Пишува: Блаже Миневски
„Една ноќ на комитите им кажав дека имам претчувство оти сме во Бугарија: Не, рекоа, не сте во Бугарија, во Македонија сте!“, изјавила мис Елен Стоун пред истражните органи на Османлиската Империја. Според документите што ги објави Државниот архив на Македонија, може да се заклучи дека оваа шестмесечна афера била всушност првата „заложничка криза“ со која се соочиле САД. Станува збор за настан што го свртел вниманието на јавноста во глобални рамки, а мемоарите на мис Стон, кои потоа во продолженија излегувале во американските и англиските весници, придонеле со аферата детално да се запознае јавноста во САД и Европа, иако вистинските извршители на акцијата останале непознати за османлиските власти.
Имено, Јане Сандански, кој бил главен организатор и реализатор на акцијата, во турските документи се спомнува само двапати, како можен учесник во киднапирањето, и тоа само во телеграми од март 1902 година, кога аферата веќе била завршена. Претходно, според документите, османлиската војска спроведувала сеопфатна потрага по киднаперите, барајќи ја мис Стон таму каде што ја немало, што секако ја истакнува силната конспирација на организацијата, искуството и вештината во водењето на акцијата, но и цврстата дисциплина во организирањето на целиот потфат, како и посветеноста на населението без чија помош целата акција не би била можна.
„Специјално за нас набавија две чинии!“
Во првичната изјава дадена пред истражните органи веднаш по ослободувањето, односно на 23 февруари 1902 година, на прашањето на истражителот да објасни каде ги заробиле и под какви околности, каде ги носеле и колку грабнувачи го направиле грабнувањето, Елени Стоун, или мис Стон, меѓу другото изјавила: „Почитуван господине, минатиот август, во вторник, на дваесет и први, околу шест часот попладне тргнавме од селото Банско заедно со Катерина, Марија Танева, протестантска учителка од Струмица, учителката од Прилеп Донка Илева, учителката од Битола Атина Димова, калуѓерката од Банско Фимка, ќерка на Стево, сопругот на Катерина, Глигор Марков од Битола, деветнаесетгодишниот Јован Радулов од Банско, ученик во протестантското училиште, Апостол Дамјанов од селото Добриште, Резлошка каза, на возраст од дваесет и пет години, кираџијата Георги Мацуров од Банско и четири негови коњи, кираџијата Димитри Поп Стефанов со неговиот коњ и уште еден кираџија, значи вкупно тринаесетмина. По околу четири часа пат, приближно во десет и пол часот вечерта, во планински предел, меѓу некакви карпи и река, пред нас излезе поголема група вооружени лица држејќи пушки во рацете. Нѐ опколија, сите нѐ симнаа од коњите и заедно со коњите нѐ однесоа во внатрешноста на планината. Нѐ одведоа на место во планината оддалечено околу десет минути од патот и сите нѐ седнаа таму. Потоа до мене дојде еден комита и ми рече: ’Стани!’, а по мене, на околу петнаесет чекори повнатре во планината, ја доведе и Катерина од Банско. Околу десет минути седевме на место, потоа двете нѐ одведоа до работ на една нива, нѐ качија, нѐ врзаа за самарите на нашите коњи и нѐ носеа така врзани на коњите до утрото. Пред самото утро, во шумата, од гранки од дрвјата, направија колиба. Таму нѐ симнаа и до вечерта нѐ оставија да лежиме. По вечерата, значи ноќта околу дванаесет и пол часот, повторно ги доведоа нашите коњи, нѐ качија, нѐ врзаа и до утрото повторно нѐ носеа негде низ планината. Пред да осамне, нѐ симнаа во една за нас непозната шума. Така нѐ разнесуваа со денови. Еден ден нѐ однесоа на една планина со многу снег. Ноќта го расчистија снегот и направија пат. Во таа со снег покриена планина ни направија колиба, а покрај нашата направија и една колиба за нив. Колку дена останавме, не знам. Времето беше многу студено. Додека бевме таму велеа дека до селата и касабите на која било страна има по осум часа пат. По извесно време нѐ скорнаа оттаму и нѐ доведоа на планина каде што немаше снег. Два и пол месеци нѐ разнесуваа на коњите од кираџиите. Пред тоа, речиси седум седмици