Поаѓајќи од членот 19 на т.н. договор од Нивици, кој се однесува на решавање спорови, а кој упатува на Повелбата на ООН, се поставува прашањето постоела ли воопшто Повелбата на ООН во досегашниот спор. Ако постоела, а секако дека постоела, и ако се почитувала од страна на Грција и на меѓународната заедница, Република Македонија одамна требаше да го добие наметнатиот спор и поддршката на ООН! Како сега со овој договор, Повелбата на ООН одеднаш е рамка за решавање на евентуалните спорови, а до пред неколку дена таа не беше?! Има ли равенство меѓу принципите на меѓународното право и правдината?
Изминаа веќе три-четири дена откако Владата на Република Македонија го декласифицира документот на спогодбата за решавање на спорот со Грција. Во Собранието помина и неговата ратификација, но не само дел од домашните аналитичари и интелектуалци туку и поранешниот амбасадор на ЕУ Ерван Фуере, па и самиот грчки премиер Алексис Ципрас, го потврдуваат впечатокот за целосната несиметричност во обврските што ги преземаат двете страни: еднонасочен и, се разбира, со многу повеќе обврски за Македонија. Иако на потпишувањето на договорот меѓу Македонија и Грција, во Преспа, како своевидна поддршка за постигнатото решение на тридеценискиот спор, присуствуваа и високите претставници на ЕУ, Федерика Могерини и Јоханес Хан, веќе во меѓународната јавност се појавуваат и потемелни согледувања за содржината и карактерот на договорот. Поранешниот амбасадор на Европската Унија во Македонија, Ерван Фуере, во својот коментар за Центарот за европски политички студии, насловен „Напредок во решавањето на грчко-македонскиот спор за името: Ќе го пресече ли Гордиевиот јазол, најпосле?“, оценува дека договорот од Преспа е премногу еднонасочен, односно обврските се насочени најмногу кон Македонија.
– Ова беше спор на кој уште од самиот почеток му недостигаше рамен терен за игра. Грција ја искористи секоја можност да демонстрира како членка на НАТО и на ЕУ би можела да ги диктира условите на преговорите. Текстот на конечниот договор навистина дава впечаток на еднонасочен договор, во кој повеќето од обврските треба да бидат исполнети од една страна – од Македонија – напиша Ерван Фуере во својата анализа на спогодбата меѓу Македонија и Грција.
Притоа тој забележа дека во него премногу се инсистира на тоа да се направи разлика што е „словенска култура“, а што „хеленска култура“, а зборовите „споделени вредности“, „споделено наследство“ или еднаквост не се јавуваат никаде во текстот на конечниот договор. Поранешниот амбасадор на ЕУ во Скопје, уште и додава дека не треба да се заборави дека Грција ги нема усвоено текстовите на Советот на Европа во врска со правата на малцинствата, признавајќи го само муслиманското малцинство според договорот од Лозана од 1923 година.
Во однос на стапиците за Македонија од целосно асиметричниот договор од Преспа со Грција, професорката по Уставно право, Гордана Силјановска-Давкова укажува на хипокризијата содржана во еден од крајните членови (членот 19) на спогодбата, кој ги упатува двете страни на Меѓународниот суд на правдата во Хаг, за решавање одредени спорови што би се појавиле во текот на спроведувањето на преземените обврски со спогодбата.
– Со оглед на ноторниот факт дека со спогодбата со Грција, македонската страна всушност презема најголем број обврски што треба да ги спроведе во одреден рок, почнувајќи од уставните измени, за секое доцнење во спроведувањето, „првата страна“ (Грција) може да ја тужи Македонија пред Меѓународниот суд на правдата во Хаг. Хипокризијата е во тоа што Македонија веќе има добиено пресуда во своја корист од тој суд, во 2011 година, за прекршување на Привремената спогодба од страна на Грција, со тоа што стави вето за влез на Македонија во НАТО, на самитот во Букурешт во 2008 година. Но таа пресуда беше игнорирана и од Грција и од меѓународната заедница. Со членот 19 од Преспанскиот договор и сите преземени обврски од претходните членови, многу е реален ризикот Македонија постојано да биде тужена од Грција, која речиси и нема никаква обврска според спогодбата – вели професорката на Правниот факултет при УКИМ, Гордана Силјановска-Давкова.
Со оглед на претходното однесување на Грција, во текот на 27-годишниот наметнат спор за името на Република Македонија, аналитичарите оценуваат дека „првата страна“ од Преспанскиот договор нема да се стеснува да ги употреби сите можности што ѝ ги нуди спогодбата.
– Она што е важно е дека, како што покажува искуството, Грција во критичните фази кога ќе има потреба од политичка консолидација на влади, или за мнозинство во парламентот (на пример при ратификацијата, но ќе има ситуации и подоцна – при интеграциските процеси), ќе инсистира на дополнителни отстапки. Логично е притисокот да оди во правец на македонскиот јазик и „гарантираниот“ македонски идентитет, но нема да ме изненади во иднина да се изнесат прашања што досега не сме ги ни сонувале – смета Страшко Стојановски, професор на Правниот факултет при универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.