Доколку Трипуновски за ваквите манипулации јавно не им се извини на граѓаните АХВ ќе поднесе кривична пријава, реагира Агенцијата за храна и ветеринарство, по прес-конференциите на дополнителниот заменик министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, кој и денеска обвини дека Агенцијата за храна и ветеринарство не вршела проверка на храната скоро половина година.
Демантот на АХВ го пренесуваме во целост.
– Како одговорна институција за безбедноста на храната и за здравјето и на потрошувачите, Агенцијата за храна и ветеринарство го повикува дополнителниот заменик министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски да престане да ја манипулира јавноста и да сее лаги дека храната во земјава не се испитува и дека е загрозено здравјето на граѓаните.
Потврда за посветеноста во работата на АХВ е фактот дека токму минатата година, не е евидентирано ниту едно труење со храна кое завршило со болничко лекување, токму за временскиот период за кој Трипуновски, вчера и денес, неаргументирано ја обвинува Агенцијата за несовесно работење.
Место сериозно да се посвети на работата за унапредување на положбата на производителите на храна, која ја носи функцијата дополнителен заменик министер за земјоделство, шумарство и водостопанство која му е доделена во техничката Влада, поради безидејност и незнаење, Цветан Трипуновски и со денешната прес конференција, по кој знае кој пат, уште еднаш потврди, дека не само што не ги познава состојбите во областа на безбедноста на храната и здравствената заштита на животните, туку не се ни труди да ги научи. Манипулирањето на граѓаните и поигрувањето со нивното здравје, стана препознатливо за Трипуновски, кој неосновано обвинувајќи ги институциите дека не си ја вршат работата, од петни жили се обидува да се наметне во јавноста.
Иако уште во текот на вчерашниот ден, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) до јавноста испрати официјални документи за извршени лабораториски испитувања на храната во земјава и од увоз кои минатата година изнесуваа вкупно 6929 мостри само од храна од животинско потекло и 376 мостри од храна од животинско потекло, храна за животни и нус производи од животинско од увоз. Овие факти Трипуновски не само што не ги зеде во предвид, туку и денес продолжи да ги манипулира граѓаните.
На јавноста треба да и се извини Трипуновски, а не АХВ, за секојдневните груби манипулации кои ги пласира преку прес конференциите собирајќи ситни политички поени, бидејќи напамет, а не со факти, неодговорно пласира лаги, обидувајќи се да креира лажна слика за работата на институциите и да креира паника кај граѓаните.
За неосновано обвинување и креирање паника кај граѓаните, потсетуваме дека и кривично се одговара – велат од АХВ.