Апелот до претседателот на Собранието, Талат Џафери, го упатуваат неколкумина пратеници што собрале 8 илјади потписи
Група пратеници во Собранието испратија отворено писмо до претседателот Талат Џафери и до други надлежни адреси за зачувување на Охридско Езеро. Во писмото се вели: „На 21 јуни 2017 година, Денот на Охридско Езеро, ви ги предадовме картичките со кои над 8.000 граѓани на Република Македонија побараа мораториум за инфраструктурни проекти во единственото светско природно и културно наследство во Македонија и доследно спроведување на Законот за управување со охридскиот регион.
Сега, една година подоцна, на истиот ден посветен на нашето најголемо природно и културно богатство, ви се обраќаме со истото барање и уште поголема загриженост. Тоа што најмногу нѐ загрижува е евидентното избегнување на клучната мерка за спас на единственото УНЕСКО-подрачје во нашата земја – итното стопирање на деструкцијата на исклучителните универзални вредности, односно спроведување на приоритетната препорака бр. 6 на Реактивната мониторинг-мисија. Во согласност со неа бараме прогласување мораториум на сите крајбрежни и урбани трансформации, барем додека не се завршат и спроведат сите релевантни документи.
Спроведувањето на оваа мерка ја налага националното
законодавство, за неа не се потребни никакви финансиски средства, човечки ресурси, време итн. – потребна е само политичка волја.
Сакаме да укажеме на фактот дека истовремено, додека некои од институциите се посветени на документите, други спроведуваат и активности што се во спротивност со препораките на мисијата и последната одлука на Комитетот за светско наследство.
Општините Струга и Охрид и понатаму дозволуваат недозволени активности, градежни зафати, како и трансформации на струшкото крајбрежје, хотелот во Лагадин итн. Доколку не се спроведат препораките, останува опасноста Охрид да се најде на листата на светски наследства во опасност.
Треба да се истакне поразителниот факт дека деструкцијата на исклучителните универзални вредности во охридскиот регион започнува во деведесеттите години на минатиот век и зема драматичен замав од 1998 наваму – сѐ до состојбата во која се наоѓа денес. Со други зборови, сите генерации од почетокот на цивилизацијата (Охридско Езеро постоело илјадници години пред да се населат првите луѓе на европскиот континент) до независна Македонија го чувале, негувале и предавале на своите потомци ова исклучително и уникатно богатство на целиот свет – ние сме единствените што си го уништуваме највредното и, доколку не запреме веднаш, може да им го одземеме на сите генерации што доаѓаат по нас“, се вели во писмото од пратениците, на кои им се придружени и членовите на еколошкото здружение „Фронт 21/42“.