Претседателот на Собранието, Талат Џафери, на 24 мај ќе ја предводи државната делегација за одбележување на традиционалната манифестација „Македонија во чест на Св. Кирил“, во Светата Столица во Рим.
Џафери ќе биде придружуван од координаторите Јован Митрески, Никола Мицевски, Ејуп Алими, пратеничката Ирена Стефоска, претседателот на Комисијата за култура, пратеникот Крсто Мукоски, генералната секретарка на Собранието Цветанка Иванова, вицепремиерот Кочо Анѓушев, државниот скеретар во МНР, Виктор Димовски, заменик министерот за култура Владимир Лазовски и Даријан Сотировски, директор на Комисијата за односи со верски заедници.
Државната делегација ќе присуствува на аудиенција кај Светиот Отец на Римокатоличката Црква во Ватикан, по што Џафери ќе се сретне со папата Франциск и со државниот секретар на Светата Столица кардиналот Пјетро Паролин.
Претходно, ќе се одржи молебен во Базиликата Сан Клементе во Рим, каде што акедонската делегација ќе положи венец на гробот на Св. Кирил.
Дел од годинешното чествување на сесловенските просветители браќата Св. Кирил и Методиј во Рим, македонската делегација ќе го реализира заедно со делегацијата на Бугарија.
Делегацијата, предводена од Џафери ќе присуствува и на молебенот на Бугарија во Базиликата Сан Клементе, а потоа двете делегации ќе присуствуваат на положувањето на цвеќе пред плочата на Македонија во чест на Св. Кирил во Базиликата Санта Марија Маџоре.
Во вечерните часови, делегациите на Македонија и Бугарија ќе организираат заедничка културна програма, на која свој настап ќе имаат македонските уметниците, Весна Гиновска Илкова и Дино Имери.