Тенденцијата за невклучување образовни експерти во клучните стратегиски и законски решенија во нашата земја не е нова, напротив, трае подолг период, што резултира со несоодветни образовни политики и лоши образовни продукти
Новиот закон за основно образование крена прашина во јавноста, особено откако професорите од Институтот за дефектологија, му се налутија на министерот за образование и наука Арбер Адеми, кој воопшто не ги вклучил во изработка на законот, иако тие, како што велат, се најстручни во областа на инклузија на децата со посебни образовни потреби. Истото тоа се случи и со професорите на Институтот за педагогија, од каде што преку отворено писмо реагираа дека ниту со нив, како најстручен кадар, не се направени консултации во процесот на изработка на законот.
По нивните реакции во јавноста, Адеми се сретна со професорите на двата института, но засега сѐ уште нема епилог како ќе се решат најспорните точки во законот, меѓу кои е и целосната инклузија на децата со посебни потреби.
– Целосна инклузија во редовното образование на сите деца со полесни и потешки форми на попреченост е нешто што не може да се случи. Ако тоа се реализира, ќе нема услови за работа во училиштата. Се видовме со министерот, има многу работи што се сензибилни. Има интерес од Владата да нѐ послушаат нас, универзитетските професори кога станува збор за инклузијата во образованието. Најголем број од европските држави имаат специјални училишта и имаат комбинирана инклузија како кај нас. Мал е бројот на држави во кои има целосна инклузија.
Таков пример е Италија. Таму нема специјални училишта, но не се државни. Школите во кои има инклузија, имаат совршени услови за работа, тон нагледни средства и ангажиран е голем број вработен кадар. Како што е замислен законот сега, не може да помине бидејќи не може да не постојат специјални училишта. Не може тие деца да немаат настава и да нема дефектолози. Ако детето има тешка попреченост, тоа има право на образование се разбира, но дали некој ги прашал наставниците во основните училишта, како би ги едуцирале тие деца? Ова не смее да се дозволи, на наставниците би им било многу тешко да работат – вели професорот Горан Ајдински од Институтот за дефектологија.
Во процесот на подготовка на законот се вклучени и од УНИЦЕФ. Прашавме зошто тие форсираат целосна инклузија во услови кога институциите немаат создадено минимум услови за работа со деца со потешки случаи.
Како што објаснува Вера Кондиќ Митковска, раководителка на тамошното одделение за образование и ран детски развој, истражувањата покажувале дека децата со попреченост и децата со типичен развој постигнуваат подобри образовни резултати кога учат заедно во редовно училиште.
– Оттаму целосната инклузија на деца со попреченост во редовното образование е придобивка за општеството, но исто така претставува и обврска на земјите-потписнички на Конвенцијата за правата на лицата со попреченост. УНИЦЕФ целосно го поддржува процесот на инклузија и ова се чекорите, кои сметаме дека треба да се направат за да се спроведе овој процес. Со намера да се подготват училиштата и другите чинители за подобра инклузија на децата во образовниот процес, во моментов се работи на пилотирање на нов и подобрен систем на процена на дополнителните потреби за децата со попреченост и нивните семејства. Целта е да се идентификуваат можностите и потребите на секое дете и заедно со нивните родители да се утврдат услугите што ќе придонесат кон подобра инклузија во училиштата. Овој систем се нарекува „функционална процена на попреченост“ и се спроведува врз основа на Меѓународната класификација на СЗО за функционирање, попреченост и здравје (МКФ), која се применува во многу земји во светот – објаснува Кондиќ Митковска.
Според неа, потребни се адаптации на наставните програми и планови, а новото законско решение за основно образование предвидува покрај националната наставна програма и нејзина адаптација преку изработка на индивидуален образовен план да се изработи и модифицирана наставна програма наменета за учениците со комплексни образовни потреби преку која учениците ќе се стекнат со компетенции за самостојно живеење, личен развој и социјални односи. Освен тоа, потребна е и подготовка на наставниот кадар.
Какво законско решение ќе се одбере кога станува збор за инклузијата, останува да видиме. Во Министерството за образование и наука засега не информираат за ништо конкретно. Според некои очекувања, законот ќе биде усвоен во текот на летото, за од септември да започне неговата примена.