Американските политичари заработуваат милијарди од војните што ги креираат низ светот!

Што открива истражувачката новинарка Наоми Клајн во својата книга „Шок-доктрина“

Пишува: Блаже Миневски

„Воена акција е можна. Ако е така, САД ќе го сторат тоа“, изјави американскиот државен секретар Мајк Помпео, објаснувајќи дека САД се подготвени да преземат воена интервенција за да ги спречат немирите во Венецуела. Според тоа, воопшто не е тешко да се претпостави дека интервенција ќе има, но одново, и со Трамп, се поставува прашањето дали Америка некогаш воопшто ќе престане да прави војни и да убива невини луѓе низ светот, тврдејќи дека всушност води „борба за демократија и слободен пазар“. Дали ќе им бидат пресечени бизнис-каналите на моќниците што заработуваат во услови на хаос, користејќи ги воените судири и катастрофи за да можат сурово и немилосрдно да го преобразат светот во согласност со сопствените идеи и потреби?

Во своето истражување за ваквите стратегии, Наоми Клајн, светски позната и наградувана новинарка и колумнистка, според чија книга посветена на капитализмот на катастрофите режисерот Мајкл Винтерботом сними филм, всушност ги открива и ги разобличува глобалните профитери, докажувајќи дека американската политика е во тесна врска со „бизнисот со несреќи и воени конфликти низ светот“. Според неа, инвазијата на Ирак, на пример, која во јавноста беше „продадена“ во пакет со стравот од оружје за масовно уништување, реално беше само „најмалиот заеднички содржител“ за почеток на стратегијата за експлоатација не само на Ирак туку на целиот регион. Исто такво сценарио бездруго веќе е детално подготвено и за Венецуела.

По американската окупација, Ирак веднаш бил „отворен за бизнис“!

„Според стратезите на катастрофи, Америка морала да изврши инвазија врз Ирак за да ја претвори во, како што го дефинира тоа Томас Фридман, угледен медиумски продавач на теоријата за демократија и слободниот пазар – различен модел во срцето на арапско-муслиманскиот свет, модел што ќе продуцира серија демократско-неолиберални бранови во регионот. И, се разбира, повторно како и во Србија, а веројатно и во Венецуела, основната стратегија на ’чистење’ почна со бомбардирање. А бомбардирањето секогаш е насочено кон бришење на основата врз која треба да се создаде ’нација за пример’. Во периодот од 20 март до 2 мај 2003 година, односно во таканаречената ’недела на големи борби’, вооружените сили на САД фрлија повеќе од 30.000 бомби врз Ирак, како и 20.000 прецизно наведувани ракети, што е 67 отсто од вкупната бројка произведени ракети. Во таа кампања, меѓу другото, на пример, беше уништен комплетниот телефонски систем на Багдад.

Официјалната причина за уништувањето на системот беше дека со тоа се намалува можноста за комуникација на Садам со неговите елитни командоси, но, по војната, иследниците на САД имаа интензивни ’интервјуа’ со бившите луѓе од власта во Ирак и дознаа дека долги години Садам бил убеден дека му ги прислушуваат телефонските разговори и поради тоа во последните 13 години телефонирал само двапати“, пишува Клајн во „Шок-доктрина“, појаснувајќи дека големите пари веќе го чекаа „Бектел“, кој веќе беше подготвен да изгради нова телефонска мрежа во земјата. Во меѓувреме орди крадци ја искршија древната керамика, ги испразнија поставките и ги носеа старите и златните предмети со себе од Националниот музеј на Ирак. Така ги снема и првите записи за човечкото општество. Беа украдени и разнесени повеќе од 80 отсто од околу 170.000 скапоцени предмети од музејот, а Националната библиотека во која се чуваа копиите од секоја книга или докторска теза објавена во Ирак, одеднаш стана само опожарена руина. Во првиот бран десетици копии на Куранот, стари илјада години беа украдени од Министерството за религиозни прашања, кое исто така беше запалено.