пред тоа, нѐ однесоа во една колиба каде што имаше две скршени каци. Во таа колиба се породи Катерина со своето првенче. На свет донесе женско дете, на кое му го дадовме името Еленка. Два дена подоцна, Катерина, која беше леунка, ја легнаа во некакво корито, како сандак, ја товарија на коњот и нѐ одведоа на друга планина. По три дена повторно нѐ разнесуваа од планина на планина, од колиба во колиба. Понекогаш ни даваа чаршиски леб, само ладен, а понекогаш селски. Додека престојувавме во визби, по куќи, ни даваа свежо топло јадење, а по планините приготвуваа самите јадење од млеко, печени кокошки и месо од овци и кози. Специјално за нас набавија две чинии и само нам ни дозволуваа да ги користиме. Во текот на тие десетина последни денови, постојано нѐ разнесуваа од колиба во колиба, од планина на планина. Потоа нѐ донесоа овде, нѐ оставија под една круша во околината на Градошорци. ’Седете овде’, рекоа. ’Пред вас има село’, рекоа. ’Светлата што се гледаат се од едно гратче’, рекоа. Седевме околу два-три часа. Осамна. Дојде еден човек и нѐ одведе во селото. Оттаму нѐ зедоа и нѐ доведоа ваму.“
„Од вас бараме дваесет и пет илјади лири!“
Во продолжение на истрагата ја прашуваат за тоа какви пушки имале луѓето што ги разнесувале по планините, на кој јазик зборувале и кои биле нивните имиња, а мис Стон меѓу другото одговара: „пушките им беа мешани, на себе имаа набрани панталони од бел шајак и парталави капи во боја на камила, а имаше и неколкумина со бели фесови“, додавајќи дека „едни со други меѓу себе не се обраќаа со вистинските имиња. На еден му се обраќаа со ’чауш’, на друг со ’карчо’, на трет со ’мечо’ а на четвртиот со ’боримечка’. Понекогаш зборуваа на турски, но не го знаеја сите убаво турскиот јазик. Еден ден ни рекоа напишете писмо на кого сакате во Банско, да испрати дваесет и пет илјади лири. Ако не испрати, двете ќе ве задолжиме со по еден куршум, рекоа. Пративме писмо во Банско, но писмото го фатиле и го доставиле до кајмакамот во Разлог. Потоа му пишав директно на Хаскел, протестантски доктор во Самоков. Го замолив да оди во нашата амбасада во Истанбул, да земе дваесет и пет илјади лири, и да нѐ спаси од грабнувачите. Бидејќи парите не стигнуваа, комитите се налутија и побараа четириесет илјади и петстотини лири…“
Но тоа не било доволно. Истиот ден попладне, истрагата побарала дополнување на изјавата на мис Стон, барајќи опис на физиономијата на лицата што ги грабнале, како и подетален опис на нивната облека. Во својата изјава мис Стоун, како што стои во турскиот документ, меѓу другото изјавила: „Господине, ние единствено на денот на нашето заробување на дневна светлина видовме шеснаесет лица. Потоа, никогаш, ниту во една пригода, не ги видовме на дневна светлина луѓето што нѐ држеа во заробеништво. Доаѓаа кај нас кога ни носеа јадење еден или двајца, го оставаа јадењето пред вратата и си одеа. Затоа не можам да ги одредам на соодветен начин. Сепак, мислам дека беа луѓе на возраст од дваесет до четириесет и пет години.“ Потоа истрагата зела првична изјава и од Катерина, ќерка на Димитри Поп-Стефан од Банско, која главно ја потврдила изјавата на мис Стон, дополнувајќи дека со нив никој од грабнувачите не зборувал нешто повеќе од неколку збора, најчесто дали имаат јадење и дали им треба нешто: „Во наше присуство никогаш не разговараа меѓу себе.“ Според документот од сослушувањето на мис Стон, доставен следниот ден во Канцеларијата за кореспонденција на Солунскиот вилает, стои и тоа како мис Стон ја објаснила преписката со која се барале пари за нивен откуп: „По приближно една недела, колку што комитите нѐ држеа како заложници, кај нас дојдоа три лица: ’Ние вас за пари ве држиме’, рекоа. На еден плик што беше кај нив напишаа една бројка и сите тројца си го подаваа пликот еден на друг. Сите тројца на истиот начин на пликот напишаа христијански бројки. По меѓусебниот разговор, пликот со бројот ми го покажаа мене: ’Од вас бараме дваесет и пет илјади лири!’ Јас, како што бараа од мене, го напишав писмото и им го предадов в раце: ’Овде ќе ве држиме заробени пет години, нема да се откажеме дури не ги добиеме парите’, рекоа. Кога се роди малечкото на Катерина Цилка, го завиткавме во парталчиња што ни ги дадоа, а служеа за виткање на нивните ножеви. По два дена донесоа шајак специјално за детето. Бидејќи имаа намера за два дена повторно да тргнеме по планините, а Катерина беше леунка, ја кренаа и ја ставија во еден сандак, а од другата страна на самарот, на коњот товарија цепаници за рамнотежа. Така ја носеа. И детето го ставија во едно панаѓурско ковчеже и тргнавме по планините. Така одејќи низ шумите една ноќ им кажав дека имам претчувство дека сме во Бугарија: ’Не – рекоа – не сте во Бугарија, во Македонија сте. Јас имав чувство дека од Македонија нѐ донесоа во Бугарија. Поради тоа што повремено ни ги покриваа очите со шамии, не бев сигурна дали ја поминавме границата. По планините набавуваа јајца, млеко, кокошки, козјо месо. Готвеа во еден сад и секогаш ни издвојуваа нам. Низ отвор на вратата во колибата ни подаваа две чинии. Од начинот на кој зборуваа меѓу себе пред колибата, од начинот на кој го изговараа, на пример, зборот ’големо’ или пак ’гољамо’, дознавав дека потекнуваат од различни места“.
Во телеграмата до Кабинетот на големиот везир, испратена од Али Ферих од канцеларијата во Софија, на 26 февруари 1902 година, меѓу другото стои: „Злосторникот по име Сандански, кој му припаѓа на комитетот на Сарафов и кој сега се крие на планината Пирин, Неврокопско, штом ќе најде можност извршува разбојничка и ајдучка активност, па дури учествувал и во киднапирањето на мис Стон. Неговата чета и една друга чета, под команда на разбојникот по име Дончо Златков, инаку спротивставена на Сандански, постојано се следат меѓу себе. И познатиот бунтовник по име Карски, исто така, заедно со свои десет-петнаесет следбеници, се подготвува вечерва од Софија да замине за Ќустендил или Дупница за да им се приклучи на злосторниците што се против Сандански. По поттикнувањето на спротивставувањата и непријателствата меѓу четите, во текот на четири-пет дена по должината на границата е убиен еден злосторник. За да се олесни и продолжи истрагата, еден полициски комесар и регионалната полиција се задолжени за следење на споменатите разбојници и нивно ставање под надзор.“ Значи, дури по шест месеци, односно откако мис Стон е веќе ослободена, турската полиција првпат го спомнува Јане Сандански како организатор на грабнувањето. Дваесетина дена подоцна до Високата прота, односно до Кабинетот на големиот везир, стигнала телеграма од Солунскиот вилает во која се известува за откупот на мис Стон: „При примањето на паричниот откуп даден за ослободување на мис Стон бил присутен претседателот на Македонскиот револуционерен комитет, Борис Сарафов, лично. Самиот тој ги зел парите. Според известувањата доставени до вилаетот, Сарафов со група составена од дваесет и пет лица, кои му припаѓале на спомнатиот комитет, денес се наоѓа во правец на Горна Џумаја и Мелник. Од Серското мутасерифство шифрирано е јавено дека за Сарафов, жив или мртов, се ветени педесет лири.“ Според Сандански, откако ги добиле парите, на 18 јануари му јавил на Чернопеев да ги ослободи жените. Подоцна Чернопеев ги испратил од Влаи во Ошава, а оттаму во Сенокос – Србиново и преку Струма ги допратил до Малешевско, каде што ги предал на каналот. Со истиот канал, со мала придружба, предводена од Андон Ќосето, мис Стон, Катерина Цилка и нејзината неколкумесечна ќерка Елена на 26 февруари 1902 година стигнале до селото Градошорци, а потоа сами, со селска придружба, влегле во Струмица. Истиот ден за време на службата во струмичката црквата, мис Стон ќе рече: „Да се помолиме за браќата во гората, кои работат за слободата на своите браќа и кои кон нас покажаа поголема грижа отколку што покажаа нашите родители. Тие ги изложија своите животи за да нѐ заштитат.“
На гробиштата во градот Еверт, САД
Македонците сѐ уште оставаат цвеќе на гробот на мис Стон!
