Министерот за здравство Венко Филипче и директорот на Здравствен дом-Скопје, Виктор Исјановски, денеска информираа дека бесплатната вакцинација против сезонски грип почнува од утре.
За оваа сезона се набавени вкупно 28 илјади вакцини, кои се бесплатни и наменети за лица над 65 години, лица со хронични заболувања, деца на возраст од 6 месеци до 5 години, бремени жени, како и здравствени работници.
Центрите за јавно здравје набавија 21.000 комерцијална вакцина, кои веќе се достапни за граѓаните од понеделникот.
Покрај десетте Центри за јавно здравје, во вакцинацијата годинава вклучени се и трите поликлиники: Букурешт, Чаир и Ѓорче Петров при Здравствениот дом во Скопје.
Во Центрите за јавно здравје, вакцинацијата ќе се одвива во две смени, додека пак, бесплатната вакцинација во трите поликлиники ќе се одвива во периодот од 14 до 18 часот.
Од Министерството за здравство информираат дека станува збор за вакцини од реномирани странски производители, меѓу кои 27 илјади вакцини се од Mylon Abot, а илјада вакцини од Sanofi.
Како и во изминативе сезони, пикот на активноста на вирусот на сезонски грип се очекува во месец февруари, а вакцинацијата во овој период, ноември и декември, ќе обезбеди најголема заштита во периодот кога се очекува активноста на вирусот да биде највисока.