со целите на ЕУ-пристапувањето како стратегиска цел на РМ. Дополнително, договорните односи и трговијата помеѓу Северна Македонија и Обединетото Кралство до брегзит ќе бидат регулирани со Спогодбата за стабилизација и асоцијација (ССА) помеѓу РМ и ЕУ. За да нема нарушувања на трговијата, со оглед на исклучителното значење на Обединетото Кралство за нас, потребно е новиот билатерален договор, за кој во моментот се преговара, да ги рефлектира колку што е можно одредбите на ССА – резимира Кацарска.
Во своја изјава за ова прашање Владимир Филиповски, професор на Економскиот факултет, оценува дека ефектите врз македонската економија ќе бидат практично посредни, изведени од она што ќе се случи во преговорите меѓу Велика Британија и остатокот на Европската Унија, бидејќи сега тоа ќе биде нова рамка за трговија, нова рамка за движење на стоките, услугите, факторите за производство, а во тие рамки и македонската економија ќе мора да се приспособи на тој нов сет на регулативи, со кои ќе се утврдуваат и трговските, финансиските и инвестициските односи меѓу Велика Британија како економија и остатокот на Европската Унија.