Паралелно со константниот пораст на бројот на зависниците од алкохол на светско ниво, алкохолизмот е во пораст и во Македонија, а врз основа на последните расположливи податоци, се проценува дека над 60.000 луѓе во земјава се алкохоличари, а 300.000 имаат проблеми со алкохолот и покажуваат знаци на алкохолна болест
Секојдневното и прекумерно консумирање алкохол е причина за голем број болести, но и социјални и економски поткопувања на семејството и на самото општество. Алкохолот е причина за повеќе од 200 болести и повреди кај индивидуите. Освен зависноста, луѓето што консумираат алкохол можат да се соочат со цироза, рак, но и со голем број инфекции. Паралелно со константниот пораст на бројот на зависниците од алкохол на светско ниво, алкохолизмот е во пораст и во Македонија.
Според информациите од директорот на ЈЗУ УК Токсикологија, доктор специјалист Нагип Зумбери, во Токсиколошкиот информативен центар на клиниката во 2018 година се евидентирани вкупно 424 лица со акутно алкохолно труење.
– Од вкупниот број, 335 се мажи, а 89 жени. Три лица биле хоспитализирани, другите биле со дневен болнички третман. Од вкупната бројка, шест пациенти биле деца под 14 години, а 78 биле адолесценти на возраст од 15 до 19 години. Со над 20 години возраст биле вкупно 340 пациенти. Во однос на 2017 година, се забележува пораст на лица со акутно алкохолно труење. Во 2017 година биле евидентирани вкупно 351 случај, или 27,1 процент од сите евидентирани случаи на клиниката, додека во 2018 година тој процент изнесува 30,3 отсто – информира тој.
Во согласност со информациите со кои располагаат, психолозите сметаат дека алкохолизмот во пораст е и семеен и општествен проблем, со голем опфат на психосоцијални компликации.
– Алкохоличарите многу ретко решаваат да побараат помош од психолог или психијатар. За тоа придонесува природата на проблемот, но и отсуството на адекватна здравствена и социјална мрежа за превенција и третман на овој проблем – смета психологот Лидија Зорба.
И таа, повикувајќи се на информацијата за болестите на зависност и алкохолизам утврдени во здравствените установи во Скопје во 2008 година, се согласува дека состојбата со злоупотребата на алкохол во Македонија се влошува.
Имено, според информацијата за состојбата со болестите на зависност за периодот 2015-2016 (Институт за јавно здравје на РМ, 2017, Скопје), се проценува дека во Македонија над 60.000 луѓе се алкохоличари, а 300.000 имаат проблеми со алкохол и покажуваат знаци на алкохолна болест.
– Загрижувачки е фактот што расте бројот на жени што имаат проблеми предизвикани од прекумерно пиење алкохол. Се претпоставува дека има многу неевидентирани алкохоличари и дека реалната слика е многу полоша – вели таа.
Владимир Панзов, претседател на здружението на апстиненти „Здрав живот“ – Скопје, тврди дека Македонија е единствена земја во Европа што нема регистар на алкохоличари.
– Македонија има потенцијал, но нема политичка волја за да се решава проблемот со алкохолот. Според информациите до кои доаѓам со секојдневната работа, можам да кажам дека во Македонија имаме 600 илјади зависници од алкохол. Со здружението успешно извлекуваме, но не лекуваме. Не постои излекуван зависник од алкохол. Се обидуваме да ги смениме навиките, да им всадиме здрави навики со кои ќе го заменат алкохолот – вели Панзов.
Инаку, според податоците на Светската здравствена организација, консумирањето алкохол на глобалното ниво во 2010 година било еднакво на 6,2 литри консумиран чист алкохол по човек на возраст од 15 години нагоре, што значи дневен внес на алкохол од околу 13,5 грама. Четвртина од испиениот алкохол е нерегистриран алкохол, односно домашно направен, илегално произведен. Во 2012 година, пак, околу 3,3 милиони од вкупниот број починати биле поврзани со консумирањето алкохол. Огромна е разликата помеѓу полот на луѓето што пијат алкохол. Во 2012 година, 7,6 проценти од починатите биле мажи, а само четири проценти биле жени.
Според медицинското списание „Лансет“, формирано од фондацијата „Бил и Мелинда Гејтс“, алкохолот е причина за смрт на едно од десет починати лица во 2016 година. Само во 2016 година, алкохолот бил причина за разни болести и смрт кај мажите и жените на возраст од 15 до 49 години. Алкохолот е причина за 2,8 умирања во 2016 година, независно дали причината е предозирање со него или болест предизвикана од прекумерното консумирање алкохол.