Асоцијацијата на спортски обложувалници на Македонија (АСОМ) реагира на наводите на Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) за наводно перење на пари и злоупотреба на лични податоци во спортските обложувалници.
Од таму велат дека податоци за играчите во обложувалниците се земаат од играчите како би се задржал данокот на личен доход во висина од 15% од сите добитни тикети.
Овие податоци, велат од АСОМ, се земаат во име и за сметка на државата, а средствата се уплатуваат на дневно ниво во државната каса.
– Обложувалниците немаат никаква потреба дополнително да ги обработуваат овие податоци и истите се користат исклучиво за плаќање на данокот на личен доход од 15% во име и за сметка на државата и за ниту една друга намена. Пред наметнувањето на оваа давачка, спортските обложувалници никогаш не побарувале податоци или обработувале податоци од играчите, ниту имаат потреба од истите – се наведува во реакцијата.
Дополнително, велат од АСОМ, ДКСК во изјавата неосновано споменува перење на пари без никакво образложение за истото.
– Нагласуваме дека не може да постои перење на пари доколку за исплатените средства е пресметан и платен данокот на личен доход. Обложувалниците уште од 2012 година се поврзани на Надзорниот информационен систем (НИС) на кој се евидентираат во реално време сите уплатени и исплатени тикети, со што евентуалната манипулација е сведена на нула. Покрај на НИС, обложувалниците се поврзани и со Управата за финансиско разузнавање (УФР) до која се доставуваат податоци за уплати и исплати. Согласно ова, сакаме да констатираме дека државата предвидела ефикасен механизам за контрола на работењето на обложувалниците без можности за грешки – велат од АСОМ.
Во однос на личните податоци на играчите, од таму велат дека земените податоци од играчите се чуваат само до моментот кога ќе се плати данокот на личен доход, а тоа е на дневно ниво и до истите пристап има само обучен кадар кој работи согласно посебни протоколи и согласно позитивните законски прописи за Заштита на лични податоци.
– Податоци за играчите во обложувалниците може да се појават само и исклучиво ако играчот дојде да подигне исплата за тикет и ја приложи својата лична карта на увид, од која се запишуваат потребните податоци, според Законот за личен доход. Не може податок за некој играч да се појави доколку лицето никогаш не остварило добивка и не оставило свои податоци при подигнување на исплата на тикет. Асоцијацијата на спортски обложувалници на Македонија со жалење констатира дека ваквите информации ја доведуваат јавноста во заблуда и директно влијаат врз кредибилитетот на целата гранка. Ги повикуваме институциите на системот во целост да ги истражат отворените сомнежи, пред сé во интерес на спортските обложувалници кои работат согласно сите законски прописи во државата и немаат апсолутно никаков интерес од било какви финансиски малверзации и/или злоупотреба на лични податоци – се наведува во реакцијата.