Сите деца од Домот за деца без родители и родителска грижа „11 Октомври“ се извлечени од оваа гломазна институција и сместени дел во згрижувачки семејства и во мали групни домови. Домот треба да се трансформира во центар за поддршка на семејства во ризик.
– Како што ветивме дека до почетокот на второто полугодие Домот „11 Октомври“ како установа за згрижување деца без родители и родителска грижа ќе се трансформира тоа и го исполнивме. Во посета сум на една од куќите во која се згрижени пет деца и можам да кажам дека нивната среќа нема крај бидејќи чувствуваат дека ова е енергија која им е потребна за нивниот раст и развој, рече министерката за труд и социјална политика Мила Царовска.
Таа појасни дека дел од децата од Домот се во згрижувачки семејства, а дел во мали групни домови, три во Скопје, а еден во Штип. Самата установа, рече Царовска, во многу скоро време треба да се трансформира во центар за поддршка на семејства во ризик, односно за поддршка на згрижувачките семејства и семејствата кои се во ризик да ги остават децата.
Претставникот на УИНИЦЕФ во Македонија Бенџамин Перкс истакна дека две третини од децата кои претходно биле сместени во гломазни институции сега во мали групни домови.
-Не може ниту да се претпостави колку е стресно и тешко за едно дете да живее и порасне во гломазна институција без разлика колку персоналот е професионален и подготвен да даде соодветна грижа. Тоа не може да го замени односот еден на еден, емоционална врска која му е потребна на секое дете за да расне во здрава средина, рече Перкс.
Потсети дека изминатата година со заеднички напори е поддржан развојот на над 15 мали групни домови, дека за 20 проценти е зголемен бројот на згрижувачи. Состојбата, нагласи постојано се подобрува. Следниот предизвик, според Перкс, е да се најде дом и за 45-те деца од Домот во Битола.
Директорката на Домот „11 Октомври“ Соња Стамевска информира дека децата во малите групни домови имаат 24 часовна грижа.
– Тука ќе биде поголем интензитетот еден на еден. Нема да биде како во големите институции каде се случуваше да не може да им се даде соодветната грижа бидејќи бројката на деца беше преголема, рече таа.
Во Домот во кој денеска беа во посета Царовска и Перкс се згрижени пет деца, две сестрички и едно братче, како и едно братче и сестричка. За нив во моментов се грижат четири воспитувачки и една негувателка.
Домот за деца без родители и родителска грижа „11 Октомври“ во Скопје функционираше од 1972 година.
Заложбите на МТСП и на Владата се до 2020 година ниту едно дете под 18 години да не остане во институциите и целосно да го промени начинот на што државата се грижи за децата и возрасните што им е потребна долгорочна социјална грижа. Процесот на деинституционализација МТСП го спроведува во партнерство со УНИЦЕФ, УНДП и Делегацијата на ЕУ во Македонија.