Фото: Дарко Андоновски

Претседателот Ѓорге Иванов оцени дека со негласање на референдумот од 30 септември, тивкото мнозинство донело гласна одлука дека никој нема мандат од народот да го менува Уставот заради промена на уставното име ниту право да тргува со идентитетот, а мнозинството во парламентот одело спротивно од волјата на народот

Како претседател на државата во два мандата, дадов заклетва дека ќе ги бранам Уставот, уставниот поредок, суверенитетот, територијалниот интегритет и независноста на Република Македонија од внатрешните и надворешните предизвици и закани. До последниот ден од мојот мандат нема да отстапувам од тоа. Вака вчера го започна своето новогодишно обраќање во Собранието претседателот на државата Ѓорге Иванов, кој говореше околу 45 минути, и истакна дека овој негов говор не е последен и сѐ уште е рано за отчет.

– Кога на 12 мај 2014 година го презедов мандатот вторпат, тука, во оваа сала, дадов свечена заклетва како претседател на РМ и врховен командант на АРМ дека ќе ги бранам суверенитетот, територијалниот интегритет и независноста на РМ од внатрешните и надворешните предизвици и закани. Во таа изјава стои дека ќе ги бранам Уставот и уставниот поредок на РМ, a од ова исто место повторувам дека до таа моја заклетва ќе продолжам до последниот ден од мојот мандат и од тоа не мислам да отстапувам. Имам многу добра причина за мојата решителност, бидејќи токму за време на овој втор мандат, РМ се соочува и со внатрешни и надворешни закани и ризици по нејзиниот суверенитет, територијален интегритет и независност – рече шефот на државата.

Претседателот Иванов, коментирајќи ја политичката сцена во земјата, истакна дека вистината ги разобличува лагите, ги открива неисполнетите ветувања, ја разоткрива нечистата совест, а во однос на Република Македонија имало многу нечиста совест. На моменти говорот на Иванов беше прекинуван и проследен со гласни негодувања и дофрлања на пратениците од мнозинството, на што тој реагираше со следните зборови и тој од говорница ги замоли пратениците да го сослушаат.

– Ве молам да ме сослушате, ве слушам цела година, ве молам слушајте претседател на држава ви се обраќа. Најискрено ви благодарам што пред целата македонска јавност и пред дипломатскиот кор си ја покажавте вашата политичка култура! Ај, смирете се, вашите лични фрустрации потиснете си ги – рече Иванов.

Понатаму шефот на државата се осврна на најсуштествените државни прашања и имаше свое излагање на теми поврзани со внатрешната политика, економијата, надворешната политика, судството, безбедносниот сектор, здравството, и забележа дека изминатата година кохабитацијата меѓу Владата и претседателот била ставена на тест.
Но сепак тој во својот говор посебен акцент даде на случувањата поврзани со спогодбата со Грција и т.н. тиранска платформа. Иванов побара парламентарното мнозинство да собере сили и да ја отфрли Преспанската спогодба.

– Сѐ уште се надевам дека ова парламентарно мнозинство ќе собере сила да го послуша гласот на народот и ќе ги отфрли Преспанската спогодба и амандманите за промена на Уставот – рече претседателот од говорницата во македонското собрание.

Во обраќањето тој го цитира првиот претседател Киро Глигоров, кој кажал дека прашањето за името и идентитетот е постаро од секој устав, влада, партија, па дури и од државата, и дека ниту еден поединец, од ниту една генерација, нема право да тргува со тоа име и со тој идентитет, а наша цел треба да биде да ја градиме Република Македонија како држава што ќе трае и ќе нѐ надживее и нас и нашите деца.
Според Иванов, Преспанската спогодба е донесена со изговор дека треба да стави крај на спорот за името со Грција и да го отвори патот за членство во Европската Унија и НАТО, но всушност таа ѝ става крај на Република Македонија каква што ја знаеме.

– Спогодбата повредува одредба од внатрешното право од фундаментално значење. Текстот на таа Преспанска спогодба е подготвен без национален консензус, без мое знаење и без моја согласност како претседател на Република Македонија – рече Иванов.

Тој го цитира и англискиот писател Џорџ Орвел, кој рекол дека оној што го контролира минатото ја контролира иднината и оној што ја контролира сегашноста го контролира минатото.

Иванов ги запраша пратениците од каде таа аверзија кон историјата?
– Тврдите дека македонскиот народ живее во минатото и дека сакате да го однесете во иднината. Но народот не живее во минатото, туку со минатото, и тоа не за да мрази, туку за да се сеќава. А сега сакате и колективните сеќавања да ги цензурирате – рече тој.

За референдумот на 30 септември, Иванов оцени дека со негласање, тивкото мнозинство донело гласна одлука дека никој нема мандат од народот да го менува Уставот заради промена на уставното име ниту право да тргува со идентитетот, а мнозинството во парламентот одело спротивно од волјата на народот.
Иванов се осврна и на Законот за употреба на јазиците, кој не го потпиша, а за кој повтори дека е противуставен, усвоен во Собранието надвор од секаква процедура и надвор од надлежните тела и дека ќе предизвика целосна блокада на институциите.
Иванов не пропушти да ја истакне и разликата меѓу неговите помилувања и сегашната амнестија.