Пол Бремер, назначен од американската администрација на позицијата директор на окупациските власти, самиот признал дека кога првпат дошол во Багдад, кражбите сѐ уште траеле и јавниот ред не бил заведен. Само две недели потоа, по неговото доаѓање, тој јавно изјави дека Ирак е „отворен за бизнис“. Прекуноќ, од најзатворена земја во светот, поради санкциите на ОН, Ирак стана најотворениот пазар на светот“, пишува Наоми Клајн, родена во Монтреал, Канада, колумнистка на највлијателните весници на американскиот континент, но и низ светот, почнувајќи од „Нејшн“, „Њујорк тајмс“, „Вашингтон пост“ и „Њузвик“, преку „Гардијан“ до „Ел паис“ и „Еспресо“. Пред десетина години, за известувањето од Ирак, таа ја доби престижната награда „Џејмс Аронсон“.

Војна – бизнис – војна!

„Бизнисмените од САД чекаа пред вратата на својот разработен ’капитализам на катастрофи’“. Поранешниот шеф на ФЕМА во кабинетот на американскиот претседател, основач на „Њу бриџ стратеџис“, Џон Олбау, веднаш вети дека ќе ги употреби сите свои врски со „врвните политичари за да им помогне на мултинационалните компании од Америка да добијат зделки во Ирак!“ Добивањето на правата за дистрибуција на производите на „Проктер и Гембл“ би можело да биде златен рудник, тврдел еден од неговите партнери. Еден добро опремен „Севен-илевен“ може да замени 30 ирачки продавници, а „Волмарт“ може да основа синџир во целата земја. Значи, бомбите ја завршија работата – бизнисот почна да цути! Белата куќа била толку фокусирана на создавање на новата економија на Ирак, па решила да пушти во оптек сосема нова валута. Парите биле печатени во британската компанија „Де ла Ру“, а банкнотите превезувани со авиони и со блиндирани возила. И сето тоа во време кога половина од населението немало вода за пиење, кога семафорите не работеле, а стапката на криминалот била огромна. Притоа кабинетот на Бремер, како директор на окупациските власти, имал 1.500 луѓе што требало да управуваат со земјата од 25 милиони жители!

Само за споредба, компанијата „Халибуртон“ имала 15.000 вработени само во тој регион, а многумина од вработените биле поранешни државни службеници привлечени во приватниот сектор поради подобри плати. Значи, додека Пол Бремер ги потпишувал законите, шефовите на приватните компании ја создавале и раководеле економијата. Само „Беринг поинт“, филијала на големата консалтинг-фирма КПМГ, добила 240 милиони долари за да изгради „пазарно ориентиран систем“ во Ирак, а во договорот од 107 страници зборот „приватизација“ се споменува 51 пат! Британскиот институт „Адам Смит“ го добил договорот за помош во процесот на приватизација на ирачката економија. Приватните компании за заштита и воената индустрија ги обучувале ирачките војници и полицајци, а фирмите за образование го направиле нацртот на новиот образовен систем и ги печателе новите учебници. Компанијата „Креатив асошиејтс“, специјализирана за менаџмент и советување од Вашингтон, потпишала договор во вредност од над 100 милиони долари.

Во меѓувреме, моделот на тогашниот потпретседател и бизнисмен Дик Чејни, спроведен преку „Халибуртон“, и првпат реализиран на Балканот, каде што базите се претворале во мали градови на „Халибуртон“, во Ирак се спроведувал во големи размери. Покрај договорите на „Халибуртон“ за изградба и управување со воените бази во целиот Ирак, и Зелената зона, со која исто така управува од самиот почеток, станува град-држава со која владее „Халибуртон“, компанија буквално задолжена за сѐ, од одржување на патиштата, дератизација, до изградба на кина и места за забава. Во основа на тоа лежи поврзаноста на таканаречената „стимулирана граѓанска војна“ и „корпоративен проект скриен во самата суштина на инвазијата“. Дозволувајќи им на „Халибуртон“, „Бектел“, „Парсонс“, „КПМГ“, „Ти-ај“, „Блеквотер“ и другите американски компании дојдени во Ирак да господарат со обновата на Ирак, Владата на САД, преку протекционистички рекет, кој самата го создала на тамошниот пазар, всушност им обезбедила огромен профит, кој се прекршувал дури и врз грбот на американските даночни обврзници, кои всушност ја плаќале војната во Ирак.

