Министерот за дијаспора Едмонд Адеми ја повикува дијаспората до 23 август 2018 година да се пријави за остварување на гласачкото право на престојниот референдум на веб страницата на Државната изборна комисија https://dijaspora.sec.mk/Default.aspx.
– Почитувани сонародници во дијаспората, Собранието на Република Македонија, на 30 јули 2018 година, врз основа на постигнатиот Договор меѓу Република Македонија и Република Грција, донесе Одлука за распишување референдум што ќе се одржи на 30 септември 2018 година, на кој граѓаните ќе одговорат на прашањето „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот помеѓу Република Македонија и Република Грција?“. Граѓаните на Република Македонија кои живеат и работат во дијаспората ќе можат да го остварат своето гласачко право во сите дипломатско-конзуларни претставништа на Република Македонија во светот. Увидот може да се изврши и преку интернет страницата на Државната изборна комисија https://izbirackispisok.gov.mk/dijaspora/, се вели во јавниот повик од Адеми до дијаспората.
Вие, се потенцира, одлучувате, дали Република Македонија ќе биде членка на Европската унија (ЕУ) и НАТО, со прифаќање на договорот со Република Грција.
– Ова е време за одлука, а твојот глас одлучува за иднината на нашата земја! Имаме граѓанска одговорност да донесеме правилна одлука, да излеземе и со нашиот глас да придонесеме кон заедничка, подобра иднина. Сплотени, со здружени сили, заедно можеме да ја обезбедиме иднината на нашите деца. Одлуката зависи исклучиво од нас самите, наша е одговорноста, се потенцира во повикот од Адеми до дијаспората.