Древното македонско светилиште, бигорскиот манастир „Свети Јован Крстител“, низ вековите и денес претставува духовен центар не само на Македонија туку и пошироко, на Балканот. Констатацијата ја потврдува големата посетеност на гости и верници од православниот свет на Европа, а особено од соседните држави и Русија. Монашкото братство предводено од игуменот, архимандрит Партениј, кој со голема љубов и стрпливост успеа замрената духовност во манастирот и во Долна Река и Мијачијата да ја издигне на многу високо ниво, на населението му ги врати љубовта кон Бога и традицијата да ги посетуваат црквите и манастирите, да присуствуваат на богослужбите, на литургиите, да ги празнуваат и почитуваат верските празници со обичаите и ритуалите како и во минатото.
– Нашите манастири бележат пораст на посетеноста на верниците и на посетителите, не само во периодов на духовната пролет, како што уште се нарекува Светата четириесетница – што, секако, самата по себе привлекува повеќе луѓе – туку континуирано, во текот на целата година. Тоа се должи, пред сѐ, на редовните секојдневни и празнични богослуженија, на монашкиот подвиг и молитви, преку кои дејствува божјата благодат и ги привлекува душите обременети од товарот на немирот и гревот, давајќи им одмор, спокој и внатрешна радост. Се трудиме, според нашите скромни можности, да му излеземе во пресрет на секој намерник, знаејќи дека гостољубието е една огромна христијанска добродетел – ни говореше отец Партениј пред празникот над празниците – Велигден.
Во чест на претстојниот голем празник Велигден, манастирскиот комплекс на Бигорски блескаше со сиот сјај, празнично украсен со знамиња, со цвеќиња, особено восхитува цветниот епитаф што го симболизира Христовиот гроб, кој го изработија монасите, со помош на монахињите од манастирот „Св. Георгиј“ од дебарското село Рајчица. К.К.
Во служба реставрираниот литиен крст стар два века
По пауза од речиси едно столетие, годинешната велигденската литија на Бигорскиот манастир ќе ја предводи реставриран литиен крст на манастирот, изработен од сребро, делумно позлатен во 1814 година, во Елбасан, Албанија. Овој вреден црковен предмет има своја историја како повторно доаѓа до израз да биде ставен во црковна служба.
– Прекрасно реставриран, зачувавме вреден црковен предмет стар над два века – рече бигорскиот игумен, архимандрит Партениј, кој беше мошне радосен и среќен кога му го донесоа рестврираниот литиен крст.
Со претворањето на манастирот во споменик на културата во 1948 година, за бигорската црковна ризница речиси никој не се грижел, многу предмети, како што се сеќаваат жителите на долнореканските села, исчезнале прекуноќ. Имало чесни верници верни на Бигорскиот манастир, се грижеле и не дозволувале да се отуѓат вредните црковни предмети од непознати лица, така што ги земале од манастирот и ги носеле во приватни колекции. Така, во деновите на снимањето на филмот „Бановиќ Страхиња“, во ноември 1986 година, во Бигорскиот манастир имаше многу лица ангажирани во снимањето на филмот од сите краеви на СФРЈ. Неколкумина чесни луѓе, пред сѐ верници, имале претчувство и стравувале чесниот крст заедно со руипидите, кои се многу вредни, да не бидат украдени, па ги зеле и му ги предале на чување на познатиот охридски кујунџија Вангел Деребан, кој ги заштитил крстот и руипидите. На почетокот на деведесеттите години на минатиот век, Деребан, кој бил во минати години, им ги предал во митрополијата на Дебарско-кичевската епархија. За да се врати првобитниот сјај на овие реликвии, значајни светии за Бигорскиот манастир, пред неколку месеци отец Партениј ги дал на реставрација кај најдобриот реставратор во Солун и пред некој ден, во пресрет на светлото и славно Христово воскресение, беа донесени во манастирот, по извршената квалитетна реставрација.