Од друга страна, кога „Бектел“ си заминал од Ирак во 2006 година, компанијата тврдела дека поради „претераното насилство“ не била во можност да го исполни договорот, иако првите училишта што ги реконструирала веднаш доставиле низа поплаки на квалитетот на сработеното. Компанијата „Парсонс“ добила 186 милиони долари за реконструкција на 142 болници, но само шест биле завршени. Меѓу другото компанијата „Кастер бетлс“ била обвинета дека ги украла виљушкарите од аеродромот во Багдад, ги префарбала, а на привремените власти им испорачала сметка за изнајмување виљушкари, иако тие не биле нејзини. Првичниот договор на „Блеквотер“ бил лично обезбедување на Бремер, но по една година окупација, припадниците на оваа компанија се вклучиле и во уличните борби. Во април 2004 година, за време на востанието на движењето Моктада ал-Садр во Наџав, „Блеквотер“ ја имала командата дури и врз припадниците на маринските единици во битката што траеле еден ден. На почетокот на окупацијата имало околу 10. 000 приватни војници во Ирак, а три години подоцна таа бројка се искачила на околу 80.000 војници од целиот свет. Платениците по застапеност биле на второ место, веднаш по американските војници. Според извршниот директор на „Блеквотер“, Ерик Принс, тоа што тие го прават за националната безбедност, „Федекс“ го прави за поштенската служба.

Во секој случај, компанија што се чини дека најмногу заработила од хаосот во Ирак е „Халибуртон“, која буквално презела десетици функции што традиционално порано ги извршувала армијата, вклучувајќи и сервисирање на возилата и опремата за комуникација. А еден од главните акционери на „Халибуртон“ бил Дик Чејни, тогашен потпретседател на САД! Сега веќе се знае дека за време на својот мандат, Чејни добивал огромни дивиденди од компанијата што го собирала најголемиот профит во Ирак, а освен тоа добивал и 211.000 долари годишно на име на плата, речиси исто колку и платата што ја добивал од државата. Доналд Рамсфелд, пак, најголемиот заговорник за напад на Ирак, исто така имал свои бизнис-релации со целата таа катастрофа, како што претходно компанијата каде што бил член на управниот одбор заработила само од „неговиот“ Пентагон 58 милиони долари за „тамифлу“, вакцина против птичји грип, на пример. Притоа, се разбира, она што се случуваше во Ирак, се случува сегде каде што САД и сојузниците влегуваат со наводна „хумана цел“ – да воспостават „демократија“ и „слободен пазар“. Дали ваквиот лицемерен однос кон светот надвор од Америка и Велика Британија ќе продолжи или сосема ќе биде напуштен засекогаш, останува да се види низ она што ќе се случува во Венецуела во следниот период. Во Македонија, на пример, „инвазијата“ заврши со целосна промена на македонскиот национален идентитет, па сега во државата не живеат Македонци туку северномакедонци! Бизнисот засега им е оставен во рацете на домашните подизведувачи. Како надомест за вложениот труд за обезличување на државата.


Венецуела е прва според резервите на нафта во светот!

Кога го окупираа Ирак, американските „ослободители“ дојдоа во посед на профитот од државната нафтена компанија вредна околу 20 милијарди долари, сума што можеле да ја трошат како што сакаат, без јавен отчет и одговорност. Венецуела е водечка земја во светот според количеството докажани нафтени резерви и една од водечките извозници на нафта. Пред да бидат откриени огромните нафтени резерви, Венецуела била неразвиена земјоделска земја, која извезувала само кафе и какао. Нафтената криза од 1980 година доведе до криза во врска со надворешниот долг и долготрајна економска криза, која во 1996 година кулминира со инфлација од 100 отсто и околу 66 отсто сиромашно население. По закрепнувањето на пазарот со нафта на почетокот на 21 век, во Венецуела почна да се трупа огромен прилив на пари каков што не беше забележан од 80-тите година на минатиот век. Бруто-домашниот производ минатата година беше проценет на вкупно 340.984 милијарди долари или 10.399 долари по жител што е тројно повеќе од она што земјата го имаше пред само дваесетина години. И, се разбира, сето тоа, заедно со нафтата, Америка не може да им го прости!