Фото: Маја Јаневска-Илиева

Негативниот природен прираст на населението, за 638 лица во првите девет месеци од годинава, првпат е забележан во земјава. Според демографите, тој се навестува веќе неколку години, откако константно се намалува наталитетот, а во пораст е морталитетот

Македонија првпат во својата историја влезе во фаза на негативен природен прираст или, како што се нарекува, во фаза на поголем морталитет од наталитет. Статистичките податоци покажуваат дека во првите девет месеци од годинава се родиле помалку деца отколку што починале лица. Тоа практично значи дека населението во државата со ваков тренд ќе се намалува, наместо да расте и дека белата чума ја стигна и Македонија, една од последните држави во регионот што досега имаше минимален раст на населението.

Според податоците за 2019 година, за девет месеци од годинава во земјава се живородени 14.622 деца, а во истиот период во 2018 година биле родени 16.069 деца. Анализата покажува дека во првите девет месеци од годинава имало 1.447 помалку живородени деца отколку во истиот период лани.

Со тоа се наметнува прашањето дали некој во земјава сериозно се занимава со феноменот на демографските трендови и движења на населението, како и со лоцирање на главните причини за ваквата намалена стапка на наталитет? Дали Македонија има сериозна стратегија за зголемување на наталитетот или, пак, сите иницијативи за некакво подобрување или стимулација за планирање повеќедетни семејства се парцијално градени од политички причини?

Демографот Дончо Герасимовски вели дека наталитетот, како во претходните години така и оваа, е во опаѓање. Но за разлика од наталитетот, морталитетот или бројот на умрените лица е во пораст.

– Така, во периодот од првите девет месеци во 2019 година се умрени 730 повеќе лица од лани, или во 2019 се умрени 15.260, а во 2018 година биле умрени 14.530 лица. Ваквите податоци по направените анализи покажуваат дека природниот прираст на населението е со негативна појава во 2019 година од минус 638, а во 2018 година бил позитивен за 1.539. Ова значи дека во 2019 година по природен пат бројот на населението во земјава се намалил за 638 лица – посочува демографот.
Според него, ваков негативен природен прираст на населението е забележан првпат, а се навестува веќе неколку години, откако почна да се намалува наталитетот, а во пораст е морталитетот.

– За разлика од нашава земја, овој процес во преостанатите земји од поранешна Југославија, како во Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина, а од минатата година и во Словенија и во соседните држави како Бугарија, е започнат многу порано. Анализирајќи ги и следејќи ги состојбите со години, се очекуваше оваа демографска транзиција да се случи и кај нас. Моите очекувања и укажувања во моите пишувања беа уште минатата година дека во наредните две-три години со оваа појава ќе се соочиме и ние. Од тој аспект, се очекува по завршувањето на четвртиот квартал од годинава да се сумираат резултатите и да се добие конечната состојба – објаснува Герасимовски.

Тој очекува бројките до крајот на годината да бидат погубни, а во 2020 година да бидат уште поизразени. Поради тоа, според него, потребно е да се преземат итни, директни и конкретни мерки, зашто очигледно е дека сето она што се преземаше со години како популациска стратегија не дало плод.

– Потребна ни е популациска политика. Неминовно е Владата да го отвори прашањето за стратегија за демогафската и популациска политика во државата. На пример, во Србија, тамошниот претседател Александар Вучиќ поведе постапка, односно назначи министер без ресор за популациска политика и формира комисија што ќе работи на ова прашање. И многу други земји имаат почнато низа активности – објаснува Герасимовски.

Последните статистички податоци, според него, говорат дека повеќе не можеме да ги користиме податоците од последниот попис на населението во 2002 година и да ги сметаме за веродостојни.

Социолозите, пак, објаснуваат дека врз одлуките за родноста и планирањето на семејството влијаат актуелните фактори, како што се пристапот до социјална и здравствена заштита, нивото на сигурноста од финансиска независност (дали се вработени, на каков тип договор, во која дејност, со колкав семеен буџет), можноста за школување, за домување, како и бројноста и квалитетот на домаќинствата.
Социологот Илија Ацески вели дека демографски сме многу сложени, за да може во земјава да се води еднолична демографска политика.

– На оваа тема се расправаше со децении и, за жал, тогашните процени се остваруваат токму сега. Причина за тоа не е само иселувањето, туку и тоа што македонското население ја нема повеќе способноста да се репродуцира. Процесот на модернизација, односно напуштањето на традиционалните вредности се рефлектира врз младите да не склучуваат брак пред 30-та година од животот. Тука е и технолошката револуција, со која младите излегуваат од локалните рамки на дејствување, можноста за правење кариера и слично – анализира социологот Ацески.

Според него, треба да се преземат мерки за стимулација на наталитетот, преку разни бенефиции за жената, за да има таа можности и услови за репродукција, наспроти мерките за стимулирање трето и четврто дете, кои не дале плод.

Фото: Игор Бансколиев

Број на живородени деца во првите девет месеци од 2018 и од 2019 година

2019 година 2018 година Разлика

14.622 деца 16.069 деца 1.447 деца


Број на умрени лица во првите девет месеци од 2018 и од 2019 година

2019 година 2018 година Разлика

15.260 лица 14.530 лица 730 лица

 

[email protected]