Фото: Архива

Свети Трифун е празник што е дел од православната традиција и се празнува според календарот на Македонската православна црква-Охридска архиепископија, а во Македонија се слави како заштитник на лозарите. Од друга страна, пак, Свети Валентин се слави повеќе во католичките земји, но кај нас последните десетина години масовно се одбележува меѓу младите како ден на вљубените

Свети Трифун или Свети Валентин? Секоја година на 14 февруари се отвора истата дилема, кој празник да се слави. Дали славењето на едниот или на другиот е погрешно и колку е во согласност со македонската традиција?
Свети Трифун е празник што е дел од православната традиција и се празнува според календарот на Македонската православна црква-Охридска архиепископија, а во Македонија се слави како заштитник на лозарите. Од друга страна, пак, Свети Валентин се слави повеќе во католичките земји, но кај нас последните десетина години масовно се одбележува меѓу младите како ден на вљубените.

Многупати се поставува една поделба дека православните треба да го слават само Свети Трифун, а католиците само Свети Валентин. Теолозите велат дека и двајцата светители се дел од христијанството, еднакво признаени и кај православните и кај католиците, но секој од светителите изградил одреден култ кај одредената црква. Сепак, истакнуваат дека Православната црква го слави и Свети Валентин, но не на 14 февруари, туку на 19 јули и на 12 август. Професорот Ратомир Грозданоски, теолог од Православниот богословски факултет во Скопје, на својот веб-портал пишува дека Свети Трифун и Свети Валентин биле многу далечни, едниот од Запад, а другиот од Исток, но не биле далечни како исток и запад, туку биле едно и заедно во Господа Исуса Христа, за кого и умреле, со иста вера – христијанска.

Посочува дека љубовта кон луѓето им била доказ и показ дека го сакаат Бога.
– Затоа, не треба да се прават поделби меѓу православните и католичките верници и да се спори за тоа кој што и кого има право да слави. Зашто велат, многу често се поставува тоа дека ако си православен, немаш право да го славиш свети Валентин, а штом си католик, тогаш не треба да знаеш за свети Трифун. Вистината е јасна и едноставна. Ништо нема спорно и ништо за бој на едни против други. Не се проблем светиите, верите и празниците, туку ние. Сè е јасно – објаснува теологот Грозданоски.

И двајцата светители, и свети Трифун и свети Валентин, посочува теологот, се свети маченици за верата христијанска, тие се свети мажи што си го дале животот за верата. Биле мачени и убиени заради Христа. Пострадале во времето кога христијанството било гонето и кога христијаните биле убивани само ако јавно говореле дека се христијани и ако други учеле во верата. Свети Трифун и свети Валентин живееле во третиот век и правеле многу добрини и чуда, помагајќи им на луѓето, пожртвувано до смрт.

– Дале сè што имале и себеси се дале за да им направат добро на другите, водени само од љубов кон луѓето и кон Бога. Такви биле и двајцата, добротвори, чудотворци и маченици. Свети Трифун бил убиен во 250 година, а свети Валентин во 273 година, 23 години подоцна. И на двајцата им била отсечена главата со меч, по наредба од царот – додава Грозданоски.


Од гускар до светец

Свети Трифун бил од едно селце во Мала Азија, во областа Фригија, од селото Кампсада. Родителите му биле многу сиромашни, па го дале од мал да ги пасе гуските во селото. Тој пораснал како беден гускар и како младич им служел на селаните и им помагал на сите во сè, а Господ го наградил за неговата добрина и му дал дар на чудотворство, да лекува болни и да ги заштитува лозјата, овоштарниците, градините, посевите и нивите. Да им прави добро на сите, и на луѓето, и на животните, и на растенијата. Ја излекувал дури и ќерката на царот. Отишол во Рим и ја излекувал. Се разбира, царот богато го наградил, а тој сето богатство им го раздал на сиромасите и им се придружил повторно ним, продолжувајќи да живее сиромашно, во пост и во молитва и да им прави добро на луѓето. Сиромавиот гускар брзо станал царски човек и богат човек, но тоа не го погордеало и тој пак се вратил кај гуските и кај луѓето, на кои им требала неговата помош. Потоа дошол друг цар на престолот, кој чул дека Трифун проповеда христијанство и му ја отсекол главата, а тој, и кога го мачеле, го славел Бога што му дал можност да страда за Христа и за верата христијанска. Главата му била отсечена на 14 февруари. Затоа и се празнува на овој ден.


Храбар свештеник убиен за верата

Во истото тоа време кога живеел свети Трифун во Азија – на Исток, во Италија, на Запад, живеел свети Валентин, во градот Интерамни, а потоа и во Рим, како затвореник, каде што бил и погубен. И тој, како свети Трифун, уште од младоста бил многу добар и истакнат христијанин, па Бог го избрал да стане и свештеник и проповедник на верата. Пастирствувал како добар пастир и им служител на Бога и на народот без страв, и не само тајно туку и јавно, пред сите, говорел за верата. Го викнале на суд во Рим, а тој и додека бил таму го правел истото тоа. Царот наредил да биде измачуван и убиен овој храбар и добар свештеник Христов, кој постанал свештеномаченик на целата Црква божја. Се упокоил на 12 август и црквата го определила тој датум за негов празник. Двајцата свети маченици се прогласени за свети и ги празнува целата црква и на Исток и на Запад – и Православната и Католичката – и двајцата имаат свои празници.