Ефектите од климатските промени играат голема улога во политичките проекции на глобално, но и на локално ниво. Во светот, разни движења чие тежиште на интерес се предизвиците на климатските промени, контекст, евидентно е дека ефектите од климатските промени веќе играат голема улога во политичките проекции во светот, па и кај нас
Климатските промени ги менуваат политичките агенди на државите и на меѓународните организации
Климатските промени како природен феномен, одамна ги надмина стандардите за да бидат третирани само како еколошки предизвик и сѐ повеќе и сѐ посериозно се анализираат аспектите на влијанието во политиката. Во светот, разни движења чие тежиште на интерес се предизвиците на климатските промени, веќе имаат и сосема релевантна политичка моќ. Во таков контекст, евидентно е дека ефектите од климатските промени веќе играат голема улога во политичките проекции на глобално, па и на локално ниво.
Климатските промени носат еколошка, економскаи човечка болка
Најновите студии за климатските промени предупредуваат дека светот може да изгуби речиси половина од своите песочни плажи до крајот на векот. Неодамна објавената студија „Климатски промени во природата“ претпоставува зголемување на температурите за 4 степени Целзиусови (7,2 по Фаренхајт) во однос на прединдустриското ниво до 2100 година, што би го подигнало нивото на морето и без дилема би довело до ерозија и зголемено поплавување на крајбрежјето. Во истражувањата на Европската Унија, се укажува дека веќе денес, преку цела Европа, морето се шири на речиси една петтина од крајбрежјето, јаде депонии, одзема песок од плажите и носи еколошка, економска и човечка болка. Климатските промени само ќе ги забрзаат тие загуби.
– Порастот на нивото на морето значи дека ќе има забрзување на ерозијата. Порастот на нивото на морето е реалност. Во секој случај, ние сме со зголемена ранливост – вели Бруно Кастел, истражувач на Универзитетот во Бордо, Франција.
Со зголемувањето на нивото на морето за 4 милиметри годишно по некои делови на континентот, се зголемува ранливоста. Веќе на ризик се изложени 42 од 49 места на светско наследство на УНЕСКО во Средоземно Море – вклучувајќи ги и античкиот италијански град Сиракуза и главниот град на Малта, Валета.
Истражувачите дојдоа до релевантни откритија за поврзаност на забрзаната ерозија во последните децении со човековата активност. Пример за тоа е проширувањето на португалската лагуна Авеиро и драстично намалените плажи, или примерот со водите на грчките острови, кои ја измија песокта од џебните островски миниплажи, кои се центри за специфичен вид туризам… Структурите како хидроенергетските брани и поплоченото земјиште го направија негативниот ефект, на пример реките како Рона и Рајна, да носат помалку песок и глина до морето, така што има помалку материјал за дополнување на плажите.
Го чувствува ли Македонија негативниот ефект на климатските промени
Иако Македонија не излегува на некој морски брег, ефектите на климатските промени, секако, не ја одминуваат. За разлика од Европа, каде што климатските промени влијаат на зголемување на нивото на морињата и се закануваат да го потопат брегот, кај нас опасноста е во сушите и намалувањето на водостоите на водните површини. Актуелно, најдраматична е состојбата со повлекувањето на водата во Преспанско Езеро, а пред дваесетина години Дојранско Езеро беше во сериозна опасност од исчезнување, пред да биде изграден систем за негово полнење од блиските водотеци. Исто така, водостоите на реките во Македонија имаат променливи вредности, кои во голем дел од годината се многу ниски.
– Климатските промени различно се манифестираат, но факт е дека сериозно влијаат на многу сегменти од човековото живеење и во општеството. Кај нас во Македонија, тоа се манифестира со зачестеност на екстремите на природните појави, како и зголемени количествени вредности. На пример, ако големите поплави (кои се реален проблем во Македонија), порано се случувале еднаш до двапати на сто години, сега тие се случуваат почесто, а и количеството на врнежи е значително поголемо. Тоа укажува дека климатските промени кај нас се манифестираат со тоа што такви непогоди од катастрофални размери се случуваат почесто и со поголеми вредности – вели Станислава Додева, хидроинженерка и познавачка на состојбите со ефектите на климатските промени.
Друг, сосема спротивен ефект на климатските промени е и тоа што летата се потопли и е намалено количеството на врнежите, што предизвикува и суши. Тоа најмногу се одразува на земјоделството за производство на одредени култури (но и во производството на енергија, транспортот), така што влагата во земјата е намалена, па потребите за вода за одгледување на културите се зголемени. Или накратко кажано, потребите се зголемени, а резервите се сѐ помалку.
– Она со што треба да се соочиме во врска со климатските промени, е фактот дека тие не можат да се регулираат. Она што можеме да го направиме е да преземеме акција да го адаптираме нашиот начин на живот според менувањето на условите. Долгорочно, треба да бараме начин за намалување на потрошувачката на вода, преку одгледување култури за кои е потребно помало количество вода, да се намали загубата на водата во системите за водоснабдување, да ги намалиме или промениме активностите што го забрзуваат дејството на климатските промени. Но, сепак, примарно е дека треба да се приспособиме на промените што ги носат природните процеси – вели Станислава Додева.
Се бараат проекти за справување со последиците од климатските промени
Фондот за иновации и технолошки развој во соработка со Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП), „Македонија 2025“ и други партнерски организации објави предизвик наменет за справување со последиците од климатските промени.
На настанот што се одржа на 6 март, Нарине Сахакjан, претставничка на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во земјава, нагласи дека климатските промени се тема што нѐ засега сите и дека денес зборуваме за потреба од преземање итни мерки во справување со климатските промени. Таа, исто така, од оваа иницијатива очекува да произлезат идеи и проекти што ќе придонесат кон имплементација на политиките и активностите поврзани со климатските промени.
– Сакам да ги охрабрам сите, ако имате идеја и храброст да ја имплементирате и сакате да бидете предводник во справувањето со климатските промени што е еден од најголемите предизвици на модерното време, искористете ја оваа можност и аплицирајте. Бидејќи секоја идеја е важна. Тоа е возможно само со придонес од сите што сакаат да го сменат светот. Ако сакате да ја направите вашата земја да стане подобро место за живеење, ова е единствениот начин тоа да стане реалност – изјави Сахакjан.