Големо е задоволството што после година и половина, денес повторно гледаме полни училишта и училници со ученици и наставници, ја гледаме вообичаената слика на која бевме навикнати пред појавата на пандемијата. Ја започнуваме новата учебна 2021-2022 година со физичко присуство и на самиот почеток на сите ученици им посакувам многу здравје, многу нови знаења, достигнувања и успешно заокружување на уште една етапа од животниот пат. Важна е вербата во себе, а поддршката од семејствата и секако од наставниците е неизбежна, така што се надевам дека секој ученик ќе ги оствари очекувањата, поставените цели и резултатите од учењето. Ова го изјави министерката за образование и наука Мила Царовска која денеска заедно со градоначалникот на Велес Аце Коцевски и претставничката на УНИЦЕФ Патриција ди Џовани, по повод започнувањето на учебната година го посетија основното училиште „Панко Брашнарoв“.

– Имаме нова концепција за основно образование, нови наставни програми и современи материјали за учење, печатени за прво и дигитални за четврто одделение, како и изработени на Брајово писмо и во аудио формат за ученици со проблеми со видот и сите тие учебници за прв пат се доставени навремено во училиштата, пред 1 септември – рече Царовска.

Министерката посочи дека со воведувањето на промените во начинот на реализирање на часовите и наставата, имаме и добро опремени училишта со нагледни средства, со интерактивни табли, таблет компјутери за учениците од социјално ранливите семејства.

– Сé што воведуваме како новина, ќе овозможи да училиштата постепено станат поинтересни места за учениците, каде тие ќе сакаат да престојуваат и каде на еден многу полесен начин ќе ги совладуваат знаењата соодветни на нивната возраст, развивајќи се во личности кои ќе бидат подобро подготвени од генерациите пред нив, што впрочем е и цел на реформите каде што клучна алка всушност ќе бидат наставниците – рече Царовска.

Претставничката на УНИЦЕФ, Ди Џовани ја поздрави владината одлука, наставата да започне со физичко присуство и посочи дека училиштата се тие што први треба да се отворат и последни да се затворат, бидејќи само учењето во училница ги дава најдобрите резултати.

– Првиот училиштен ден е возбудлив ден за учениците. Возбудата се должи на отпочнувањето нова фаза во нивните животи, фаза во која откриваат нови знаења и вештини, но и сопствените бескрајни можности. Оваа година, првиот училиштен ден за децата и младите во Северна Македонија е веројатно најважен бидејќи за повеќето од нив тоа ќе биде можност за првпат да седнат во школските клупи со своите врсници и лице в лице со наставниците после 54 седмици поминати учејќи пред дигиталните екрани. Тоа е многу подолг период од просекот на другите земји во Европа и Централна Азија којшто изнесува 25 седмици – рече Ди Џовани и додаде дека училиштето не е само зграда, туку тоа е место за учење, место во кое децата стекнуваат независност, се прилагодуваат на нова рутина и развиваат значајни релации со наставниците и учениците.

Градоначалникот на Велес истакна дека, основните и средните училишта во Велес успешно ја започнаа наставата со физичко присуство и се подготвени за сите модели на настава и имплементација на реформските процеси.


Средните училишта ги отворивме за учениците, посакувам успешна учебна година и почитување на мерките за заштита

Средношколците најдобро знаат што значи враќањето на училиште. Дел од генерациите во изминатата година и половина искусија како е да имаат настава со физичко присуство и како е да се биде дел од онлајн или друга форма на настава и мислам дека целосно ја воочуваат разликата, особено од аспект на спроведување и учество во вистинска практична обука преку која ги надградуваат личните компетенции, но и од аспект на поквалитетен социјален живот.

Ова го истакна министерката за образование и наука за време на посетата на СУГС „Никола Карев“ во Скопје на првиот училишен ден од учебната 2021-2022 година, каде беше заедно со скопскиот градоначалник Петре Шилегов и италијанскиот амбасадор во Скопје Карло Ромео.

– Задоволство ми е што и средношколците со стартот на новата учебна година се вратија во нивната средина, таму каде што припаѓаат, тоа е училиштето и верувам дека ќе имаме успешен едукативен процес и со висока лична и колективна одговорност ќе го одржиме овој модел на настава со физичко присуство за кој се заложивме, бидејќи е најефективен и нема подобра алтернатива – рече Царовска, посочувајќи дека во изминатиот период и средните училишта интензивно се подготвуваа за да имаат квалитетна и безбедна настава и според информациите, таа е започната секаде.

Исклучок се, како што рече Царовска неколку училишта каде има градежни активности и поради тоа извесен период наставата ќе биде онлајн, исто како и во училиштата од Тетово, Гостивар, Кичево и Струга каде поради епидемиолошката состојба, Комисијата за заразни болести донесе одлука учениците да не започнат настава со физичко присуство.

Учебната година ја започнуваат околу 187.000 основци и 70 илјади средношколци.


За првпат италијанска паралелка во гимназијата „Никола Карев“

Во гимназијата „Никола Карев“ ќе се изучува италијански јазик, како трет јазик во наставата. Станува збор за група од 23 деца кои се запишани во прва година, кои во две смени ќе ја посетуваат оваа настава и кои на крајот на своето образование ќе се стекнат со Б2 сертификат за познавање на италијанскиот јазик.

Италијанска паралелка се отвора за првпат во Македонија, на иницијатива на средното училиште „Никола Карев“, а со поддршка на Град Скопје и амбасадата на Италија. Запишаните ученици ќе го изучуваат италијанскиот јазик со 6 часа неделен фонд. Тие ќе имаат прилика да изучуваат италијанска книжевност, култура, историја и уметност, а по завршувањето на четиригодишното образование ќе се стекнат со сертификат за познавање на јазикот со ниво Б2. На тој начин на учениците кои следеле настава во италијанската паралелка им се овозможува полесно да се запишат на некои од универзитетите во Италија.

Градоначалникот Петре Шилегов и министерката за образование, Мила Царовска денеска ги посетија средношколците во гимназијата, посакувајќи им многу успеси во учењето и во нивниот личен и професионален развој. На посетата на гимназијата „Никола Карев“ присуствуваше и амбасадорот на Италија во нашата земја, Андреа Силвестри.