Taблетите кои кренаа паника во јавноста по информациите на социјалните мрежи дека се делеле на студенти на кампусот на скопскиот универзитет, се безбедни, тврдат надлежните.
Реакциите на социјалните мрежи одеа дотаму што дури имаше коментари дека можеби на младите им се дели бесплатно дрога. Според одговорните станува збор за додаток во исхраната за концентрација и енергија на природна база. Одговорните во Агенцијата за храна и ветеринарство велат дека производот ,,Вигорикс интенс” кој содржи 39 капсули и произведен од компанијата од Словенија ,,Херба Медика”, е одобрен со мислење од Агенцијата уште во 2015 година.
– Производот кој е увезен и ставен на пазарот во Македонија од страна на операторот со храна ,,Бионика Фармацеутикалс”, е одобрен од Агенцијата за храна и ветеринарство како додаток на исхрана. Производот е одобрен по утврдување на усогласеноста на приложената документација за производот со националните прописи кои се однесуваат за оваа група на производи и документите известување од Агенцијата за лекови и медицински средства, и стручното мислење од страна на Институтот за предклиничка и клиничка фармакологија со токсикологија при Медицинскиот факултет. Производот не е лек – информираат во Агенцијата.
А. П.