– Мојата цел беше помирување преку помилување, а вашата цел е обезбедување поддршка за уставните измени преку уценување. Додека јас одлуките за помилувања ги донесов за да спречам хаос во државата, вие одлуката за амнестија ја носите за да ги озаконите уцените со кои се создава хаосот и се руши правната држава. Вашата амнестија е само уште еден преседан за уцена – рече претседателот.
Иванов од говорницата истакна дека уништувањето на државата во моментов се оправдува со обезбедување иднина за државата.

– Од таканаречена заробена држава, чувствувам дека станавме и уценета држава. Однадвор нѐ уценуваат соседите, внатре се уценети многу носители на одлуки. Уцената стана основно средство за остварување на целите. Со вакво помирување не може да се помири македонскиот народ. Но законот го потпишав и поради патриотите, чија ненасилна љубов кон татковината очигледно била злоупотребена за други цели. Овој закон за амнестија нека биде сведоштво за двојни стандарди, бидејќи двојните стандарди се насилство против правдата. А без правда нема вистинско помирување, без правда нема мир – рече претседателот Иванов.

Натаму, Иванов информира и за гаранциите од премиерот Заев при доделувањето на мандатот и дека со нивното неспроведување, всушност, тој (Заев) ставил вето на Законот за употреба на јазиците и Законот за ратификација на спогодбата од Преспа.
Претседателот Иванов во обраќањето истакна дека случувањата во Македонија се обратно поставени и посочи дека прво се побарала поддршка од граѓаните на избори, а дури потоа им се соопштило дека всушност гласале за тиранската платформа и грчка спогодба.

– Прво се донесе Законот за употреба на јазиците, а дури потоа се најави дека ќе се побарало мислење од Венецијанската комисија. Прво се апсеа пратеници, а дури потоа им се симнуваше пратеничкиот имунитет. Прво се прифати спогодба за името, а дури потоа бев информиран како претседател на државата. Прво се донесе таа штетна грчка спогодба, а дури потоа граѓаните беа прашани на референдум – нагласи Иванов, дополнувајќи и дека власта прво се согласила на промена на Уставот, а потоа изнудува двотретинско мнозинство, и тоа преку уцена на пратеници.

Тој посочи и дека Македонија станала држава на слободно толкување на Уставот и законите за понатаму да нагласи дека доколку еден граѓанин ја загуби вербата во правото, тогаш ја загубил и најсилната врска со државата.


Закани за убиство на претседателот

Коментирајќи ги актуелните политички случувања во земјата, претседателот Ѓорге Иванов од собраниска говорница информира дека поради неговите дејствувања тој бил цел на закани и уцени.

– Мене никој не може да ме уценува. Не можеа да ме обвинуваат ниту за неморал ниту за криминал, па затоа се обидоа да го нарушат мојот углед, и тоа со конструкции, лаги, навреди, омаловажување, па дури и со фалсификувани белешки. Трпев и закани. Има јавни личности што јавно повикуваат на линч и убиство на претседателот и неговото семејство. Нѐ навредуваа и омаловажуваа. Ете такви се некои од моите критичари, кои не можат ништо да кажат ништо добро за себе, па кажуваат сѐ најлошо за другите – рече Иванов.


Реакции по обраќањето

Веднаш по обраќање на претседателот Ѓорге Иванов, во јавноста пристигнаа и првичните реакции од политичките субјекти.
Владата ова обраќање на шефот на државата го окарактеризира како доказ дека претседателот останал доследен само на неговата определба да продолжи да ги дели граѓаните.

Од Владата коментираат дека Иванов потврдил дека живее во свет на заговори и со својот настап, како што велат, уште еднаш докажал дека, наместо да го прочита договорот од Преспа и да ги поддржи гаранциите за идентитетот и за просперитетот што ги нуди овој договор, тој продолжува да шири невистини и омрази, обидувајќи се со тоа да го попречи напредокот на граѓаните на Македонија.

Од друга страна, пак, Антонијо Милошоски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, смета дека претседателот Ѓорге Иванов дава одлика на конзистентен политичар што се држи до оние принципи врз чија основа го добил мандатот од граѓаните и до Уставот на Република Македонија, врз кој дал заклетва дека ќе ги врши својата должност и функција.

Артан Груби од ДУИ, кој е претседател на Комисијата за европски прашања, рече дека единствено добро е што ова е негово последно обраќање.
Портпаролот на СДСМ, Костадин Костадинов, пак, изјави дека Иванов десет години дејствувал како марионета на Никола Груевски.

Костадинов додаде дека Иванов не верува во сопствената држава и оти лажно зборува дека е загрижен за перспективите на младите, бидејќи дејствувал против членството на Македонија во ЕУ и НАТО.