Министерката за одбрана Радмила Шекеринска денеска ги демантираше наводите објавени на социјалните мрежи, дека на воениот полигон Криволак ќе се користи муниција со осиромашен ураниум.
– Ноторните лаги никому не се од корист. Граѓаните да не подлегнуваат на лажните вести во пресрет на претстојниот референдум и официјализирањето на членството во НАТО – напиша Шекеринска на својот профил на Фејсбук.
Со реакција излезе и Министерството за одбрана, кое наојостро ги демантира шпекулациите кои се споделуваат на социјалните мрежи дека на полигонот Криволак ќе се одвива гаѓање со бомби кои содржат осиромашен ураниум.
– Министерството за одбрана најодговорно тврди дека ниту сегашните, а ниту идните обуки и тренинзи на нашите партнери од НАТО на полигонот Криволак не се од било каква опасност по здравјето на граѓаните, ниту ќе се користат бомби со осиромашен ураниум – се наведува во реакцијата на МО.
Натаму се наведува дека „ваквите лаги имаат за цел да ја поттикнат недовербата на граѓаните во НАТО и се во функција на негативна кампања за претстојниот референдум“.
– Граѓаните да бидат спокојни, членството на Македонија во НАТО носи единствено поголема безбедност и сигурност за нашата земја – се додава во реакцијата на Министерството за одбрана.