Прилеп е една од општините која се наоѓа на инвестициската агенда на Министерството за образование и наука, каде во моментов имаме активни инвестиции во вредност од околу 60 милиони денари. Истите треба да бидат заокружени во следните неколку месеци и секако, нема да бидат последни, затоа што буџетот наменет за унапредување на образовната инфраструктура постојано расте, Владата одвојува сé повеќе и повеќе и притоа средствата транспарентно и подеднакво се распределуваат на сите општини. Ова го истакна министерката за образование и наука Мила Царовска за време на денешната посета на општина Прилеп каде со средства на МОН се гради нова спортска сала и се реконструира еден училишен објект.
– Изградбата на спортската сала во состав на основното училиште „Кире Гавриловски Јане“, објект со површина од 650 квадратни метри за кој се издвоени 24,5 милиони денари е започната во текот на месец февруари, а на радост на над 900тини ученици од ова училиште, салата ќе биде готова во последното тримесечје од тековната календарска година – рече Царовска.
Друга активна инвестиција, информираше Царовска е во гимназијата „Мирче Ацев“, каде досега е извршена замена на кровот, а во моментов се работи на замена на фасадата, прозорците, подовите, се поставува лифт и се изведуваат тоалети за ученици со попреченост.
– Вкупната вредност на проектот е околу 37,6 милиони денари, а ќе се заокружи некаде во февруари 2022 година со што ќе добиеме целосно реконструиран и современ училишен објект за непречено следење настава и нормални услови за работа на наставниците – рече министерката.
Царовска потенцираше дека за актуелната Влада унапредувањето на состојбите и воопшто на квалитетот на националниот образовен систем од сите можни аспекти е еден од повисоките приоритети.
– Годинава имаме милијарда денари кои се наменети за подобрување на инфраструктурните услови, што споредбено со ланските средства е зголемување за 2,5 пати. Тие средства се распределуваат транспарентно, согласно јасно утврдени критериуми и повици на кои училиштата аплицираат со проекти – потенцираше Царовска додавајќи дека МОН продолжува да води политика на рамномерен развој и еднаков третман кон сите општини без разлика дали се урбани или рурални, затоа што, како што рече секаде живеат дечиња кои се еднакви и имаат право на еднаков пристап до квалитетно образование и образовни можности.