Дека на теренот навистина се случува нешто, на некој начин навестува и посетата на американскиот амбасадор и координатор за борба против тероризмот, Нејтан А. Сејлс, на неколку балкански држави, додека безбедносните експерти потсетуваат на постојано присутната опасност од овдешните симпатизери, а, пред сѐ, од поранешни припадници на ИСИС во Ирак и во Сирија
Балканот, а со тоа и Македонија, поради специфичната геостратегиска положба и мултиетничноста е секогаш под ризик од конкретен терористички акт, велат експертите. Од тие причини, тие сметаат дека определбата регионот да влезе под чадорот на НАТО и на ЕУ ќе значи поголема безбедност во рамките на еден глобален систем иако, според нив, регионот и Македонија од геополитички аспект не прават нешто специфично што би го предизвикало тероризмот, кој засега е насочен кон Западна и Средна Европа.
Говорејќи за проблемот со заминувањето на државјани на Македонија на странските боишта Благоја Марковски, од Балканскиот форум за безбедност, подвлекува дека државата има закон за кривично санкционирање на таа појава, дека повратниците од странските боишта претставуваат реална закана на микрониво и дека е потребно да се води сметка за нивната дерадикализација.
Сличен став има и Милан Стефаноски, кој додава дека нашата земја, сепак, слично на повеќето држави од регионот, има активна улога во сите меѓународни организации за сузбивање на тероризмот и дека тесно соработува со највисоките безбедносни служби за сузбивање на тероризмот, преземајќи мерки.
Тој вели дека Македонија гледано посебно во целата приказна можеби е една од најактивните држави во битката со тероризмот бидејќи е придружничка во борбата против тероризмот како дел од меѓународната коалиција за сузбивање на оваа закана, која доаѓа од Блискиот Исток.
Во тој контекст е и неодамнешната изјава што заменик-министерот за внатрешни работи, Агим Нухиу, ја даде на неодамнешната меѓународна конференција „Профилирање и идентификација на странски борци-повратници“, во организација на МВР и мисијата на ОБСЕ во земјава.
– Странските борци се поврзуваат со меѓународните терористички мрежи и поради тоа се сметаат за терористичка закана по враќањето во нивната држава на потекло или вообичаено живеење – рече меѓу другото, заменик-министерот за внатрешни работи.
Тој додаде дека согледувајќи ја природата на овој глобален феномен, Министерството за внатрешни работи е посветено на остварување активности во насока на спречување трансфер на странски борци, кои имаат намера да вршат напади на цели низ Европа, детектирање евентуални врски помеѓу терористите со криминалните мрежи што го „олеснуваат“ шверцувањето безбедносно-ризични лица, како и зајакнување на меѓународната соработка, како клучна алатка за рана детекција и навремено попречување на овие безбедносни ризици и закани.
А дека на теренот навистина се случува нешто, на некој начин навестува и посетата на американскиот амбасадор и координатор за борба против тероризмот, Нејтан А. Сејлс, на неколку балкански држави.
Според соопштението на американскиот Стејт департмент, за време на престојот во Босна и Херцеговина, Албанија и во Косово, кој почна во вторникот и трае до денеска, Сејлс, со своите домаќини ќе води билатерални разговори во врска со борбата против тероризмот и против учеството на државјани од овие земји во терористички организации во странство, како и за законското гонење на терористите и безбедноста на границите.
Претходно, во последниот извештај на Стејт департментот за тероризмот и насилниот екстремизам беше истакнато дека Македонија соработува тесно со САД во антитерористичките напори и се посочува дека македонските власти проценуваат дека припадници и симпатизери на ИСИС се присутни во државата.
– МВР и разузнавачките агенции проценуваат дека најмалку 150 македонски државјани патувале за да им се приклучат на терористичките групи во Сирија и во Ирак. Од нив, 30 се убиени, 40 и понатаму се присутни таму, додека 80 се вратиле во Македонија – стои во извештајот на Стејт департментот.
Во документот на САД дополнително се наведува и дека земјата презема мерки за зацврстување на легислативата и зајакнување на капацитетите за борба против тероризмот и неговото финансирање, како и за зајакнување на сајбер-безбедноста и соработката со меѓународните партнери. А.С.