Македонија во своето блиско минато не памети автобуска сообраќајна несреќа како онаа што се случи завчера на автопатот Скопје – Тетово, кога преполн автобус на превозникот „Дурмо турс“ излета од патот и се преврте во бездна во близината на селото Ласкарци, при што загинаа 14 луѓе, а триесетина беа повредени, меѓу кои седуммина се наоѓаат во критична состојба.

Кон средината на декември минатата година, автобус на струшкиот превозник „Еуробус“ излета од патот во близината на српскиот град Лесковац, при што загинаа пет лица. Тогаш како причина за несреќата беше посочено брзо возење во услови кога на патот имало снег и временските услови биле лоши.

Минатиот октомври уште еден македонски автобус имаше сообраќајна несреќа, овој пат во близината на Линц, во Австрија. Тогаш автобусот се судри со камион товарен со дрва. За среќа, во оваа несреќа немаше загинати патници, а деветмина беа потешко повредени.

Во октомври 2017 година, македонски автобус учествувал во сообраќајна несреќа повторно во Австрија, при што едно лице загинало во автомобилот што ја предизвикал сообраќајката, додека патниците во автобусот минале без повреди.


„На истото место често се случуваат сообраќајки, но никој не обрнува внимание“

При нашата посета на местото на несреќата, разговаравме, меѓу другите, и со локалниот жител Крешник, професор во соседниот Буковиќ, кој ни пренесе една интересна информација.
– На ова исто место многу често се случуваат сообраќајни несреќи, најчесто леки коли излетуваат без поголеми последици, па поради тоа и не се обрнува многу внимание. Но, верувајте, не минува многу време, речиси еднаш годишно, па некој автомобил ќе излета од патот. Сум разговарал со луѓето што се подобро упатени во оваа материја и тие ми тврдат дека на коловозот има некоја техничка аномалија, веројатно уште од неговото градење, и оти таа е причината за овие несреќи. Не велам дека е тоа причината и за оваа несреќа, туку само сакам да укажам дека ова место самото по себе е небезбедно – вели тој.