Во спомените зачувани во струмичкото семејство Вета, најстаро протестантско семејство во Македонија, мис Стон многу често во своите мисии ја посетувала Струмица, а била присутна и на првата конференција на црквата во 1890 година, како член на управниот одбор, во кој биле уште и д-р Хаус, Луис Бонд, К.М. Петкочин, Никола Андев и други. Пред да биде киднапирана од четата на Јане Сандански, повеќе од 20 години работела како мисионерка во Македонија. По ослободувањето, Елени Стоун била прифатена од луѓе на организацијата на 26 февруари 1902 година, во близината на струмичкото село Градошорци, а потоа испратена до Протестантската црква во Струмица, каде што стигнала заедно со Цилка и бебето. Постои фотографија од нивното пристигнување пред црквата. Во тоа време мис Стон имала полни 55 години. Во Струмица отседнува во куќата на проповедникот П.Д. Темков. Во неговиот дом останале два дена. Потоа со коњи, заедно со Катерина Цилка и бебето, биле префрлени до станицата во Удово и со воз заминале за Солун, каде што мис Стон останала еден месец. Бидејќи властите не ѝ давале дозвола да продолжи со мисионерската работа, со брод заминала за Америка. Следните две и пол децении продолжува со својата мисионерска мисија, патува низ земјата и преку јавни настапи ја запознава американската јавност со маките и страдањата на македонскиот народ, а во меѓувреме ја објавува и книгата за настаните поврзани со Македонија, заедно со спомените за шесте месеци поминати со четата Јана Сандански. Живеела 81 година. Умрела на 13 декември 1927 година во градот Еверт, САД. Погребана е на градските гробишта, во алејата Зафир, до своите родители, татко ѝ Бенџамин Франклин Стон, и мајка ѝ Луси Ватерман Бекер Стон. Дека мис Стон и Македонија остануваат блиски, а дел од македонската историја неразделно поврзана со нејзиното име, зборува и податокот што на нејзиниот гроб редовно може да се забележи цвеќе, а често и мали, македонски знаменца, кои зборуваат за вечната врска меѓу неа и Македонија.
Според спомените на Сандански
Парите од откупот ги добил Гоце Делчев!
Спомените на Јане Сандански потврдуваат дека грабнувањето е извршено на 21 август во 11 часот вечерта, по турско време, кај Потпрена карпа, на патот меѓу Банско и Џумаја. Заложничката драма траела речиси шест месеци, а за ослободување на мис Стон биле побарани 25.000 лири, односно околу 101.000 долари. Според статистички извори од тоа време, Солунскиот вилает за фискалната 1900 година ѝ должел на државата 36.000 лири, а годишната плата на војската во целиот вилает била 16.000 лири. Со парите од откупот се купени пушки и муниција од кои поголемиот дел, една години подоцна, бил употребен во Илинденското востание. Според сведоштвото на Сандански, веднаш по добивањето на парите, лично тој на момчињата од четата им дал по две лири, а со одредена сума во џебот пратил еден од своите помошници, Крсто Асенов, да купи нова облека за четата: „Потоа кај едно момче, учител, Михаил Бојаџиев, сместивме 2.000 лири, кај Хаџи Димов во Софија оставивме 4.000 лири, кај сестра му на Асенов, докторката С’бка Асенова, оставивме 4.000 лири, а другите 4.000 ги оставивме кај Узунов, телеграфист во Софија. Сите пари подоцна му беа предадени на Делчев, и тој ги употреби“.