Македонија има направено голем напредок во борбата против ХИВ и туберколозата и во споредба со останатите земји во регионот има ниска преваленца на ХИВ, оценува директорот за комуникации при Глобалниот фонд, Сет Фејсон.
На попладневната прес-конференција во Скопје, директорот за комуникации при Глобалниот фонд посочи дека добрите здравствени програми и нивното финансирање се двата главни сегменти на кои треба да се работи за да се спречат овие болести.
– Мисијата на Глобалниот фонд е да го уништи постоењето на сида, туберколоза и маларија до 2030 година. Тоа е голема амбиција да се постигне за 12 години. За тоа е потребна голема политичка волја и владите во државите каде постојат овие болести треба да бидат партнери со граѓанските организации – вели Фејсон.
Од македонската Влада велат дека имаат обезбедено доволно буџетски средства за имплементација на сите програми за борба против овие болести.
– Кога е во прашање здравјето на нашите граѓани, не смееме да импровизираме. Обезбедивме доволно буџетски сопствени средства за да се имплементираат сите програми за борба против ХИВ и туберколоза. Ве уверувам дека заедно со граѓанските и со организациите на засегнатите групи граѓани ќе допреме до сите на кои им е потребна нашата помош – порача македонскиот премиер Зоран Заев на свечената церемонија на 39-тиот состанок на Одборот на Глобалниот фонд за борба против ХИВ, туберколоза и маларија.