И покрај тоа што надлежните институции најавиле стопирање на изградбата на џамијата и комплетно ревидирање на целиот проект, сепак, градежните работи на џамијата не запреле и се одвиваат со константно темпо
Наместо да се реставрира и заштити како споменик на културата, Алипашината џамија што се наоѓа во центарот на старото градско јадро во Охрид, противзаконски и без соодветна дозвола и документација се доградува постојниот верски објект – со минаре и придружни објекти во дворот.
За ваквата фактичка состојба неколкупати посочуваа и членовите на здружението на граѓани „Совест“ од Охрид. Тие перманентно алармираат дека градежните работи не се одвиваат според предвидената законска регулатива и го истакнуваат фактот дека токму на овој начин на дело се покажува дека заложбите на властите (локални или централни) за владеење на правото и функционирање на правната држава, некакви моќници или сиви еминенции, ги претвораат во празни фрази и зборови.
Проектот за реставрација на оваа џамија почна пред три години и веднаш ја разбранува охридската и целата македонска јавност.
Од „Совест“ вчера изјавија дека, и покрај тоа што надлежните институции најавиле стопирање на изградбата на џамијата и комплетно ревидирање на целиот проект, сепак, градежните работи на џамијата не запреле и се одвиваат со константно темпо.
Најавуваат дека ако до понеделник не добијат известување од надлежните институции, како Јавното обвинителство, Заводот и музеј Охрид, МВР и пред сѐ Управата за заштита на културното наследство, ќе организираат мирен граѓански протест како израз на незадоволство и, како што велат, за незаконието и за непоправливата штета што им се нанесува на Охрид и охриѓани.
– Овие надлежни институции треба конечно да излезат со свој став и да стават крај на незаконието во овој случај. Повикуваме и апелираме до совеста на сите поединци и сите граѓани да не дозволиме космполитизмот на Охрид, неговата културно-историска вредност како лулка на цивилизациите да биде трајно нарушена со незаконско дивеење на поединци за свои лукративни интереси -велат од „Совест“.
Томе Џамтоски, член на „Совест“, вели дека изминатиов период презеле низа активности за да ја анимираат јавноста, особено надлежните институции да ги преземат своите со закон утврдени надлежности и да прекинат со префрлање на одговорноста.
– Потсетуваме на дел од решенијата и актите што изминатиов период ги има донесено Управата за заштита на културното наследство, почнувајќи од решението за прогласување на Алипашината џамија за значајно културно наследство од 29 декември 2014 година, Конзерваторското одобрение од 8 јуни 2016 година, Решението од 24 ноември 2017 година, со кое се наредува да се постапи по претходно издаденото конзерваторско одобрение, што значи дека муфтиството во Охрид при Исламската верска заедница во земјава не го почитува одобрението, односно точка шест од диспозитивот, во која се бара правосилно одобрение во согласност со прописите за градење, кое до ден-денес никој не го видел, од едноставна причина што никој надлежен орган не го издал. И да завршиме во овој легислативен дел со последното решение од Управата од 23 март 2018 година, со кое се бара запирање на работите на Алипашината џамија – објаснува Џамтоски.
Пред да зовријат и меѓуконфесионалните емоции во врска со Алипашината џамија, иако реставрацијата односно конзерваторското одобрение и изведбените активности на теренот немаат и не треба да имаат никаква допирна точка со кршењето на законот и доградбата на објектот, од Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи прецизно се изјаснија дека не треба да се прават тензии на верска основа меѓу граѓаните, туку дека треба да се почитуваат законите.
Во истиот контекст, залагајќи се за принципите на правната држава и владеењето на правото, премиерот Заев токму пред една година беше дециден во врска со споменатиот проблем.
– Доколку нема одобрение за градба, без разлика дали се работи за куќа, зграда, црква или џамија, не треба да се гради!
Очигледна е не само опструкцијата кон премиерот, туку во практиката евидентни се спречувањето, отежнувањето и оневозможувањето на функционирање на правото и во овој сегмент.
Реџепи: Џамијата ќе биде довршена
Сулејман Реџепи, поглаварот на Исламската верска заедница во Македонија, во јуни минатата година за „Нова Македонија“ изјави дека Алипашината џамија во Охрид е многу стар и многу вреден монумент на исламската култура, со кој би се гордеел секој град на светот.
– За жал, во нашиот Охрид има едно здружение на граѓани што се труди да ја спречи реставрацијата на таа убавина, на нејзиното минаре, кое од секогаш постоело и кое постоело и во оригиналниот изглед на џамијата. Ужас е само да помислиш дека „минарето ќе му наштети на ликот на градот“. Замислете да се реновира некоја од македонските цркви и некои граѓани да инсистираат таа да ја нема камбанаријата. И тоа би било ужас. Но таа џамија ќе биде довршена, бидете сигурни, бидејќи бог ги сака своите домови – изјави тогаш поглаварот.