Успешната борба против криминалот, а особено успешноста на полицијата во борбата против илегалната миграција и криумчарењето мигранти е најдобро рефлектирана во заедништвото и партнерството кое на дневна основа го применуваат полициските службеници на Република Северна Македонија и полициските службеници припадници на полициите од земјите од регионот и од земјите членки на ЕУ, рече денеска на прес конференцијата на Граничниот премин „Богородица“ заменикот на претседателот на Владата на Република Северна Македонија и министер за внатрешни работи Оливер Спасовски, кој заедно со заменикот на претседателот на Владата на Република Северна Македонија, задолжен за европски прашања, Бујар Османи денеска ги посетија полициските службеници на јужната граница.
Министерот Спасовски ја потенцираше благодарноста до Чешка, Полска, Унгарија, Словачка, Србија, Словенија, Хрватска и Австрија за испраќањето на своите полициски службеници кои заедно со македонските полициски службеници, повеќе од три години учествуваат во заеднички гранични операции и успешно се справуваат со сериoзните миграциски предизвици.
-Нашите полициски служби се подготвени за справување со сите предизвици и оттаму особено сум горд на нивната заедничка заложба да бидат ефикасна брана за илегални мигранти. Во 2018 година има тренд на зголемување на откриените случаи на криумчарење мигранти во споредба со 2017 година, а пред само неколку недели, успеавме да сузбиеме 20-члена организирана криминална група. Барајќи нови модуси да им застанеме на патот на криминалците и да го спречиме нивното дејствување, си поставивме цел да ги зајакнеме националните капацитети. Сфативме дека тоа бара мулти-дисциплинарен пристап и вистински заложби на клучните актери во процесот на сузбивање на криумчарењето на мигранти. Оттаму, под раководство на јавните обвинители и со активно партиципирање на околу 50-тина полициски службеници, пред само една година воспоставиме Task Force за криумчарење мигранти и трговија со луѓе. Воспоставувањето на оваа структура беше стратешки приоритет кој успеавме да го реализираме. Од оваа перспектива можам да изразам задоволство што приоритетите се реализаат и во пракса даваат резултат. Но овде не застануваме. Република Северна Македонија дели заеднички приоритет со ЕУ за безбедни граници. Оваа цел ќе ја постигнеме со заедничко дејствување. По официјалното парафирање на Договорот со Европската гранична и крајбрежна стража (ФРОНТЕКС), набрзо ќе следи и негово потпишување- рече Спасовски.
Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи ја потенцираше важноста од успешната имплементација на реформите во областа на миграциите, како за внатрешната стабилност на земјата, така и за напредокот во рамките на европските интеграции.
-Целта на оваа посета е на лице место да направиме увид во реализацијата на реформите како основа за успешно создавање на т.н. ‘трак- рекорд’, односно позитивни примери од кои се гледа зрелоста на нашите институции во работењето согласно европските правила и стандарди- истакна Османи, посочувајќи на чувствителноста на периодот за нашите европски интеграции, имајќи ја предвид важноста на претстојниот Извештај на Европската комисија, а во пресрет на јунскиот самит на Европскиот совет, каде земјава очекува конфирмација на одлуката за почеток на преговорите за членство оваа година.
-Успешноста во изградбата на партнерството на земјава со Европската Унија и земјите – членки, најјасно е изразено токму преку соработката во справувањето со мигрантската и бегалската криза и имплементацијата на реформите во областа на миграциите, успех што е остварен и со значајна финансиска помош на ЕУ преку ИПА средствата, во висина од неколку десетици милиони евра“- информираше Османи, посочувајќи на т.н „Специјални ИПА мерки“ преку кои изминативе години е обезбедена набавка на неколку десетици теренски возила, булдожери, минибуси за превоз, амбулантни и возила за собирање отпад, и сл., како и финансиски средства за оперативни трошоци за соработката на нашите служби со службите на земјите членки во насока на обезбедување соодветна подготвеност за справување на земјава со предизвиците во однос на миграцијата.