Антикорупциската комисија отвори предмети против градоначалникот на Струга Рамиз Мерко и претседателот на Врховниот суд Јово Вангеловски за набавката на луксузни возила.

Членовите се повикаа на написи во медиумите каде Мерко вели дека не му личи да вози „шкода“ и дека требало да купи уште поубава кола од „аудито“ кое чини 67 илјади евра. На седницата на ДКСК беше потенцирано дека набавката на возилата се прави во време кога Владата донела одлука финасиски да им се помогне на општините кои имаат долгови меѓу кои е и Струга со долг од четири милиони евра.

За двата случаја, и за Мерко и за набавката на „бе-ем-ве“ од 40 илјади евра за Врховниот суд од страна на Вангеловски, членот на ДКСК Нури Бајрами потенцира дека лице што врши јавна функција од јавен интерес не смее да ја искористи за лични интереси, па едногласно комисијата утврди да ја испита фактичката состојба.


Антикорупциска ќе испитува дали Пановска местела тендери

Антикорупциска отвори предмет за докторката Ирина Пановска-Ставридис в.д. директорка на Клиника за хематологија за можно местење на тендери во корист на веледрогеријата „Пановски“ во сопственост на нејзиниот татко.

Антикорупционерите ќе испитуваат и како Пановска-Ставридис унапредувала лекари во раководители на оддел. Во пријавата за докторката е наведено дека во унапредувањето на лекарите Соња Трајковкса и Мартин Ивановски, таа имала поддршка од министрите Радмила Шекеринска и Венко Филипче. За Пановска ќе се проверува и дали доставила анкетен лист од второто назначување за в.д. директорка.

Пријавата до ДКСК ја доставиле анонимни граѓани и група загрижени лекари.


Ќе се проверува дали Штерјев, Вангеловски и Караџовски незаконски добивале паушали

Антикорупциската комисија по соптвена иницијатива, ќе утврдува дали експретседателот на Судскиот совет, Зоран Караџовски, првиот човек на Врховниот суд Јово Вангеловски, како членови по функција во Управниот одбор (УО) на Академијата за судии под раководство на Анета Арнаудовска, три години земале месечни паушали од по 10.000 денари што законски не им следувале, а една година овој паушал го земал и претседателот на Советот на јавни обвинители Коле Штерјев. Ова беше објавено на денешната јавна седница на Антикорупциска.

Сомнежите се дека Караџовски, Штерјев и Вангеловски, го прекршиле Законот за академија на судии и јавни обвинители од ноември 2015, кога бил донесен, до октомври 2018 година кога беше избран нов Управен одбор. До тогаш, Караџовски, Вангеловски и Штерјев добивале надомест по стар закон кој важел до февруари 2015.

Пречката за исплата на овие паушали е што во Законот за академија на судии и јавни обвинители, донесен во февруари 2015, членовите по функција: првите луѓе на судскиот и обвинителскиот совет, на Врховниот суд и државниот обвинител, не членуваат во Управниот одбор на Академијата, па оттука немале право да земаат паушали.

Во преодните и завршни одредби на Законот пишува дека стариот Управен одбор може да се задржи само три месеци додека се подготовките за избор на новиот. Сепак, Управниот добр со членовите по функција и со паушалите, се задржа незаконски три и пол години, сè до 19 октомври кога беше избран новиот.


Отворени шест предмети по пријави од ВМРО-ДПМНЕ

Антикорупциската комисија отвори шест предмети по пријави од ВМРО-ДПМНЕ од кои дел се поврзани со премиерот Зоран Заев за случаите познати како „Поткуп” и „Глобал”, како и за т.н бугарски фирми. Предмет се отвора и за легализирањето на хациендите „Цареви Кули“. Објаснувањето на ДКСК зошто отвораат предмети кои имаат судска разрешница е дека има пријава за овие случаи. Од Антикорупциската комисија наведуваат дека ќе го истражат случајот и ќе видат дали и за кои предмети има судска разрешница и дали ќе го затворат предметот.

Има и предмет поврзан со министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски како и за вицепремиерот Кочо Анѓушев.

За Анѓушев ќе се истражува како било дадено под закуп земјиште за изградба на хидроелектрана на фирмата „Тополки” во сопственост на неговиот брат Тодор Анѓушев.