Министерот за здравство, Венко Филипче ја посети Специјализираната болница за превенција, лекување и рехабилитација на хронични, респираторни, неспецифични и алергиски лекувања Отешево. Поводот за посетата е 40 години од отворањето на установата и најава за нејзино реновирање.
Во присуство на директорот на болницата, д-р Александра Пили, градоначалникот на општина Ресен, Живко Гошаревски, министерот Филипче најави реконструкција на трите павиљони на установата.
– Оваа болница е единствена од ваков вид во државата токму заради спецификите на регионот кои придонесуваат во третманот на пациентите кои имаат хронични респираторни и алергиски проблеми. По четири децении, оваа установа добива поддршка за реновирање и наскоро ќе започне процесот на обнова – истакна министерот Филипче.
На годишно ниво во болницата се лекуваат околу 1.000 болнички пациенти, 1.300 амбулантски пациенти и стотина пациенти во дневната болница. Трите павиљони кои се планирани за обнова располагаат со капацитет од 72 болнички кревети, оддел за интерна медицина и оддел за физикална медицина. Работат двајца доктори по физикална медицина и рехабилитација, пулмо-алерголози, доктори по интерна медицина, како и по еден доктор на специјализација по интерна медицина и доктор на медицина.
Специјализираната болница за превенција, лекување и рехабилитација на хронични, респираторни, неспецифични и алергиски лекувања – Отешево е сместена на западниот брег на Преспанското Езеро и е со идеален гео-климатски фактор за лекување на пациенти со хроничен опструктивен бронхит, белодробен емфизем, бронхијална астма, фибрози, како и постоперативни состојби на бели дробови со намалена белодробна функција.