Фото: Игор Бансколиев

Идејата за одбележување на овој ден потекнува од периодот 2006-2008 година, кога за време на светската криза за храна цената драстично се покачи, а сето тоа се чини најмногу влијаеше врз руралната жена. Токму одбележувањето на овој ден нѐ поттикна да истражиме каква е состојба во Македонија. Дали се враќа животот во руралните средини, кои во минатите декади масовно беа напуштани?

МЕЃУНАРОДЕН ДЕН НА РУРАЛНАТА ЖЕНА

Светскиот ден на руралната жена, кој од Обединетите нации се одбележува на 15 октомври, официјално се одбележува од 18 декември 2007 година, кога Обединетите нации со резолуцијата 62\136 ги признаа критичната улога и придонесот на жените во руралните средини, вклучувајќи ги и домородните жени, во подобрување на земјоделскиот и руралниот развој, подобрувањето на безбедноста на храната и искоренувањето на руралната сиромаштија.
– Идејата за одбележување на овој ден потекнува од периодот 2006-2008 година, кога за време на светската криза за храна цената драстично се покачи, а сето тоа се чини најмногу влијаеше врз руралната жена. Жените во руралните подрачја се обидуваа на секој начин да ги ублажат последиците од оваа криза, со тоа што се откажуваа од својата храна и им ја даваа на своите деца и сопрузи за да не гладуваат. Во тој период жените бараа повеќе работи за да можат да си дозволат храна за семејството – наведено е на страната на Обединетите нации.

Токму одбележувањето на овој ден нѐ поттикна да истражиме каква е состојба во Македонија. Дали се враќа животот во руралните средини, кои во минатите декади масовно беа напуштани?

Животот на село е многу потежок со оној во градовите. Многу од селата во Македонија немаат канализација, немаат вода за пиење, немаат основни услови за живот. Онаму, пак, каде што тоа не е случај, сепак проблем е живеењето, односно образованието, вработувањето… Тоа се најголемите причини поради кои граѓаните, независно од возраста и полот, масовно мигрираат во урбаните средини, каде што можат да си обезбедат многу полесен живот. Но има и такви што животот на село не би го менувале за ништо. Има и жени што свесно го напуштиле животот во градот и заминале да живеат на село, ловејќи ги сите предизвици што ги нуди таквиот живот.
Елена Арсовска заедно со својот сопруг и двете (сега веќе три) деца одлучува да замине и да живее во близината на Кратово, во селото Шлегово.
Таа вели дека, и покрај тоа што градот им нудел повеќе можности, сепак се одлучиле за слободата.

– Не успеавме да се вклопиме во сѐ, да издржиме под притисокот на градот и не навикнавме на брзото темпо на живеење. Сакавме слобода, сакавме сами да го креираме сопственото време, но сакавме и да живееме на поздрав начин. Јас потекнувам од село, добро го познавав селскиот живот, можев да ја согледам разликата помеѓу селото и градот и не ми беше тешко да се одлучам на таков чекор, бидејќи ги немав оние предрасуди за селскиот живот што најчесто ги имаат луѓето што се растени во град – вели Елена.

Таа истакна дека во поглед на слободата што може да се има на село, во поглед на тоа колку поздраво може да се живее, разликата е огромна, но со напредокот на технологијата сепак многу удобности што може човек да си ги дозволи во град, може да си ги дозволи и на село.

– Обично луѓето замислуваат дека селскиот живот е назаден, но воопшто не е така. Нам сѐ ни е достапно и тука, по потреба често одиме и до град, така што не сме се лишиле од ништо, а сме добиле многу. Добивме многу слободно време, чист воздух за дишење, здрава храна. Што се однесува до финансиите, тука имаме и помалку трошоци. Нашиот план од почетокот беше сами да произведуваме храна за свои потреби, но сѐ уште не сме го постигнале тоа, сепак сме на почеток и има уште многу да учиме. Фокусот ни е на тоа како со најмалку вложен труд да добиеме максимална добивка, па полека изучуваме пермакултура, садење со максимална заштеда на простор во вертикални градини, садење во вреќи и така натаму – вели таа.

Додава дека учат од локалното население за животот на село. Вели дека учи според некои стари методи, но и од Интернет и модерните странски интернет-страници, каде што градинарството веќе достигнало нова модерна димензија.
– Сакаме да направиме спој на сето тоа, да не сме врзани постојано со градината, да имаме време за многу други нешта во денот, а сепак голем дел потреби за храна да ни бидат задоволени – раскажува Арсовска.

Таа вели дека секој ден им е различен, оти немаат некој посебен ред.

– Она што сакаме да го правиме често е да шетаме по планините, да береме лековити билки, печурки или шумски овошја, па голем дел од времето ни поминува така. Најголемата придобивка овде можеби е тоа што децата тука имаат можност да имаат исполнето детство, поголем дел од времето се надвор, играат фудбал, играат и други детски игри, не го поминуваат денот пред компјутер и телефон, тука е и многу побезбедно за детска игра отколку во град – вели таа.

Вели дека воопшто не ѝ е тешко, бидејќи заедно со сопругот решаваат сѐ, меѓусебно си помагаат, а за децата вели дека уживаат.

– Децата одат на училиште, се образоваат, но дома им е вистинско уживање. Слободни се во природата да прават што сакаат, не се врзани за компјутери, за телевизори, едноставно препуштени се на нивната фантазија. И ова не е единствен пример на семејства што се одлучуваат градот да го заменат за село. Покрај одгледувањето здрава храна, во последно време сѐ повеќе добива на интензитет и руралниот туризам, при што се обновуваат старите куќи во селските средини. Според упатените, на Македонија, како чиста, незагадена и здрава животна средина, богата со шуми и реки, овие трендови ќе ѝ донесат и економска бенефиција, но и поголема афирмација во светот, со оглед на сѐ поголемиот интерес кај странците за вакви посети.