Се шири чувството дека не постојат обични граѓани, туку само патриоти и предавници, дека секој секого издава, дека секој за нешто е предаден (продаден) или него го предаваат. Човек и без да знае, без да биде свесен за тоа, може да биде прогласен за државен или партиски предавник. Од кого? Од најблискиот, се разбира. Во голем број случаи извршеното предавство, наместо заслужена казна, му носи на предавникот пари, важни функции, привилегии, високи државни почести, причини поради кои се создава голема конкуренција меѓу предавниците
Предвелигденски настани, симболи, алузии
(Во секој човек се крие по еден јуда).
Јудиниот бакнеж го промени светот. Ако не беше Јуда, никогаш Исус не ќе станеше стожерот на новата вера и новата ера: човек-бог што од пред две илјади години ги определи сфаќањата за животот на половина дел од светот. Библискиот настан како станало тоа, за верниците е повеќе од познат. По тајната вечера во Ерусалим, Исус со своите 12 апостоли се искачил на Елеонската Гора, во Гетсиманската градина. Додека говорел до него се приближил апостолот Јуда Искариот и го целивал. Пред тоа на римските војници и на еврејските свештеници, кои го потплатиле со триесет сребреници, им имаше речено: „Кого што ќе го целивам, он е, фатете го“. И го целива (во левиот образ), а војниците го фатија и го дадоа да му се суди, по што беше распнат. Самиот Јуда, кога виде дека Исус е осуден, се покаја и ги врати сребрениците со кои беше поткупен, велејќи: „‘Згрешив, оти предадов невина крв“. Потоа се обесил на смоквино дрво, кое веднаш се исушило.
Кој бил Јуда Искариот што го предаде Исуса за триесет сребреници? Во Библијата има десетина ликови со името Јуда, но овој е еден од 12-те апостоли. Бил близок човек од доверба на Исуса, бил високо во Исусовата хиерархија, кај него било ќесето (ковчежето) со парите, бил благајник на организацијата, што би се рекло по денешно, знаел да работи со пари. А триесет сребреници биле мала цена за да се предаде учителот и пријател, денешна вредност 6-7 илјади евра. Тоа било годишна плата на најпрост земјоделски работник, цена на еден роб. Намерата била преку таа потценувачка сума да се омаловажи и обезвредни Исусовото дело.
Јудиниот бакнеж, неговото целивање или бакнежот на смртта, како што некои го нарекуваат, во христијанската теологија е еден од срамните историски чинови. Но и во обичниот свет оттогаш до денес симболизира големо, подмолно, предавство на блискиот. Бакнежот во образ, знак на љубов, пријателство и почит кон некого, Јуда го претворил во вероломство. Предавството не знае за време, за граници, тоа е од локално до глобално, од поединечно до масовно, држи историски континуитет, сѐ до нашите дни. Зборовите јуда, предавник, предавство и денес се шират како вирус што предизвикува поширока инфекција.
Заразата се пренесува од кабинетите на власта, од седиштата на опозицијата, во салите и кулоарите на сенати, конгреси и парламенти, се пренесува преку телевизиски дебати, тркалезни маси, преку неприродни коалиции и партиски пребези, преку резолуции и митинзи, преку гласања, маршеви, демонстрации, штрајкови, разни собири и протести, преку невладини организации дури до меѓународни конференции. Предавството, освен во војни, живее за време или по вистински, шарени или необоени револуции, при што обично се елиминираат првобитните водачи, а заслугите за успехот си ги земаат третите ешалони.
Предавство се прави особено преку потпишување договори, фиктивни или реални, остварливи или идеализирани, штетни или поразителни, сеедно. Се шири чувството дека не постојат обични граѓани, туку само патриоти и предавници, дека секој секого издава, дека секој за нешто е предаден (продаден) или него го предаваат. Човек и без да знае, без да биде свесен за тоа, може да биде прогласен за државен или партиски предавник. Од кого? Од најблискиот, се разбира. Како да се остварува вистината дека во секој човек се крие по еден јуда. Што е најчудно – дури и за еден ист човек, за едно исто лице, од едни може да биде сметан за херој, од други за предавник, со обилни подбуцнувања преку Фејсбук, Твитер и сите можности преку социјалните мрежи. Речиси нема човек што не се заринкал на итрината и предавството од лажни пријатели, колеги од работа, сопартијци во партија, низ заткулисни игри и исплетени интриги во сопствените средини.
