Бошњаците во Македонија се спремни да го дочекаат пописот на населението и да бидат позитивен фактор во неговата успешна реализација.
Невладините организации „Шадрван“, „Лилиум Босниакум“, „Диванхана“, „Еду-Ниса“, „Диван“, „Форум на Бошњаците“, „Бошњачка културна заедница“ и „Љиљан“, како и пратеникот Зеќир Рамчиловиќ, заменик-директор на АОПЗ, Џелал Хоџиќ, соопштија дека ги оставаат сите разлики на страна и застануваат рамноправни во оваа иницијатива за доброто на Бошњаците во Македонија.
– Бошњаците во целост го подржуваат одржувањето на Пописот на населението, становите и домаќинствата во кој ќе се вклучат со сите свои ресурси. Нашата цел е сите припадици на бошњачката заедница во нашата држава целосно да бидат опфатени со Пописот и да се изјаснат слободно како што се чувствуваат: Бошњаци, а мајчиниот јазик да го именуваат како босански јазик – велат од Координативно тело на Бошњаците за Попис 2021.
За таа цел, ова тело ќе организира кампања во сите урбани и рурални места каде што живеат Бошњаците во земјата, почитувајќи ги сите протоколи предвидени за заштита од пандемијата. Главниот слоган на кампањата е: „Битно е да се биде Бошњак/Бошњакиња“.
– Ќе организираме средби со Бошњаци во Скопје, Чаир, Бутел, Велес, Петровец, Долнени, Сарај, Студеничани, Градско, Струга, Тетово и други општини и населени места. Ќе делиме промотивен материјал согласно целта на кампањата, ќе бидеме присутни на медиумите и социјаланите мрежи, ќе поканиме во иницијативата учество да земат и други интелектуалци-Бошњаци, како од нашата држава, така и од Босна и Херцеговина, Црна Гора, Србија, Косово и дијаспората. Во кампањата ќе вклучиме влијателни уметници, спортисти, писатели, политичари, јавни личности – најавија од Кординативното тело за пописот.
Оттука додаваат дека овој попис за нив има големо значење, поголемо од сите парламентарни, претседателски и локални избори до сега. Затоа, ги повикуваат сите политичари, интелектуалци, уметници, спортисти, секој Бошњак поединечно, да ги остават сите разлики на страна и да допринесат за заедницата успешно да го искористи Пописот на населението.