Матурантите го бојкотираат почетокот на второто полугодие. Тие бараат да полагаат два наместо четири предмети од државната матура.
„Сојузот на средношколци донесе одлука да започне со бојкотирање на наставата во четврта година од четврток, 21 јануари, сè додека нашите барања за државната матура не бидат исполнети“, соопшти Сојузот на средношколци.
Од таму појаснуваат дека одлуката за бојкот доаѓа откако образовните институции, односно Министерството за образование и наука и Државниот испитен центар (ДИЦ) не биле подготвени да соработуваат за нивните барања да бидат прифатени и истите успешно да се спроведат.
Матурантите бараат и МОН и Државниот испитен центар (ДИЦ) во март годинава да објават и презентираат план и програма за тоа како ќе изгледаат скратените наставни програми и другите материјали за испитите.
Сојузот на средношколци најави дека бојкотот ќе трае една недела, а потоа дополнително ќе одлучат дали ќе продолжат да протестираат.