Верските аналитичари велат дека иако украинското и македонското црковно прашање се сосема различни, сепак, македонските владици треба да бидат исклучително внимателни во евентуалните идни разговори со Вселенската патријаршија, кога и да се случат. Особено предупредуваат дека сериозен проблем може да се јави доколку вселенскиот патријарх инсистира македонската црковна дијаспора да потпадне под негова јурисдикција
Дали најавите за нови поделби во украинската црква се сериозни или, пак, станува збор за судир на влијанија меѓу почесниот патријарх Филарет и актуелниот поглавар на Украинската православна црква (УПЦ), митрополитот Епифаниј? Колку оваа состојба во Украина треба да биде аларм за владиците на Македонската православна црква – Охридска архиепископија да бидат исклучително внимателни во идните разговори со Вселенската патријаршија. Само шест месеци откако вселенскиот патријарх Вартоломеј го потпиша томосот за автокефална црква во Украина се случува нова поделба. Поранешниот киевски патријарх Филарет, кој сега ја има улогата на почесен патријарх на Украинската православна црква, тврди дека не се согласува со овој томос и најавува негово отповикување, посочувајќи дека Украинската црква само на хартија е автокефална, а во суштина е потчинета на Цариградската патријаршија.
Интересно е што овие јавни обвинувања доаѓаат по смената на претседателот во Украина и многумина аналитичари сево ова го поврзуваат и со политиката во тамошната држава.
Патријархот Филарет, пак, тврди дека не ја знаел содржината на томосот кога се согласил за прифаќање на томосот издаден од вселенскиот патријарх.
Во основа, проблемот се поврзува со три аспекти од томосот, кои според патријарх Филарет не ја прават УПЦ автокефална, туку потчинета црква на Константинопол. Првиот е што УПЦ нема да може сама да вари свето миро и треба да го зема од Цариград, втората што за сите спорови во УПЦ треба да решава вселенскиот патријарх и третата е што Украинската автокефална црква ќе нема право да формира цркви во дијаспората, туку Украинците во светот треба да бидат под капата на Вселенската патријаршија.
„Нова Македонија“ во неколку наврати анализираше колку македонското и украинското црковно прашање имаат сличности и разлики и дали Вселенската патријаршија може да одигра клучна улога во признавањето на МПЦ-ОА, во контекст на преземените канонски процедури за признавање на автокефалноста на Украинската црква.
Владиците на МПЦ да бидат внимателни
Верските аналитичари велат дека иако украинското и македонското црковно прашање се сосема различни, сепак, македонските владици треба да бидат исклучително внимателни во евентуалните идни разговори со Вселенската патријаршија, кога и да се случат. Особено предупредуваат дека сериозен проблем може да се јави доколку вселенскиот патријарх инсистира македонската црковна дијаспора да потпадне под негова јурисдикција.
Новинарот Мирче Адамчевски, кој многу години работеше како дописник од Русија и ги познава околностите во Украина, вели дека анализата на украинското црковно прашање е важна поради нашето барање на автокефалност од Константинопол.
– Сево ова што се случуваше и се случува со православната црква на Украина ќе се случува и со нас. Прво ќе треба да го смениме името на црквата. Второ, наместо под Српската црква ќе треба евентуално да ѝ се потчиниме на Константинополската црква.
Или како што вика Филарет, на Грците. Трето, има многу заткулисни игри, во кои Константинопол бара вклучување на политиката, украинските претседатели и македонските премиери. Не е лошо нашиве да пратат делегација во Украина и на самото место да дознаат на што биле подложени Украинците во битката за автокефалност. Да научат нешто и ако може да одбегнат некои несакани ситуации. Да научат дека ќе ни ветуваат, ама нема да има никакви рокови. Да научат дека ќе се бара обединување на православните цркви во Македонија. Да научат дека тие нема да влијаат врз кадровската политика. Дека Македонците во странство ќе мора да ѝ се потчинуваат на Константинополската црква. И конечно дека тешко оди битката за независна држава, а истовремено и независна црква – истакна Адамчевски.
Дијаспората најголем предизвик
Верските аналитичари велат и дека знаејќи ги ставовите и позициите на Македонците во дијаспората и проблемите што со години МПЦ ги имаше со формалното функционирање на тие црковни заедници, тешко дека тие ќе се согласат да ја признаваат Вселенската патријаршија за своја црква.
– Тоа може да предизвика сериозен раскол, па дури и создавање нова задгранична македонска православна црква. Токму ова прашање за дијаспората ќе биде најголемиот предизвик за македонските владици во разговорите со Вселенската патријаршија. Втор важен момент, според нив, најверојатно ќе биде и процесот за обединување на кој, веројатно, ќе инсистира патријархот Вартоломеј, а тоа е МПЦ да најде начин како да ја инкорпорира ПОА во своите редови, секако, доколку такво нешто би прифатила Српската црква. Што се однесува, пак, до правото на Вселенската патријаршија да биде апелациски судија за споровите во МПЦ, тоа според верските аналитичари нема да биде сериозен проблем, затоа што такво право вселенскиот патријарх има и во други автокефални цркви. И за варењето на светото миро може лесно да се најде заеднички јазик, особено ако тој чин се гледа низ призмата на изразување единство на црквата – додаваат верските аналитичари.
Патот за автокефалност оди само преку Вселенската патријаршија
Како што толкуваат познавачите на состојбите, Вселенската патријаршија во моментов игра многу важна улога во православниот свет преземајќи ја одговорноста за решавање на најтешките прашања. Тоа што ѝ додели томос за автокефалност на Украинската црква, за МПЦ може да значи отворен пат по кој лесно ќе се стигне до автокефалност. Ќе се смета за сосема легитимно ако Вселенската патријаршија и за Македонија го примени истиот принцип како за Украина.
Низ историјата е познато дека секоја црква има свој пат и својот статус го решавала на различен начин, а на некои цркви им биле потребни и векови да го воспостават самостојниот црковен статус во православието.
МПЦ има став од кој нема да отстапи, а тоа е дека решението на нејзиниот статус е само признавање на автокефалноста во суштинска смисла, зашто црковниот живот во Македонија, всушност, е континуитет од некогашната Охридска архиепископија, возобновена во лицето на МПЦ-ОА.