Поради несоодветна грижа многу од тие средновековни сакрални објекти се распаѓаат, но во земјава имаше и случаи кога поради несоодветна грижа и ненавремена реакција се случуваа катастрофи што ги уништуваа историските културни споменици. Со пожари беа зафатени Бигорскиот манастир и манастирот во прилепски Трескавец. За нивна обнова беа потребни многу години, но манастирот во Трескавец не е обновен во онаа мера, во која беше предвидено да се направи тоа
Дали државата и двете најголеми верски заедници, како Македонската православна црква – Охридска архиепископија и Исламската верска заедница, се покажале како добри менаџери на верските објекти, кои истовремено се и заштитени културни споменици? Случајот во кој изгоре познатата Богородична црква во француската престолнина Париз ја отвори оваа дилема и го сврте вниманието на македонската јавност за заштитата на сопственото културно наследство, за кое со години се пишува дека е оставено на забот на времето. Поради несоодветна грижа, многу од тие средновековни сакрални објекти се распаѓаат, но во земјава имаше и случаи кога поради несоодветна грижа и ненавремена реакција се случуваа катастрофи што ги уништуваа историските културни споменици. Со пожари беа зафатени Бигорскиот манастир и манастирот во прилепски Трескавец. За нивна обнова беа потребни многу години, но манастирот во Трескавец не е обновен во онаа мера, во која беше предвидено да се направи тоа.
Верските заедници се сопственици на црквите или џамиите, но државата е регулатор на сето она што во нив мора да се обнови, односно она што спаѓа во нивна реставрација или конзервација.
МПЦ и ИВЗ многупати посочувале на негрижата на државата за објектите што се заштитени споменици на културата. И од двете верски институции велат дека процедурите за одобрение за реставрација или конзервација на еден верски објект трае предолго, дека тие не можат да обноват ништо во тие објекти без да добијат каков било документ од Управата за заштита на културното наследство. Многупати реагирале на неажурноста на институциите, како и на негрижата на државата кон овој вид објекти, со тоа што не се одделуваат доволно пари за нивната обнова.
Даворин Трпевски, претседател на здружението за заштита на културно наследство во опасност „Син штит“, вели дека овој проблем е системски и најголем проблем е распределбата на финансии од државата, потребна за реставрација или конзервација на верски објекти, заштитени споменици на културата.
– Од една страната државата е таа што ги прави сите обнови, а од друга страна тие објекти се сопственост на верските заедници. Има повеќе аспекти што треба да се анализираат и во таа насока да се најде соодветно решение. Прво да се тргне од тоа дека верските објекти што се споменици на културата не се ни означени дека се споменици на културата со посебен знак. Ако тоа не е направено, тогаш што останува за другите работи, кои се однесуваат на конкретни заштита на објектите – истакна Трпевски.
Александар Цветкоски, музејски кустос, смета дека најголемата вина за лошата грижа кон верските објекти, кои истовремено се и споменици на културата, им припаѓа на верските заедници, во случајот најголемите две во земјата како, МПЦ и ИВЗ.
– До 90-тите години од минатиот век овие објекти беа сопственост на државата. Потоа се вратени во владение на верските заедници. Државата дава пари за обнова на тие објекти, кои во суштина не се нивна сопственост. Од друга страна, државата одделува многу ниски суми за нивната обнова. И кај двете страни има потфрлање во ингеренциите, но негрижата на МПЦ и на ИВЗ за тие објекти е голема. Има случаи каде што во близината на една црква се градат конаци, а не се води грижа за внатрешноста на објектот, дали тој има влага, дали тече вода и дали на тој начин се оштетуваат иконите – нагласува кустосот.
Предлага да се направат законски измени и да се направи поинаква регулација на овој, според него, комплексен проблем, во насока државата да има удел во сопственоста на тие верски објекти – споменици на културата, зашто и тие сами верски објекти ги надминуваат рамките на она што е класичен верски објект, односно се објекти од државно значење, поврзани со самобитноста на народот.
Елеонора Петрова Митевска, директорката на Управата за заштита на културното наследство, вели дека тие работат на правната заштита на верските објекти што се споменици на културата, односно дека тие ги издаваат сите решенија и одобренија за реставрација и конзервација на објектите.
– Финансирањето на реставрациите и конзервациите на верските објекти оди преку Министерството за култура. Иматели, односно сопственици на тие добра се верските заедници, како МПЦ и ИВЗ. Тие не партиципираат во финансирањето на тие реставрации и конзервации. Гледаме да имаме баланс во соработката со црквите и верските заедници во оваа насока – објаснува директорката.
Според последните податоци на регистарот на споменици на културата, во државата има над 1.200 објекти што се заштитени како културно добро, од кои најголем дел се цркви, манастири и џамии.
Црквата во Курбиново заглавена во процедури
Седма година во бирократски процедури е заглавен проектот за конзервација и реставрација на црквата „Свети Ѓорѓи“ во преспанското село Курбиново, изградена во 12 век, ремек-дело на византиското сликарство. Обновата на овој исклучителен примерок на културното наследство почнала во 2013 година, по што следуваа подготовки, истражувања, па несогласувања на експертите околу начинот на изведување на работите. Годинава од буџетот на Министерството за култура се издвоени околу 30 илјади евра за Курбиново, што е десет проценти од средствата што ги побарал Заводот и музеј Битола.