Фото: Дарко Андоновски

САД ПРЕДУПРЕДУВААТ ЗА ТЕРОРИСТИЧКИ И БЕЗБЕДНОСНИ ЗАКАНИ

Американската амбасада во Приштина издаде несекојдневно соопштение со коe ja алармира регионалната јавност, информирајќи дека, според нивни сознанија, летниот период е времето кога во нашето опкружување ќе бидат активни терористички и безбедносни закани.

Според информациите во соопштението од Амбасадата на САД поради тековните закани од терористички организации и поединци инспирирани од екстремистичка идеологија можни цели за напад се местата што ги посетуваат претежно лица од Западот.
– За време на летната сезона, безбедносните мерки во Косово се креваат на повисоко ниво поради тековните закани од транснационални терористички организации и поединци инспирирани од екстремистичка идеологија. Екстремистите и натаму се фокусираат на туристички локации, јавни собири, трговски центри, транспортни возила, кафетерии и други објекти што ги посетуваат лица од Западот – се вели во соопштението.

Бидејќи предупредувања се однесуваат на погранична држава со Македонија и се во наша непосредна близина, се поставува прашањето за евентуалните рефлексии и врз нашата држава.
Во меѓувреме, знаејќи дека безбедносните настани се тесно поврзани во сите држави во опкружувањето, оваа вест во Македонија е примена со доза сериозност.
Високи полициски соговорници брифираат дека сите информации од ваков карактер, особено оние што се однесуваат на терористичките закани, а пристигнуваат од адреса на нашиот најголем безбедносен партнер САД, во Македонија се разгледуваат со висока доза професионалност.

Полицискиот соговорник појаснува дека македонските безбедносни служби на терен изминатиов период се особено активни за превенирање закани од секаков карактер, имајќи го на ум целиот безбедносен пејзаж во Македонија.
Дотолку повеќе што веќе извесно време нашата земја е зафатена со одредени политички тензии и висок општествен набој, што, од друга страна, може да биде искористено од разни екстремни групи за некои нивни цели.

Докторот по воено-политички науки Благоја Марковски во своја опсервација на случувањата вели дека во секој случај со оглед на чувствителноста на регионот на состојбите од сферата на безбедноста, службите и надлежните органи во овој период треба да се многу поактивни од обично и во превентивна смисла на зборот да се преземат активности и мерки со кои би пресретнале какви било терористички или други случувања што имаат за цел да ја нарушат стабилноста на државата.
– Во тој контекст Македонија е исто така ранлива и чувствителна по ова прашање како нашите соседи, имајќи ги на ум последните настани во државата поврзани со сомнежите за корупција во СЈО и особено тоа што наскоро се очекува да се одбележи Илинден во една тензична атмосфера, каде што на масовни собири се можни разни деструктивни активности што би имале за цел на одреден временски период да ја вознемират безбедноста на државата.

Фото: Дарко Андоновски

Марковски истакнува дека тој е запознаен со случувања од оваа област кои укажуваат дека припадници на МВР веќе подолг период го опсервираат регионот на Крушево, каде што треба да се одржи манифестацијата и мисли дека нивната активност ќе придонесе во превентивна смисла да се одвратат активностите на одредените групи за нарушување на безбедноста.

Слично размислува и безбедносниот аналитичар Милан Стефаноски, кој, пак, истакнува дека амбасадите на САД секогаш во земјата и регионот соработувале безбедносно со своите партнери од Балканот.
– Токму затоа сите овие аларми на Американците не треба да се занемарат, а државните органи на терен со превенирање на овие безбедносни закани да покажат зошто Македонија во иднина ќе биде следната членка на НАТО – вели Стефаноски.
Аналитичарот додава дека ниту една земја во светот не е имуна на безбедносни закани, но тој лично не очекува овие случувања посериозно да ја загрижат државата.

[email protected]