Во изминатите пет години, кандидатите за возачи беа принудени да полагаат во Ресен или во Прилеп
Кандидатите за нови возачи конечно ќе можат да полагаат возачки испити во Битола, бидејќи градот по неколку години пауза, одложување и разубедување, до крајот на годината ќе добие нов полигон за полагање на практичниот дел на возачки испити. Битолчани во иднина не ќе мораат, како и во изминатите пет години, за практичниот дел од полагањето да одат во соседните градови Ресен или Прилеп.
Полигонот, кој е во завршна фаза, се наоѓа на излезот на патот за Прилеп, кај населбата Горно Оризари. Полигонот, кој е донација на сообраќајниот испитен центар АМ ДООЕЛ „Битола“, е во сопственост на општината Битола, а со него ќе управува јавното претпријатие „Нискоградба“.
Според познавачите на состојбите со изградбата на полигонот, тој е обезбеден речиси во последен миг, кога постоеше опасност Битола, освен без полигон, да остане и без испитен центар и да му биде одземена лиценцата за полагање возачки испити на испитниот центар АМ ДООЕЛ „Битола“.
Соочувајќи се со таквата опасност, општината Битола конечно обезбеди терен за изградба на полигон, за полагање на практичниот дел од возачкиот испит, кој со свои средства го изградија испитниот центар АМ ДООЕЛ „Битола“ и една градежна фирма и ѝ го донираа на општината.
Имено, откако општината Битола успеа по одлуката на Владата да го пренамени земјоделското земјиште во градежно, кај Горно Оризари, во изминатите денови интензивно се работеше на изградбата на полигонот, кој е во завршна фаза и кој за неколку дена ќе биде пуштен во употреба.
– Полигонот беше горлив проблем за Битола и битолчани. По одземањето на лиценцата и затворањето на полигонот кај спортската сала „Младост“, пет години баравме начин како да го решиме овој проблем. Претходната власт велеше дека пренамената на земјиштето бара време. Но, ете, се покажа дека ако се има волја тоа да се направи, таа процедура поминува многу побрзо. Помина експедитивно брзо на седница на Влада, па потоа на друга седница се донесе одлука за трансформација на земјиштето од земјоделско во градежно, со што се создадоа услови за изградба на полигонот – истакнува градоначалничката на Битола, Наташа Петровска.
Инаку, пет години битолчани за возачки испити се обучуваа и полагаа во соседните градови Прилеп и Ресен. Кандидатите за возачи беа принудени постојано да патуваат во овие градови, откако во 2013 година Секторот за управно-надзорни работи при МВР ја забрани употребата на полигонот кај спортската сала „Младост“ зашто не ги исполнуваше пропишаните стандарди. По таквиот потег, автошколите и испитните центри немаа каде да го одржуваат практичниот дел од обуката и полагањето на испитот, па кандидатите се упатуваа да се обучуваат и полагаат на полигоните во соседните градови, Ресен или Прилеп, што им создаваше дополнителни сериозни финансиски проблеми на битолчани.
Според упатените, на годишно ниво во градот под Пелистер околу 1.000-1.200 кандидати полагаат за возачки испити.
Ако се знае дека секој кандидат плаќаше по 1.000 денари за да полага на полигон, тогаш пресметката покажува дека на годишно ниво во соседните градови од Битола се одлеваа најмалку по 20.000 евра. На овие трошоци треба да им се додадат и трошоците што паѓаа на товар на кандидатите за полагање, за патување до Ресен и Прилеп, кои во просек за секој кандидат изнесуваа по најмалку 1.000 денари.
Инаку, за да се реши овој проблем со изградба на полигонот за полагање за возачки испити, еден инвеститор пред неколку години на своја рака изгради полигон кај селото Поешево, но од засега непознати причини тој не доби употребна дозвола од Министерството за транспорт и врски.
Општината Битола подоцна поведе иницијатива за наоѓање друга локација и изградба на полигон. Сега, кога полигонот е веќе изграден, се очекува комисија од МВР по извршениот увид врз полигонот и направениот записник за одобрување, за во наредните денови и официјално да го добијат одобрението од МВР за ставање на полигонот во функција, со што ќе им се стави крај на маките на кандидатите од Битола за полагање за возачки дозволи.