Пет балкански држави меѓу кои и Македонија и уште една од Источна Европа, во моментов размислуваат да го подноват својот воен арсенал со американски борбени возила и воени хеликоптери.
Оваа можност се најавува во американските медиуми. Неделникот „Дифенс њуз“, во текстот насловен „Американскиот мултимилионски план за ослободување на сојузниците од руска опрема“, пишува дека САД минатата година тивко лансирале нова програма, која го носи името „Европска програма за стимулирање капитал“ (ЕРИП) со која се планира сојузниците од Европа што побргу да се ослободат од руската воена технологија.
Во текстот на неделникот пишува дека европската команда на САД на овој начин ќе се обиде да помогне и да го забрза процесот на модернизација на армиите на Албанија, Босна, Грција, Македонија и на Словачка.
Според весникот, иако сѐ од програмата во моментов е во рана фаза, раководствата на САД и на европските држави веруваат дека на ваков начин може да се постигне саканата цел.
Во изјава за медиумот, Даглас Бери, од Интернационалниот институт за стратегиски истражувања, вели дека сето напишано има логика бидејќи на ваков начин со ЕРИП се остварува двојна победа, НАТО ја отстранува опремата од советската ера и американската воена индустрија поентира.
Тој додава дека натаму оваа програма овозможува да се прекине финансирањето на Русија, кое го има со одржувањето и резервните делови за воената опрема, се подобрува интероперативноста на НАТО-сојузниците со слична воена технологија за меѓусебно дејствување, а сето тоа на крајот е во состав на политиките на Доналд Трамп за зголемување на продажбата на американско оружје во странство.
„Дифенс њуз“ информира дека за оваа намена на Албанија ѝ се доделени 30 милиони долари за набавка на хеликоптери, на Босна за истата намена ѝ се доделени 30,7 милиони долари, Хрватска, пак, е планирано да добие 25 милиони долари за да набави борбени возила, кои би ги замениле 100-те возила што ги поседува, а се произведени во поранешна Југославија, Грција би ја добила истата сума за да замени 400 борбени возила од советската ера, Македонија би добила 30 милиони да ја модернизира својата борбена оклопна сила и на крајот Словачка би добила најмногу пари или 50 милиони долари за набавка на мултинаменски хеликоптери, кои би ги исфрлиле од употреба руските летала што ги поседува.
Слични информации пренесува и специјализираниот информативен портал „Дефенс уан“, кој информира дека за да ги добијат парите, државите мора да се ослободат од адекватната руска воена опрема, да ветат дека во иднина нема да купуваат нови оружја од Русија, но и да одвојат дел од сопствените буџети за купување американско оружје.
Во контекст на актуелните случувања, дека Македонија навистина е со намера да ги модернизира своите оклопни единици, можеби, може да се протолкува и последната посета на генерал-потполковник Методија Величковски на началникот на Генералштабот на војската во Лондон на 17-от самит посветен на оклопни армиски возила.
Во меѓувреме, во Стратегискиот одбранбен преглед (СОП) на Министерството за одбрана, донесен минатата година, стои запишано дека набавката на оклопни возила и други современи оружја и вооружени системи е предвидена со детали во документот насловен „Идни вооружени сили 2028“.
Натаму во годинашната програмата на Владата, како мерка од приоритет за годинава, е планирано спроведување на предлог-програмата за соработка со САД, во доменот на одбраната во која е предвидена набавка на опрема за потребите на македонската армија од американски производители, компатибилна со НАТО-стандардите.
– Се очекува програмата да донесе јакнење на капацитетите на армијата на Република Северна Македонија, подигнување на степенот на нејзината опременост, опремување и модернизација на армијата со поддршка на фондови од овие програми. Влијанијата од имплементацијата на оваа програма се позитивни – пишува во владината програма.
Докторот на воено-политички науки Благоја Марковски во изјава за медиумите вели дека во конкретниот случај Македонија треба да преземе одговорност да ги замени руските борбени транспортери, кои и онака требаше да бидат заменети што е и предвидено во долгорочниот план за развој на армијата.
Според него, нашата држава треба да ги осовремени и да ги модернизира овие воени средства, а сето тоа се вклопува во нашето видување и нашите желби за членство во НАТО. Воениот аналитичар Милан Стефаноски размислува слично со Марковски и ја поддржува иницијативата за наоѓање милионски средства за модернизација на нашата војска. Но тој додава дека опремувањето со воена технологија на македонската армија е скап процес, кој треба да трае со години и потсетува дека приоритет за модернизација треба да бидат единствено најнеопходните технологии, кои во моментов недостигаат во АРМ. Аналитичарот додава дека паралелно со модернизацијата на војската би требало и да се модернизира и полицијата, бидејќи на крајот на краиштата таа ни ги обезбедува границите и ни ги одржува внатрешниот мир и државниот уставен поредок, нешто што армијата не може да го стори бидејќи нема уставни надлежности за тоа.