Бугарија би можела да му помогне на својот западен сосед во заштитата на воздушниот простор, доколку се реализира набавката на осум американски борбени авиони Ф-16, најави бугарскиот премиер, Бојко Борисов.
Бугарија е членка на НАТО алијансата и Европската унија и има намера да ги замени своите застарени авиони Миг-29 од советско производство, за да ги исполни стандардите на Северноатлантскиот сојуз.
Пентагон во понеделникот објави дека Стејт департментот одобрил за Бугарија потенцијална продажба на осум авиони Ф-16 и придружна опрема по цена од околу 1,67 милијарди долари.
Но, Бугарија очекува САД да ја спуштат цената на 1,2 милијарди долари, пренесува хрватскиот портал „Индекс“.
-Разговарав со мојот колега Зоран Заев за заштита на северномакедонскиот воздушен простор кога ќе ги набавивме новите авиони. Тоа ќе биде добро и за нив и за нас- изјавил Борисов за новинарите.
Официјалниот предлог за продажба од САД треба да пристигне во Софија неделава, објави во вторникот бугарскиот министер за одбрана Красимир Каракачанов.
Набавката би била најголемата бугарска воена инвестиција по падот на комунизмот во 1989 година.
Нашата земја, пак, се надева дека следната година ќе стане 30-та членка на НАТО сојузот.