Во црквата „Свети Ѓеоргиј“ во Охрид денеска се одржа архиерејска света василиева литургија со која чиноначалствуваше митрополитот дебарско-кичевски Тимотеј по повод Рождеството Христово – Божиќ.
Честитајќи им го најголемиот и највеселиот христијански празник на присутните верници Тимотеј упати Божикни пораки во духот на Христовото раѓање. На литургијата присуствуваше и в.д градоначалникот на Охрид Константин Ѓеоргиевски.
Според отец Димче Азески, преку овој празник се дава и пораката за сплотеност и единство.
– Со доаѓањето на Богомладенецот се сплотила целата вселена. Сите дошле и му се поклониле. Ангелите известиле за неговото доаѓање, пастирите дошле да го видат тоа чудо и стадата му се поклониле на создателот. Сета вселена му се поклонува, се радува го слави, а во исто време и му благодари за неговата милост и човекољубие, бидејќи никој друг само тој може да не спаси, а сето тоа го чуствуваме и на светите богослужби, вели отец Азески.
Христос, нагласи тој, е единствената новина во светот и токму затоа така торжествено и радосно го празнува православната црква овој празник, бидејќи на тој начин се исполнува сето она пророштво за доаѓањето на ветеникот.
-Никој со ништо неможе да го спаси човечкиот род освен самиот Бог и токму затоа откако се исполнило времето Господ ќе ги исполни сите оние пророштва за неговото доаѓање. Раѓајќи се и на тој начин примил и човечки лик без притоа да престане да биде човек и Бог. Затоа Хирстос е вистинскиот бого-човек, кој дојде за нас и нашето спасение, додаде Азески.
Света Василиева литургија се одржа и во другите цркви во Охрид и околината, како и во храмовите во Струга.