Министерството за правда формираше работна група за изготвување на Закон за воена и вонредна состојба во која се наоѓаат универзитетските професори Рената Треневска Дескоска од Правниот Факултет-Скопје, Марјан Ѓуровски од Факултетот за безбедност-Скопје, Денис Прешова од Правниот факултет, Александар Спасов како претставник од Кабинетот на Претседателот на државата и други претставници од надлежните министерства и агенции кои треба со свои предлози, анализи, препораки од научно-истражувачки проекти и компаративни искуства да земат учество во пишувањето на новото законско решение.
„Идниот закон за воена и вонредна состојба треба да биде продукт на јавната дебата од експертите, и воедно да биде донесен со општ консензус. Верувам дека ќе се донесе квалитетно законско решение кое ќе го одразува нашето единство, а не поделбите околу клучните прашања поврзани со опстанокот на нашата држава и нејзината иднина“, нагласи претседателот Пендаровски кој е иницијатор на јавната дебата.
Министерот за правда Бојан Маричиќ додаде дека начинот на прогласување на вонредна состојба, улогата на Собранието, времетраењето, правното дејство и карактерот на уредбите, како и координацијата на институциите треба да бидат регулирани во новиот закон за вонредна и воена состојба.
„Врз основа на научените лекции се очекува да се создаде законска рамка за пополнување на правната празнина и создавање на функционален систем кој ќе одговори на потребите и барањата во воена или вонредна состојба„, нагласи
Универзитетскиот професор Марјан Ѓуровски на денешната конференција посочи дека врз основа на научените лекции очекувано е да се создаде законска рамка за пополнување на правната празнина.
Според Ѓуровски, кој е член на работната група за изработка на новиот закон, заедничко на вонредната и кризна состојба е нефункционалноста, неефикасноста, немањето на соодветни ресурси и дека ги надминува способностите на безбедносниот систем.
Во Законот за вонредна и воена состојба според универзитетскиот професор треба да се предвиди посебна одредба за функционирање на Главен штаб при владата за управување во услови на воена и вонредна состојба за да се обезбеди координација на безбедносните институции.
„Треба да се разгледа можноста преку посебен Заменик Претседател на Владата да се координира работата на безбедносните институции, агенции и др. Воедно потребно е разгледување на местото и улогата на Советот за национална безбедност и улогата и надлежност на Претседателот на државата во донесувањето на Уредбата на Владата, дали пред нивно објавување на уредбите може да бидат потпишувани од Претседателот на државата“, нагласи Ѓуровски.
Според него, системот за управување со кризи и заштита и спасување се наоѓа на респиратори за дишење и се одржува во живот, поради што е потребна негова реформа.
„Да се пристапи кон анализа на функционирањето на ЦУК и ДЗС во редовни услови, како и во услови на кризна така сега во вонредна и воена состојба и да се изнајде модел кој ќе одговара на потребите и реалните можности на државата на функционирање на целокупниот систем за управување со кризи во услови на вонредна и воена состојба. Формирање на посебни сили за цивилна заштита на РСМ на државно, регионално и локално ниво координирани од страна на Владата на РСМ. Создавање на законски механизам за градење на систем за прием на странска помош во услови на вонредна и воена состојба и нејзино правно прецизирање. Да се регулира местото и улогата на Бирото за јавна безбедност, особено од аспект на функционалноста и раководењето на полицијата, како и спроведувањето на политиките на Главниот штаб и на Владата во целина. Потреба од нормативно уредување на односите, постапките и дејствија на соработка на Армијата и Полицијата во услови на вонредна и воена состојба, посебна субординација меѓу АРМ и МВР во услови на кризна и вонредна состојба и воспоставување на систем на функционална заедничка команда и размена на информации. Законско дорегулирање на работата на Агенцијата за национална безбедност во услови на кризна и вонредна состојба и јасно определување на начинот на нивната партиципација. Создавање на целосна цивилна и демократска контрола на следењето на комуникации во вонредна и воена состојба, преоценка на искуствата од функционирањето во услови на криза и вонредна состојба. Во предлог Законот за вонредна состојба да се регулира местото и улогата на локалната самоуправа, особено од аспект на врската со централната власт и надлежните министерства и агенции, како и рационално располагање и насочување на ресурсите на локалните штабови. Формално правно регулирање на полицискиот час. Треба да се регулира местото и улогата на приватното обезбедување, особено од аспект на утврдување на потребата и начинот на нивно ангажирање во услови на вонредна и воена состојба. Треба да се анализираат и афирмираат позитивните искуства, на работата на медиумите, посебно во справувањето со дезинформациите (лажните вести), како и да се оцени улогата и дејствувањето на Агенцијата за аудио-визуелни медиуми во услови на криза и кризна состојба“, се дел од потребите и елементите кои според Ѓуровски треба да ги опфати новиот закон за воена и вонредна состојба изнесени на денешната дебата под покровителство на претседателот на држвата Стево Пендаровски.