Министерката за одбрана Радмила Шекеринска денеска во пресрет на ратификацијата на НАТО протоколот за членство во Алијансата и гласањето за измените на Законот за одбрана, во касарната Илинден во Скопје се обрати на припадниците на единиците на Армијата.
Наспроти затекнатата ситуација пред две и пол години, занемарена и деморализирана Армија, буџет за одбрана во слободен пад, ниски плати, лоши услови за работа, за само две и пол години направивме пресврт – рече министерката..
– Во тој период донесов три одлуки. Првата, да побарам зголемување на буџетот во одбраната, втората да побарам сериозно да се разгледаат законот за служба и законот за одбрана и да се предложат измени кои ќе личат за Армија на НАТО земја, и трето – да го оживеам со големи дози на адреналин веќе умртвениот процес на НАТО зачленување на нашата земја. Денеска во пресрет на две важни одлуки на нашето Собрание можам навистина и пред вас со гордост да кажам дека заедно направивме пресврт. Направивме пресврт затоа што покажавме дека и во одбраната и во Армијата може да се инвестира повеќе и подобро – рече министерката Шекеринска.
За само две години, рече Шекеринска, покажавме дека платите можат континуирано да растат и дека со надоместокот за станарина од 7 500 денари, кој од следниот месец ќе ја добие секој припадник на Армијата, месечните приходи значително се зголемуваат.
– Тоа значи дека ако пред две, две и пол години, професионалниот војник со отприлика најниска плата одел дома секој месец со 20000 денари, веќе од следниот месец вкупните приходи ќе му пораснат на над 30000 денари, повеќе од 50 проценти – рече министерката.
Шекеринска рече дека пензионерите нема повеќе да гледаат со завист на своите колеги во МВР, бидејќи со измената на Законот за служба секој пензиониран припадник на Армијата ќе заминува во пензија со 80% од своите 10 најдобри години.
Министерката посебно се осврна на нашите припадници во мисиите, за кои месечниот надомест, особено за професионалните војници и подофицерите, е зголемен за 500 до 700 евра, а зборуваше и за веќе надминатите проблеми во однос на опремата и логистиката.
– Минатата година за прв пат обезбедивме нови чизми за секој припадник на Армијата. Овој февруари ќе започне испораката на униформи за секој припадник на Армијата. Некој ќе рече зарем треба да зборуваме за основни работи како чизми и униформи и јас се согласувам, но 10, 15 години за ова сме зборувалене сме го решиле проблемот. Оваа недела ќе започне и испораката на спортска опрема за припадниците на Армијата – рече министерката.
Министерката потсети и дека Армијата, која во период на кризи секогаш им помага на граѓаните, по 16 години доби нови инжeнериски машини.
Таа упати честитки до тимовите кои овозможија да се потпише договор со владата на САД за набавка на над 150 оклопни возила, со што Армијата ќе добие опрема која личи на вистинска НАТО Армија.
Министерката Шекеринска упати благодарност до сите припадници на Армијата затоа што членството во НАТО е токму нивна заслуга.
– Благодарност за тоа што го сторивте, ние нашиот дел од задачите во поглед на НАТО членството ги завршиме. Очекувам Законот за одбрана исто така да биде поддржан во Собранието. Буквално до членството во НАТО не делат денови, не веќе години, не веќе месеци, туку денови и тоа е наш и ваш голем успех – рече министерката.
Во изјава за медиумите Шекеринска кажа дека пресвртот и промените се видливи и според интересот за последниот објавен конкурс за прием на нови професионални војници. На конкурсот за 70 места се пријавија околу 750 кандидати.
– Младите го забележаа овој пресврт и навистина ја гледаат Армијата како шанса за работа на кога што ќе напредуваат, на која што ќе бидат соодветно платени и каде што трудот ќе биде ценет. Ова е најголемиот комплимент и за Владата и за сите нас, дека сме успеале за само две години да направиме пресврт кој државата и Армијата целосно го заслужија – додаде Шекеринска.