Од денот на донесувањето на одлуката за распишување на избори на пратеници во Собранието, се до изборот на Владата, задолжително да се почитуваат забраните утврдени во членот 8-а и 8-б од Изборниот законик и во членот 34 од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, порача Државната комисија за спречување на корупцијата до министерствата, единиците на локалната самоуправа, фондовите, агенциите, дирекциите, јавните претпријатија, регулаторни тела, трговски друштва и други институции основани од државата, како и јавноста.
Во претстојниот период на спроведување на активностите поврзани со постапувањето на Владата за спроведување на избори за пратеници, како и за времетраење на изборниот процес, Државната комисија за спречување на корупцијата согласно одредбите од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси нема законски основ да дава мислења по доставени барања поврзани со начинот на постапување на министерствата, единиците на локалната самоуправа, фондовите, агенциите, дирекциите, јавните претпријатија, регулаторните тела, трговски друштва и други институции основани од државата.
ДКСК ги известува сите институции дека нема да се произнесува со свое мислење на поединечни доставени барања и воедно ги повикува институциите да ги почитуваат забраните утврдени во Изборниот законик и Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси во текот на изборниот процес.
– Државната комисија за спречување на корупцијата ќе го следи целиот изборен процес и во случаите на основи за сомневање дека се прекршува законот ќе презема мерки за утврдување на таквите сомневања, ќе ги извести надлежните органи и ќе бара преземање активности во рамките на нивното надлежно постапување – информираат од ДКСК.