Но, да не заборавиме, во голем број случаи низ историјата извршените предавства се покажале како мошне добра инвестиција за предавникот. Може да се наведуваат голем број примери, вклучувајќи примери и од денешна политичка Македонија (уште не беше Северна), кога извршеното предавство, наместо заслужена казна, му носи на предавникот пари, важни функции, привилегии, високи државни почести, причини поради кои се создава голема конкуренција меѓу предавниците. Просто, мртва трка што кого ќе предаде (или продаде), кој ќе предаде невина крв.
Мотивот на предавството е централна тема и стожер на многу светски епови, митови, но и реални епохални битки, победи и порази. На таа тема се напишани романи, снимани филмови, компонирана е класична и нова, рок-поп музика. Може да се предаде човек, идеја, дело, партија, организација, па до држава, што е највисокиот чин на предавство, наречен – велепредавство. Да се прогласи некој за издајник е едно од најсериозните обвинувања што може да се изречат, а предавството е една од најлошите човечки особини. Предавството е зло, кое го следи поединецот, семејството, народот, државата. Тоа е фатална сенка што стои скриена во љубовта, пријателството, политичкиот и професионалниот живот. Низ сите времиња, критериумите по кои се одредувало (одредува) кој бил предавник никогаш не биле вистински вреднувани, а најмалку праведни или непогрешливи. Многу често низ историјата и низ животот на човекот тенка била линијата меѓу предавникот и херојот, меѓу јунакот и кукавицата, меѓу кодошот и наклеветениот, меѓу искреноста и лицемерството, меѓу жешкиот бакнеж и студената, бесрамна измама.
Ако се земат предвид и ако се проанализираат истражувањата на дел македонски историчари и аматери-политичари што ја проучувале темата, ќе се дојде до заклучокот дека предавството е проклетство на Македонецот. Според нив, речиси целата македонска историја, од најстари времиња до денес, е поврзана со некакви предавства и братоубиства, што било причина често да се губат можностите за создавање држава или за достигнување некое крупно дело. Предавствата оставиле длабоки трауми, направиле огромни штети, тие биле еден од влијателните фактори последни од европските нации да се формира своја, независна и стабилна држава. Дури и откако стана таква, сѐ уште има сомнежи околу нејзиното опстојување и заради поделбата на патриоти и предавници, меѓу другото.
Како причини за тоа кај Македонците се наведуваат немањето изразито национално чувство, недоволниот степен на патриотизам, традиција и историја што го прави човекот без идентитет и подложен на секакви влијанија и склоности кон предавства. За тоа постојат карактеристични и трагични примери, чии последици биле фатални по македонското национално дело. Актуелно посматрано, денес таа поделба на патриоти и предавници меѓу делови од Македонците главно се врзува за двете партии СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ околу ставот по прашањето за името на државата, околу Охридскиот рамковен договор, Законот за албанскиот јазик како втор службен јазик во државата, околу вината на осудените за насилничките настани во Собранието на Република Македонија од 27 април. И околу некои други дреболии, што сѐ заедно битно негативно влијае на националното единството, на стабилноста на државата, како и на продолжување на неизвесноста за тоа каква судбина ја очекува во иднина.
Уште од библиските времиња се поставува прашањето како да се препознае јуда во сопствената близина. Одговорот е – не е лесно! Тешко е да се види, дури и да се насети кој е предавник, лицемер или лажен пријател. Според проучувачите на феноменот на јудиниот бакнеж, модерниот, денешниот јуда е искусен играч, кој успешно се крие зад убавото лице, благиот збор и перфектните манири. Неговата стратегија и тактика секогаш се поврзани со лаги, илузии, маскирања и со лукавства. Тој е, што би се рекло метафорично – дволична змија што се носи во пазувата.
Бакнежот на Јуда во секојдневниот живот го има почесто отколку што можеме да замислиме. Како што го има и вистинскиот бакнеж. А сите знаеме дека тој бакнеж има стотици други форми, начини и значења. Но тоа е друга, секако многу поведра и попријатна тема.