Министерството за животна средина и просторно планирање, фирмата „Екоцентар 97“ ДООЕЛ Скопје и Државниот инспекторат за животна средина информираат дека цистерната под притисок со винил хлорид мономер безбедно пристигна во Германија и се чека согорување на оваа опасна материја.
Согласно известувањето добиено од фирмата „Екоцентар 97“ ДООЕЛ Скопје и Државниот инспекторат за животна средина кој го надгледуваше целиот процес, постапката за извоз и безбедно транспортирање на винил хлорид мономер од локации и производни погони во кругот на АД „ОХИС” Скопје, комплетно е завршена.
„На 29.9.2020 година, согласно законските прописи за транспорт на ваков вид опасен отпад, однапред беше испратена најава дека ќе се врши извозот и беа известени надлежните институции и гранични премини на Северна Македонија, транзитните држави (Србија, Хрватска, Словенија и Австрија), како и земјата увозник – Германија. На 2.10.2020 година во присуство на претставници од Државниот инспекторат за животна средина, безбедно со помош на соодветна дигалка се изврши утовар на цистерната во која беше преточен винил хлорид мономер на транспортно возило сопственост на транспортерот „Денис Гал“ – Бугарија, која ги поседува сите лиценци за меѓународен транспорт за ваков вид опасен отпад. Во истиот ден започна и се заврши царинската извозна постапка и веќе околу 17 часот транспортното возило товарено со цистерната ја напушти македонската територија. Транспортот се одвиваше без никакви проблеми и на 6.10.2020 година транспортното возило со цистерната пристигна на терминал во Германија каде што се заврши царинската постапка, за потоа да се упати кон согорувачот СУЕЗ Сондерабфаллгеселлсчафт мбх во Счкопау Германy. Истиот ден се изврши прием и цистерната е безбедно истоварена кај согорувачот. Согласно распоредот на согорувачот во идниот период очекуваме повратна информација кога винил хлоридот мономер ќе биде уништен – се вели во соопштението.
Активноста е дел од проектот за безбедно отстранување на хемиски материи од локации и производни погони во кругот на АД „ОХИС”- Скопје.