На 11.04.2019 година во Подгорица, Црна Гора, потпишан е Акциски план за имплементација на Договорот за соработка помеѓу Агенцијата за администрација и Управата за кадри на Црна Гора. Акцискиот план го потпишаа директорот на Агенцијата за администрација г-дин Спасе Глигоров и директорката на Управата за кадри г-ѓа Светлана Вуковиќ, во присуство на Амабасадорот на Република Северна Македонија во Црна Гора Н.Е. г-динот Михајло Трпковски.
 
Официјално соработката помеѓу Агенцијата за администрација и Управата за кадри на Црна Гора е започната во 2007 година, кога е и потпишан Договорот за соработка помеѓу двете институции со што е воспоставена поблиска соработка во областа на системот на државната служба и со кој двете страни се согласија да разменат искуства преку учество на меѓународни и регионални состаноци и конференции за реформа на јавната администрација. 
 
Потпишувањето на Акцискиот план има за цел поблиска соработка во областите од взаемен интерес со акцент на зајакнување на капацитетите на институциите и квалитетот на системот на државната служба, заедничка работа за промовирање, деполитизација и професионализација на вработените во државната администрација, добро управување и владеење на правото на принципите на Европската унија, како и зајакнување на билатералната соработка помеѓу двете страни.
 
Соработката воедно ќе придонесе за размена на искуства во реформата на државната администрација и примена на најдобрите практики во областа на управувањето со човечките ресурси, во насока да се обезбеди добра административна поддршка во евроинтеграциските процеси како стратешка цел на двете земји.
 
Вториот ден од посетата беше посветен на презентација на двете институции за своите надлежности и  дефинирање на идните заеднички активности предвидени со Акцискиот план.