Годишниот план за проверка на имотната состојба и интереси за претстојната 2021 година беше усвоен на денешната 45-та седница на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК). Со планот кој ќе се реализира во три квартали, ќе бидат опфатени градоначалници, судии и функционери.
Планирана е изработка на објективни критериуми, во кои ќе бидат опфатени сите судии, градоначалници и функционери за кои граѓаните поднеле претставка, по што ќе уследи селекција и тие ќе бидат објавени, според најавите на претседателката на ДКСК Билјана Ивановска.
Во првиот квартал, во пресрет на локалните избори, ќе бидат опфатени 15 градоначалници и градоначалникот на Град Скопје, во вториот квартал ќе бидат опфатени судии, меѓу кои и двајца претседатели кои не биле опфатени минатата година, а во третот квартал владини функционери, што претставува обврска од ГРЕКО, како што посочи Ивановска.
ДКСК на денешната седница ја разгледа и усвои годишната програма за работа за претстојната 2021 година. Програмата е јавно достапна и ќе биде објавена на веб- страницата на ДКСК. А беше разгледана и усвоена и Стратегијата за управување со ризици 2021-2023 година. Комисијата го усвои и годишниот план за јавни набавки.