На денешната владина седница е прифатена препораката на Комисијата за заразни болести во врска со отворањето на студентските и средношколските ученички домови, според која тие треба да бидат отворени со почитување на протоколите за сместување со дополнување дека во една двокреветна соба може да биде сместено само едно лице, а во соба со повеќе од два кревета може да бидат сместени максимум две лица.
Во оваа насока, по предлог на Министерството за образование и наука, Владата до Собранието ќе достави предлог-закон за дополнување на Законот за студентскиот стандард и предлог-закон за дополнување на Законот за ученичкиот стандард.
Со измените содржани во овие предлог-закони се уредува дека во услови на вонредни околности (утврдено постоење кризна состојба, прогласена епидемија, односно пандемија, пожари, поплави или други големи природни непогоди) на студентите и на учениците што конкурирале на конкурсот за сместување во студентските и ученичките домови и на кои им се одобрени барањата за сместување, но поради намалениот број сместувачки легла не може да се сместат во студентски дом, да им се исплаќа месечна сума за покривање на трошоците за приватно сместување, односно месечна сума за покривање на трошоците за превоз од местото на живеење до местото во кое се одвиваат студиите, а за чија висина одлучува Владата на Република Северна Македонија.
Се оценува дека поради намалениот капацитет на користење сместувачки легла во студентските домови, приватно сместување или превоз од местото на живеење до местото во кое се одвиваат студиите ќе користат 884 студенти и 347 ученици.